домаПОЛИТИКАРегионСтуденти од Србија со велосипеди тргнаа кон Стразбур

Студенти од Србија со велосипеди тргнаа кон Стразбур

Во средата студенти и членови на српската академска заедница со велосипеди тргнаа од Нови Сад во акцијата „Тур де Стразбур“, со намера дополнително да им укажат на европските претставници за ситуацијата во Србија, која се соочува со криза во бранот протести по трагедијата на железничката станица во Нови Сад во ноември минатата година.

Со нив заминаа и репортери од одредени белградски медиуми, а студентите за патувањето ќе известуваат на социјалните мрежи, пренесува Н1.

Смртта на 16, претежно млади луѓе по уривањето на настрешница на 1 ноември на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад, предизвика бран протести обвинувајќи ја владата за коруптивни практики и лошо извршена работа. Студентите започнаа блокада на повеќе од 60 факултети на сите четири државни универзитети, откако приврзаниците на владејачката партија ги нападнаа за време на комеморативната блокада додека со молчење им оддаваа почит на загинатите, наведува ХИНА.

Блокадите во меѓувреме прераснаа во студентско движење, придружено со бројни секојдневни акции, маршеви од неколку стотици километри до масовни протести низ Србија и акции кои добија неочекувано голема поддршка од пошироката заедница.

Студентите истакнаа четири барања, од кои клучно е да се изведат пред лицето на правдата одговорните за трагедијата во Нови Сад и да се разоткрие корумпираниот октопод во политиката и општеството. Владата го нарекува студентското движење, за кое тврди дека е политички инструирано и поддржано од странски организации, „обоена револуција“.

Во новата кампања „Тур де Стразбур“, 80 студенти со велосипед ќе стигнат до Стразбур за да им се обратат на претставници од Советот на Европа, Европската унија, Европскиот парламент и Европската комисија. Ги следи сообраќајна полиција, автомобил кој ќе биде пред нив и велосипедист кој го диктира темпото.

Утрово толпа граѓани организираше емотивно збогување со студентите кои ќе ја возат првата делница до Суботица, а потоа планираат да пристигнат во Стразбур на 17 април преку Будимпешта, Братислава, Виена, Линц и Улм.

На помош на студентите им дојдоа и земјоделци, кои синоќа со продажба на плескавици во кампусот на Универзитетот во Нови Сад собраа 33.000 евра, пренесе Алџезеира Балкан. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ