Валентина Ѓоргиевска Парго
Господин Балаж Атила, вие прикажавте едно многу импресивно шоу на театарот, една интересна визија на драма од Шекспир. Тоа повеќе беше игра, танцување, импровизација, отколку дијалог, зборување. Кој го замисли ова шоу на ваков начин?
-Ние го направивме тоа сите заедно, но се разбира главниот збор го имаше режисерот на перфомансот Кокан Младеновиќ. Јас сум директор на театарот, и ова ни беше втора соработка со него, првиот пат работевме една претстава, а вториот пат решивме да биде нешто од класиката, па размисливме нешто да направиме со Шекспир. И тој рече „Може да го направиме сонетот“ и така некако решивме тоа да биде „Сонет 66“, бидејќи пред се „Сонет 66“ ги вклучува сите Шекспирови сонети и тоа што го видовте на сцена можеби некако ги вклучува сите Шекспирови визии во едно дело.
Колку долго го подготвувавте ова агажирано шоу, бидејќи актерите мора да имаат одлична кондиција за 66 минути на сцена да прикажуваат игра со тело, гестикулации, глума, танцување, музика?
-Во принцип актерите мора да бидат подготвени во секое време со својата кондиција. Имавме шест недели да го подготвиме овој перформанс, и целиот период правевме некои импровизации, кореографии и ете го шоуто.
На кој жанр му припаѓа оваа форма со импровизации, мјузикл, кореографија, танцување. Можете да најдете еден заеднички збор за сево ова?
-Ау, јас мислам дека нема збор за оваа форма. Не е тоа наша работа. Тоа е ваше да дефинирате кој жанр е ова. Ние ја направивме, ја ставивме пред вашето лице и вие одлучете како ќе го наречете, со заеднички збор кој би бил дефиниција за шоуто. Мислам дека е добар перформанс, и тоа на тој начин може да биде се.
Кои земји ги посетивте со оваа претстава?
-Имавме повеќе настапи во Романија, бевме на четири фестивали во Србија, бевме во Унгарија, и еве сега во Македонија. Но, „Сонет 66“, допрва ќе може да го шетаме перформансот и сме убедени дека може да одиме многу подалеку.
Беше мошне лесно да се разбере се бидејќи ова шоу има еден универзален клуч. Која е најважната порака што сакате да ја испратите, а ние како публика да ја разбереме од целото шоу?
-Тоа е повторно мое прашање, ха, ха, ха. Но, пораката е што „Сонет 66“ е напишана во 16 век. и ние го погледнавме текстот, а притоа го поставивме перформансот и ништо не сменивме. И тука има едно многу големо прашање „Зошто не сменивме? Зошто луѓето не се смениле, зошто луѓето не сакаат работите да бидат подобри? Зошто работите одат надолу?“ Шекспир ги напишал тие зборови тогаш, а важат и денеска. Прашањето е „зошто?“.
Во суштина, Шексир ги спојува луѓето, нациите, земјите, ситуаците, чувствата, се. Тој прави микс на нештата, дури и во едно дело, дури и во една реченица. Во Вашиот театар е практика да се играат неговите дела, да се подготвуваат претстави на негово сценарио?
-Да, на секои 3-4 години правиме драми од Шекспир.
А, „Ромео и Јулија“?
-Не, никогаш.
Можеби во иднина?
-Можеби. Да, јас верувам дека е добро да се постави таа драма. Но, јас првенствено како режисер и актер мислам дека актерите за Ромео и Јулија треба да бидат многу, многу млади, под 20 години.
Пред крајот на шоуто актерите ги фрлија во публика 15-тината кукли кои ги употребуваа на сцена. Тоа го направивте како исклучок, за битолската публика?
– Не, тоа е дел од перформансот. Тоа го правиме во секоја претстава. Ние разговараме за импровизации, но се во шоуто, секоја секунда, секое дружење, секое гест е одлично осмислено и не импровизирам. „Time is gone“ (Времето лета, времето исчезнува во слободен превод) и на почетокот на шоуто еден дигитронски бројчаник го мери времето почнува од 66 минути, колку што трае претставата и доаѓа до 0. Часовникот е симболика, но тоа значи дека ние немаме време да експериментираме и да скршнуваме од поставеното, бидејќи времето треба да се почитува. Тоа е основното прашање – времето треба да се почитува, шекспировото време, нашето време, времето на публиката. Публиката го почитува нашето време. Ние постојано треба да го имаме на ум најважниот респект, а тоа е респектот кон времето. Еве, тоа е уште една порака од перформансот.
Можеби тоа би требало да биде и најважната порака?
– Можеби. Да, да!
Дали ова ви е прв пат во Битола? Ви се допаѓа?
-Да, секако. Добро, кога зборуваме за театарот разбирливо е дека тој има универзален јазик, но кога станува збор за Битола можам да речам дека нас ни се допаѓа Битола многу, мене ми се допаѓа стариот дел од градот. Ми се допаѓа поинаквиот стил на живот, каков што има овде. И секако, го почитувам тоа.
Вие мислите дека стилот е различен, а јас кога бев во Темишвар пак некако се ме потсетуваше на Битола.
– О, мило ми е да слушнам тако нешто. Но, има разлика. Tемишвар е град на 400.000 жители. Можеби малку наликува во центарот, но сепак Темишвар има сосема поинаква архитектура и хабзбуршко влијание. Беше дел од Хабзбуршата монархија и во средиот век беше главен град. Во Битола ми се допаѓа што се некако е многу „лично“, ете така да го наречам.
Да се вратиме повторно на вашиот театар, тоа е еден од поглавните во Вашиот град?
-Темишвар е во добра ситуација бидејќи има четири театри во една голема зграда која ја градел истиот архитект како и Виенската опера и тука се сместени Романскиот, Германскиот, Унгарски и независниот театар.
Тоа говори дека имате добра демократија?
-Да, да, да, тоа значи дека имаме одредена демократија. Таа демократија во случајов е од 1957 година, од кога постои театарот. Но тоа не е само до демократијата, тоа е духот на Темишвар влијанието германско, унгарско, спрско, бугарско, повеќе нации тука живеат, работиме. Тоа е сепак прашање на стилот на живеење на луѓето во градот.
Овој пат видовме 17 ваши актери. Колку брои вашиот театар, колку претстави давате годишно?
– Даваме околу седум осум, и секогаш на унгарски јазик. Јас сум Унгарец, роден во Романија. Инаку, театарот брои 27 актери.
На крај, ќе дојдете повторно следната година?
-Да, секако, ако имаме покана. Ова е убав фестивал и нас ни се допадна многу.
Фото: Стефан Ѓоргиевски