Пишува: Наташа Доковска
Демонстрациите што деновиве ја тресат Србија ги ставаат на површина не само длабоките општествени поделби, туку и статусот на правата на младите, особено на студентите, како клучен сегмент во борбата за демократски вредности. Како и многупати досега, студентите се оние што го подигаат својот глас први – не од луксуз, туку од потреба да ја обележат својата иднина.
Сепак, она што ја прави оваа ситуација посложена е начинот на кој државните институции и медиумите реагираат на нивниот активизам. Наместо конструктивен дијалог и внимание кон нивните барања, сведоци сме на маргинализирање и етикетирање. Студентите не се третирани како млади луѓе со визија и идеи, туку како закана што мора да биде потисната или политизирана.
Критичен аспект е начинот на кој државата и провладините кругови се обидуваат да ги инструментализираат студентските протести – или, пак, да ги претстават како дел од широка опозициска завера. Ова не е нов феномен. Во балканските земји, студентските движења отсекогаш биле мета на обиди за дискредитација и подвојување. Но, оваа практика е особено опасна бидејќи ги обесхрабрува младите да го користат својот демократски капацитет за промени.
Истовремено, контра демонстрациите, организирани од провладините структури, дополнително ги засилуваат поделбите. Наместо да се поттикне дијалог и да се слушнат младите, државата испраќа порака дека секое несогласување со „официјалната линија“ ќе биде соочено со одмазда и репресија.
Она што српските власти не го разбираат – или одбиваат да го признаат – е дека студентите се иднината. Кога тие протестираат, тоа не го прават од инает или од чист револт. Тоа го прават затоа што чувствуваат дека нивните основни права се загрозени – правото на слободно изразување, правото на квалитетно образование, правото на пристап до информации и транспарентни институции.
Проблемот не е само локален. Тој има регионални импликации. Кога младите во Србија се борат за своите права, тоа е предупредување за сите нас. Затворањето на очите пред нивната борба е како да се одрекуваме од нашите сопствени обврски за зачувување на демократијата.
Поука за Балканот
Она што се случува денес во Белград, утре може да се случи во Скопје, Сараево или Загреб. Балканските општества сè уште не успеваат да изградат модели каде што младите ќе бидат суштински дел од политичките и општествените процеси. Наместо тоа, тие се третирани како статисти, кои треба да се замолчат.
Студентите во Србија, со своите протести, не се само симбол на отпор – тие се аларм за сите нас. Нивната борба за основни права и слободи не треба да се гледа како „чужд проблем“. Таа е наша заедничка борба, бидејќи во демократските системи, правата на младите се основа за прогрес. Ако тие замолчат, сите губиме.