Солун го слави својот висок јубилеј од дури 60 години, па сепак, ако судиме по атмосферата, како да не се одржува фестивал. Многу чудно, но некако Солун е празен, нема луѓе, барем не онака раздвижено, како што порано сме навикнале да биде, нема енергија, нема расположение, нема чувство дека се случува нешто што е многу важно за градот, но и за земјата. Паметиме во Солун многу поинакви изданија. Кога едноставно градот дишеше со фестивалот, кога беше преполно, кога од редици не можеше да се добие карта ниту еден ден однапред, кога сме влгувале во кино во таква гужва, и кога немало седишта, па се седело и на скали. Особено на потегот меѓу пристаништето, каде што се сместени фестивалските простории, но и четири киносали, па до плоштадот Олимпион, што е дефинитивно, најубавиот дел од градот, секогаш било преполно, едноставно во воздухот се чувствуваше таа фестивалска атмосфера која инспирираше и која ве тераше да бидете секаде, да видите сè. Дури порано и сме се чуделе, што на некои особено домашни односно грчки филмови била таква гужва и такви аплаузи, а се работело за просечни филмови. И не само грчки. Кога ќе се слушнеше дека некој филм е добар, за него немаше шанси да се најде билет, па се наоѓаа начини да се влезе и да се седи на скали, на кои исто така понекогаш немаше место, па дури се проследуваа проекции и стоејќи.
Но, од тоа време, денеска нема ништо. И претходниве неколку години фестивалот паѓаше, но вака не било никогаш. Толку многу да нема атмосфера, да нема луѓе, дури и салите се полупразни, повеќето се повозрасни посетители, а карти можат да се најдат во секое време. Не дека нема млади, особено што последните години најмногу млади и работат на фестивалот, но тоа не менува многу. Тука се, ќе ги видите на пристаништето, покрај морето, на тој прекрасен и многу убаво среден дел, но се чини повеќе заради дружење, отколку заради фестивалот. Навистина чудна атмосфера, како издишан балон.
А факт е дека организаторите се потрудиле максимално, барем онолку колку што можеле и умееле. Фестивалот годинава, кој трае цели 11 дена, односно од 31 октомври до 10 ноември нуди дури 252 филма, распоредени во 30 програми. А тоа е само официјалната програма, бидејќи Солун има и доста голем индустриски дел, така што може да се каже дека во регионов дефинитивно е најобемниот фестивал, кој се обидува и да открива и да има влијание за регионот, па и пошироко, какво што имаат големите фестивали за светот. И во него многу и се вложува. Како што потенцираше директорката, Елисе Жаладу, за нив одржувањето на овој фестивал не е само задоволство, туку и одговорност, затоа што самата бројка од 60 години е скапоцено наследство. „Шеесето издание, не е само годишнина, туку и брилијантна потврда на ветувањето дадено пред многу години, дека нема никогаш да престанеме да бараме нови форми на изразување и комуникација, да нудиме нови и различни слики, да бидеме отворени за иновативност и радикалност“, потенцира Жаладу, додавајќи дека денеска го обновуваат овој завет.
Но, како што рековме, за жал, сето тоа не кореспондира со она што се случува и со начинот на кој публиката денеска го доживува фестивалот. Со многуте промени, направени на фестивалот, во кој секако имаше удел и политиката, многу работи низ годините се сменија и фестивалот го изгуби оној ореол што го имаше. Но, како и да е, да позборуваме за програмата. Во конкуренција видовме еден многу интересен австриски филм, насловен „Лилијан“ во режија на Андреас Хорват, чиј продуцент е познатиот австриски контроверзен режисер, Улрих Сеидл. Она што е необично е што приказната за Лилијан е вистинска, а станува збор за една емигрантка, која откако ќе и истече визата во САД и нема да може да најде работа, ќе тргне пеш кон Русија.
Приказната навистина делува како нешто кое е невозможно да се случи, па големо изненадување е дека тоа е вистинска сторија која се случила во 1926 година. Полската емигрантка Лилијан Алинг ќе реши да се врати дома пеш и ќе тргне преку Канада, ќе стигне до Аљаска, за потоа веќе никој ништо да не слушнал за неа. Тоа е приказна која инспирирала многумина, и како што велат на оваа тема има направено сè, романи, претстави, па дури и опера, но не и филм. Андреас Хорват ќе реши да ја направи и да ја смести во некое денешно време, обидувајќи се да проговори и за индиферентноста, за апсурдноста и затвореноста на општествата, за кои луѓето како Лилијан се невидливи. Интересно е дека во целиот филм Лилијан, која ја игра Патриција Планик, инаку полска визуелна уметничка, не прозборува ни збор, но е навистина извонредна во доловувањето на целата таа состојба на безизлез во која ќе се најде Лилијан. Се разбира, дека иако има и документарни елементи, ова е фикција, но го држи вниманието, па и покрај тоа што нема дијалози, сепак, постојано има еден интензитет со кој многу добро е водена приказната.
Во главната програма, пак, го видовме новиот филм на Рунар Рунарсон, инаку познат и наградуван исландски автор, чиј „Ехо“ е навистина особен филм. Тој низ точно 56 многу различни сцени, што се случуваат за време на Божиќните празници, прави еден неверојатен портрет на исландското општество. Особено интересна е почетната сцена, кога во тој прекрасен бел пејзаж гори една куќа, што многумина го споредуваат со Тарковски, а всушност, се работи за одлука на наследниците да ја изгорат куќата затоа што да се направат поправки би чинело многу итн, итн.
Инаку, една од идеите на фестивалот е за 60 години да бидат изложени 120 фотографии низ целиот град, на оние места кои на свој начин се поврзани со фестивалот, но не само заради филмот, туку заради животот. Бидејќи фестивалот тоа и сака да го постигне, да ја покаже поврзаноста на фестивалот и градот, да го долови тој дух, да покаже дека тоа е неговиот дом. Годинава во тој знак, се разбира се и визуелните решенија. Ликовите на постерите се ангелски и тие ја симболизираат добрината. На нив се испишани зборови и асоцијациите на филмови, моменти и луѓе, во знакот на целиот овој шестдецениски историјат. Овие ликови треба да нè потсетат токму на различноста и на тоа дека ако се потрудиме да ги разбереме другите, ќе видиме дека во суштина и не се разликуваме толку многу.