понеделник, јануари 20, 2025
домаНасловна„Срцето на Сараево“ за филмот „Егзил“ на Висар Морина

„Срцето на Сараево“ за филмот „Егзил“ на Висар Морина

Наградите за најдобри улоги им припаднаа на Марија Шкаричиќ и Вангелис Моурикис, а за најдобра режија беше награден Ру Хасанов од Азербејџан.

Пишува: Сунчица Уневска

„Срцето на Сараево“ на 26. Филмски фестивал му припадна на филмот „Егзил“ на албанскиот режисер Висар Морина. Интересно е дека „Егзил“ многу скромно го пробиваше својот пат, за разлика од претходниот филм на Морина, „Татко“, иако станува збор за многу покомплексен и одлично направен филм. Овој втор долгометражен филм на Морина својата светска премиера ја имаше на фестивалот во Санденс, а потоа беше прикажан во програмата „Панорама“ на Берлинскиот филмски фестивал. Досега нема освоено многу награди, освен во Тајпеј и германската награда за сценарио, но публиката и критиката го примија многу добро, за него беа напишани бројни рецензии и веќе сите го знаат како еден од годинешните фаворити, но факт е дека ова е првата главна награда за овој филм. Што е навистина чудно.

Одличниот филм „Егзил“ конечно ја освои својата прва главна награда

Висар Морина, кој е роден во Приштина, а веќе подолго време живее во Келн, со два краткометражни и два долгометражни филма покажа исклучителен талент и направи филмови кои ќе се паметат. Умее Морина да го спои совршено занаетот, но на филмот секогаш да му даде и душа, да му даде емоција, да допре до гледачот на правиот начин и да отвори многу важни прашања. Така е и со „Егзил“, кој дефинитивно е работен на неколку нивоа, и во себе носи неверојатни пораки што зборуваат многу проникнувачки за човечката природа, но и за состојбата на мигрантите и странците во други земји, не заборавајќи ја и другата страна, која се наоѓа во истата незавидна положба. Но, тука е и мешаниот брак, тука е паранојата и дискриминацијата, тука е идентитетската криза, и уште бројни прашања кои се многу вешто вклопени во приказната, која е исто толку модерна, колку и полна со стереотипи. Но, секако многу е важно да знаете како со сето тоа да играте, а да добиете компактна и многу добро направена приказна, во која секој може да се пронајде.

Филмот од Азербејџан, „Внатрешен остров“, носи слична приказна како „Сјај“, за еден злоставуван, но исклучително надарен шаховски мајстор

Жирито предводено од францускиот режисер и сценарист Мишел Хазанавициус („Уметник“), Наградата за најдобра режија му ја додели на режисерот од Азербејџан, Ру Хасанов, за неговиот автентичен и особен филм „Внатрешен остров“. Приказната во овој филм е биографска и потекнува од еден напис во „Њујорк тајмс“ во 1990-тите години под наслов „Татковиот пион“. Во него, како што раскажува Хасанов, станува збор за затруената врска меѓу татарското шаховско чудо и неговиот татко, кој му бил и тренер. Сејмур Тахирбеков е интернационален шаховски велемајстор, кого доминантниот татко физички и ментално го злоставувал. Оваа приказна, да се потсетиме, е многу слична на приказната во филмот „Сјај“ за врвниот пијанист Дејвид Хелфгот, иако филмот е многу различен. Ру Хасанов прави спој со црно-бели архивски снимки, за кои, како што вели, сто проценти се автентични. Ова е приказна за бегството и за ослободувањето, но пред сè, приказна за љубовта односно недостатокот на љубов. Инаку, „Внатрешен остров“ е втор филм на Хасанов, кој по вокација е монтажер.

Наградата за најдобра женска улога и припадна на Марија Шкаричиќ за улогата во филмот „Маре“

Наградите за најдобри улоги ги добија Марија Шкаричиќ и Вангелис Моурикис. Марија Шкаричиќ е навистина одлична во улогата на Маре во истоимениот филм, жена која си го сака своето семејство и бескрајно им е посветена на своите деца, но често копнее за нешто повеќе и се чувствува како странец во својата куќа. Маре ќе започне врска со полскиот работник Пјотр, која ќе придонесе кон нејзино преиспитување, ќе донесе предизвици и барање на простор, но жената, како што индиректно зборува режисерката Андреа Штака во овој хрватско-швајцарски филм, не ја одредува само нејзината традиционална улога, бидејќи таа е многу повеќе од тоа.

Додека Вангелис Моурикис ќе го одбележи филмот „Копач“, еден, како што го нарекуваат „модерен вестерн“, за осамениот фармер што живее сам во шума, во планините на северна Грција. Како што вели неговиот режисер Георгис Григоракис, во него си поигруваат со идејата на вестернот и со некои елементи на жанрот, но главниот фокус е на семејната приказна, на односот меѓу таткото и синот, кои биле долго време раздвоени, како и на проблемот со искористувањето на природните ресурси од страна на корпорациите. „Во сенката на климатските промени, вели Григоракис, кои ја загрозуваат егзистенцијата, стана нужно поврзувањето на човечките приказни со приказните на оваа планета.“ А Моурикис балансира одлично меѓу архетипскиот судир на таткото и синот, и балканската дивина полна со напнатост и насилство во која тој се претвора во мрачен и нежен антихерој.

Изненадување донесоа наградите во документарната програма, каде што имаше извонредни филмови и многу значајни теми. Па сепак, жирито во кое беа Лејла Дедиќ од Босна и Херцеговина и Горан Девиќ од Хрватска, „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм му го дадоа на Младен Ковачевиќ за „Среќен Божиќ, Јиву“, приказна за еден град со 600 божиќни фабрики, каде што луѓето се заглавени помеѓу кинеската традиција и новиот кинески сон. Специјалната награда на жирито, пак, што е уште понеобично, ја доби романскиот филм „Светиот татко“ на Андреј Даскалеску, кој низ филмот му се обраќа на светиот татко барајќи одговори и помирување во моментите кога очекува да стане родител.

Романскиот филм „Акаса, мој дом“ ја доби Наградата за човечки права

Единствениот филм кој се издвојува и кој веќе имаше бројни признанија, е „Акаса, мој дом“ на Раду Корникиус, една исклучителна сторија сместена на самата делта на Дунав во Букурешт, каде што живее едно ромско семејство со нивните девет деца повеќе од 20 години, за потоа да бидат избркани и натерани да живеат во град. „Акаса, мој дом“ ја доби Наградата за човечки права.

Наградата за најдобар краток филм и квалификација за номинација за наградата „Оскар“ му припадна на хрватскиот филм „Антиотпад“ на Тин Жаниќ, додека наградата „Аудентиа“, која се доделува петти пат и за која оваа година како домаќин беше избран Сараевскиот фестивал, ја доби Наталија Јефимкина за филмот „Гаражни луѓе“. „Аудентиа“ претставува храброст и одважност и нејзина цел е промовирање на рамноправност на половите во европската филмска индустрија.

Почесните срца на Сараево оваа година ги добија мексиканскиот режисер Мишел Франко и данскиот актер Медс Микелсен. И на крајот, да потсетиме дека годинава во Сараево светска премиера имаше и краткиот филм на македонскиот режисер Леон Ристов, „Ќе му се јавам на татко ти“, што не е воопшто случајно, бидејќи станува збор за доста солидно остварување во кое Ристов покажува зрелост за еден млад автор. Овде уште да кажеме дека во индустрискиот дел поддршка за ТВ драмата „Амбис“ повторно доби Марјан Алчевски, скопјанец со загрепска адреса, кој во Сараево пред 4 години ја доби, исто така, поддршката за сценариото за серијата „Успех“. „Амбис“ ќе биде презентиран на ТВ драма вижн во Гетеборг.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ