Политичките ставови на Доналд Трамп значително се променија во текот на децениите, но тој остана доследен во едно – од 1980-тите веруваше дека царините се ефективна алатка за зајакнување на американската економија, пишува „Би-Би-Си“.
Републиканецот сега го стави своето претседателствување на линија за да докаже дека е во право. Еден ден претходно, во Розовата градина во Белата куќа, Трамп, опкружен со пријатели, конзервативни политичари и членови на неговата администрација, најави нови високи царини за бројни земји – и сојузници и ривалски и непријателски земји.
Во својот говор, тој потсети дека со години ги критикува договорите за слободна трговија, како што се НАФТА и Светската трговска организација. Тој најави дека неговите мерки ќе се соочат со отпор од „глобалистите“ и „посебните интереси“ во наредните денови, но ги повика Американците да му веруваат на неговите инстинкти.
„Никогаш не заборавајте дека секое предвидување на нашите противници за трговијата во последните 30 години е целосно погрешно“, рече Трамп.
Во неговиот втор мандат, Трамп сега има администрација која е целосно усогласена со неговите ставови, а доминира и со Републиканската партија, која ги контролира двата дома на Конгресот. Ова му овозможува конечно да ја спроведе својата визија за трговска политика „Америка на прво место“.
Трамп тврди дека токму ваквите политики ги направија САД богата нација пред еден век и дека тоа ќе се повтори.
„Со години, вредните американски граѓани беа принудени да седат на страна додека другите нации станаа богати и моќни, главно на наша сметка“, рече тој.
– Денешните одлуки конечно ќе ја направат Америка повторно голема – поголема од кога било.
Сепак, економистите предупредуваат дека високите царини – 53% за Кина, 20% за Европската унија и Јужна Кореја, и минимум 10% за сите други земји – може сериозно да им наштетат на американските потрошувачи, да ги зголемат цените и потенцијално да предизвикаат глобална рецесија.
Кен Рогоф, поранешен главен економист на Меѓународниот монетарен фонд, тврди дека шансите САД да влезат во рецесија сега се зголемени на 50%.
„Трамп штотуку фрли нуклеарна бомба врз глобалниот трговски систем“, изјави Рогоф за „Би-Би-Си“.
Овие мерки би можеле да предизвикаат трговска војна дури и со долгогодишните сојузници на САД. Вашингтон, на пример, ги гледа Јапонија и Јужна Кореја како клучни противтежи на економската експанзија на Кина. Сепак, овие три земји неодамна најавија дека ќе работат заедно за да одговорат на трговската политика на Трамп.
Доколку Трамп успее, тој целосно ќе го преобликува глобалниот економски поредок што САД сами го изградија по Втората светска војна. Неговата цел е да го врати индустриското производство, да создаде нови извори на приход и да ја зајакне американската самодоволност.
Ова е амбициозна цел, но многумина сметаат дека е нереално да се постигне, пишува „Би-Би-Си“. Сепак, за претседател опседнат со сопственото наследство и историско влијание, без разлика дали станува збор за завршување на војните, преименување на географските поими, проширување на територијата на САД или укинување на владини агенции, ова би била конечната победа.
Како што кажа и самиот, тоа ќе биде „Ден на американското ослободување“.
Едно е сигурно – неговата одлука сигурно ќе остане во историјата. Прашање е само дали ќе остане запаметена како епохално достигнување или како економска катастрофа. Т.Р.

