четврток, декември 19, 2024
домаКУЛТУРАТеатар и ФилмСвечено отворање на летната сцена „Славиша Кајевски“ со „Црнила ремикс“

Свечено отворање на летната сцена „Славиша Кајевски“ со „Црнила ремикс“

Отворањето на летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе се случи на 17 септември со музичкото драмско дело/рап-перформансот, „Црнила ремикс“ со почеток во 21:00 часот, најавија од МНТ. Режисер на ова современо читање на драмската класика „Црнила“ од Коле Чашуле, е Јордан Симонов кој заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-колективот „Зад аголот” го поставија овој проект во современ. Талентираната актерска екипа, односно организацијата која пренесува силни емоции преку прекрасни мелодии, рими и динамика, кои произведуваат своевидна хип-хоп опера ја сочинуваат: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски – колектив „Зад аголот“. Ова оригинално сценско дело има настапувано на повеќе домашни и меѓународни фестивали меѓу кои и на „Егзит“, а за најдобра употреба на музика ја добива наградата на меѓународниот театарски фестивал за џез „Нишвил“ во Р Србија. Претставата е во продукција на МКЦ.

Во музичкиот дел од програмата, публиката ќе ја забавуваат: „Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд“, „Пијан Славеј“, „The Ringtones“, „LD Pistolero и Dj Goce feat. R.O.Ν.Ι.Ν“, како и други популарни домашни диџеи. Исто така ќе настапи и Националниот џез-оркестар, со изведби на композициите од „Битлси“.

Покрај изведбите на претставите на МНТ: „Мој термин“, „Кец на десетка“, „Не се клади на Енглези“, (со добро познатите актерски екипи), ќе гостуваат и претстави од другите театри од државата, како и стендапот „Широк дијафазон“ со Сашко Коцев. Комедијата „Вечера за глупаци“ во продукција на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес ќе се одигра на 20 септември во 21:00 часот. Претставата е работена по текст на Франсис Вебер, во режија на Ненад Витанов, а играат: Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Талија Настова, Јордан Витанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева.

На 30 септември ќе се одигра и дипломската претстава од ФДУ – Скопје, „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона, во која ќе играат: Михаил Велков, Наде Дојкоска, Ана Грамосли, Кире Ацевски, Филип Христовски, Гоце Андонов, Ана Јовановска, Виктор Мирчески, Ведран Чешарек и Катерина Јовановиќ од класата на проф. м-р Мими Таневска Србиновска и асс. м-р Ангелчо Илиевски.

Како што истакна в.д. директорот, Никола Кимовски, во првото негово ексклузивно интервју: „Во последните десетина години, за жал, изгубивме многу наши колеги, значајни актери, сценски техничари, портири, но болката од загубата на нашиот Славчо остави длабока лузна кај голем дел од вработените во МНТ, бидејќи неговиот живот згасна прерано. Славиша Кајевски беше алката која ги поврзуваше сите сектори на театарот во една убава и хармонична целина и беше главниот мотор во секој проект независно дали имал мала или голема улога. Затоа оваа сцена го носи неговото име“. Во таа чест ја отвораме летната сцена, за една убава, опуштена и сплотена дружба, преточена во уметност, забава меѓу актерите, музичарите и публиката.

Официјалната програма е објавена на веб-страницата www.mnt.mk како и на социјалните мрежи. За отворањето на летната сцена и за сите наредни вечери, влезниците може да се купат онлајн или на билетарницата (која ќе биде отворена на 2 септември) во МНТ. Сите настани се со почеток во 21:00 часот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ