четврток, декември 5, 2024
дома Колумни Стоп за сите 35 аномалии, “Макфест36” среќно!

Стоп за сите 35 аномалии, “Макфест36” среќно!

0
225
Пишува:  Валентина Ѓоргиевска Парго
“Сите го чекаме твојот текст” , добив порака во инбокс, од големо музичко перо, во однос на годинешниот “Макфест”, иако дадов до знаење дека фестивалот не го следев во живо. А не го следев ни вооошто, бев на “Синедејс”, на македонскиот  музички документарец” Њујорк: Аџилак”, но и корона-ситуацијата не дава да “летаме” кај сакаме, ко порано. Тоа не е никаков хендикеп за нешто што одело на ТВ. Напротив, предност е, ќе стекнеш пообјективен став како и секој друг гледач кој се закотвил пред малиот екран да го дофати задоволството, и затоа публиката секогаш има поточен опис и коментар од било кој новинар на самото место. Прегратките, блискоста, пријателството, атмосферата, директниот контакт со емоциите те понесуваат, и сето тоа малку ти фрла од фестивалскиот прав на очите и ти не можеш да видиш се. Ќе ти треба време.

Многу голема штета што изминатиов период со години врз фестивалот имаше залепено цврста кора, од која не се гледаше музиката, но која веќе почнува да пука. Па коментиравме за се, само запесните не остануваше ред.

Како новинар-колумнист “про боно” си дозволувам да објавам што точно мислам, па еве и мое мало резиме на нешто невидено (и, веќе видено).

“Макфест” е светост во македонската антологија, најгоре го држи приматот. Годинава го имаше своето 35 издание. Се одржа по посебен протокол (хм, можеби целосно интересен опис”посебен протокол” ) и сега на нас останува да фрламе со дрва и камења. Не, не сме уморени, но, на големо изненадување годинава нема да посегнеме по камењата. Затоа што, ни публиката не посегна баш многу.

Заслугата за тоа има првата фестивалска вечер, која уште не држи, а според идеја на првиот легендарен директор Стојан Троицки се одржа како ревијална вечер (на штипскиот плоштад), со некои од победниците и со најубавите хитови (впрочем, често пати за некоја од тие макфестовски песни мислиш дека победила, затоа што таа го победила времето, а не биле ни наградени со награда ).

Публиката се стопи, гледајќи ги, слушајќи ги, Џафер, Лидија, Џокси, Дарио, Маја, “Интервали”, Олгица, Ристо, за прв пат коментарите беа оправдувачки  од типот- желни сме за вакво нешто, ако некој фалшираше тоа е затоа што хаосот си го сторил своето, нашите најдобри пејачи се поретко пееле, не одржувале кондиција, туѓите им го зеле редот, па зошто така, па до кога така, па стоп-доста е така!

Тоа што постојано предизвикува пријатно и нежно “голицање” на емоции е секогаш добредојдено, како “Свирете ја зајди зајди”, “Ти си тој”, Таму кај што си “…

Макфест со таквите евергрини си го одбрани идентитетот за сите времиња и за цела иднина, ако се разбираме, и никој не може ништо да му земе и смени (ви намигам).

Втората вечер, синоќа, почна со кулоарската најава дека ќе победи позната група (ви напишав и пред фестивалот). Јас само ги пренесувам кулоаерските муабети – “на победникот му должат кога со преубаво танго не влегоа во финале…  плус во игра се познат татко и млад син…релации со организационен тим… малку повеќе логистика..” но и сега велат дека песната била фина, сосема во нивни стил, сцената исто така и сл. Во однос на тоа, секој си знае сам што направил, дали во нешто учествувал со своето чисто срце или со валкани раце, но победникот е тој, одиме понатаму.

Во однос на песните, коментираат дека биле, во однос на ситуацијата, добро сработени. Пристојни аранжмани, добри пејачи, Биба, Наде, Светлана, Ѓоко, Виктор, се запознаваме со Омар, Полина. Наградените се познати и нови имиња.

Актуелните и со екстра “карантинска слава” , Александар и Дац не добија награда, ни победа, ама не ја добија ни минатата година кога беа силни морални победници и кога после цела деценија и повеќе на фестивалот, конечно слушнавме некој да направи нешто што се насетува дека ќе е  евергрин. А топлата “жица од гитара” многу вртена на радијата (еве тука да прашам, дали се уште има награда за најслушани песна меѓу два фестивала, што е фактички и целта а воедно и најрелевантната награда?).

Ни нивната песна не ја слушнав се уште, освен дека добиле најдолг аплауз, нели рековме сега се во жижа. Нека ми простат, јас на нивната ноншалантност се уште гледам како на некој ” тандемски перформанс” кој одвреме навреме се вклопува во некоја рамка (во случајов фестивал) зошто и едниот и другиот што би повеќе освоиле кај нас од она што досега го имаат освоено, секој на свое поле ? Тие со својата приказна повеќе како да се, што се вели за свој мерак, за седвах, за боемштилок.

Александар патем, е и автор на слушна победничка макфестовска песна (“Виолина и гитара”) , и по категорија и ранг, можеби повеќе одговараа за настап во првата вечер (или уметнички директор) , како и Биба, што не значи дека јас сум таа која треба, смее, и да им каже дали и натаму да се, или да не се натпреваруваа, слободна волја. Не мислам на возраста, мислам на рангирањето кое треба е прецизно направено, инаку, кај пејачите нема возраст тие секогаш во себе си се млади инаку не би биле пејачи.

***

Е. Интересна и најголема атракција, а во сенка и без помпа, беше пејачкиот  настап на маестро Григор Копров “алфа и омега во македонската забавна песна” . Ќе бидам малку суеверна и некако тоа го сфатив како една нечија голема желба, за која можда ете и самиот тој не бил свесен, пеел пред 50 години, запеа и сега. А велат кога се исполнува нечија желба се си доаѓа наместо, зошто ако е неисполнета, а има правдина во неа, таа дрма, тресе и создава немир. На оние кои им се исполнија убавите желбите нека се радуваат, на оние на кои не, нека замислат уште поголема. Ќе им се оствари кога тогаш.

Забелешки и шепнувања на уво, годинава, не примам. Само пред вклучен  диктафон. Од типот ” префрлија пари па морав да ги враќам… договорив тој да пее, тој да плати, тој да добие, тој да се јави таму… таму има и редициви од претходната власт, а не само проверени професионалци  “… Доколку е така  време им е за едно убаво истражувачко новинарство и раштрафување на погрешно зацврстената арматура.
Но, да! Било што било. Според сицилијанско правило  “кога сите се виновен, никој не е виновен”, а има многу виновници кои малку повеќе скршнаа од патот и се залета, заборавајќи на својата општествена одговорност. Време е да се подзамислат и поправат.

Јас очекувам една потемелна и постручна интервенција, зошто, за жал веќе не се обраќам на оние на кои им се обраќав 35 години, на мојата читателска публика, ами се обраќам на власта, да превземе нешто што е веќе повеќе од морално и потребно. Ако тоа не се случи ние веќе немаме проблем со Макфест, ние имаме поголем проблем, со идентитет на нашата човечност. Фестивал со сите нишани, како некогаш. Во кој целото организационо и искуствено знаење на велемајстор Троицки на маса, надополнето со познавачи на работата, неговото почесно место во прв ред, Избор на уметнички директор со регуларен конкурс и куп пријавени кандидати (без телефонски јавувања по градоначалници). На сцена докажани и со подеднакво дадена шанса на автори и изведувачи, строго казниво местење, договарање, ценкање, пазарење, танте за кикирики. Отворен конкурс за снимање во студија, кои нема да се секогаш исти. Организационен тим без дамки и опашки (партиски и секакви други) , во тимот не луѓе кои главно ќе чекаат да им стигнат од Министерство и да тријат раце, акредитирање на новинари кои тоа го следат и познаваат, и секако избор на соодветна водителка/водител, или замена со нешто проверено, особено ако нешто не може да биде заменето со подобро. Се си ма влијание, и само добар концепт, правила, ќе го вратат Макфест.

СТОП за сите аномалии во изминативе 35, комплетно освежување, Ф5, редефинирање, темелно реновирање а не само на само привремено шминкање на фасадата (со нови трикови ), а на публиката и останува можноста да ги преслуша на јутјуб, некогашните песни и победници и сегашните, да ужива, да направи паралела, и да си го бара своето право на се подобра и поквалитетна музика, макфестовска.