сабота, ноември 16, 2024
домаСвечено врачeнa наградата „За животно дело“ за 2018 година на Славко Крстевски

Свечено врачeнa наградата „За животно дело“ за 2018 година на Славко Крстевски

Во салата за презентации во СОУ „Крсте П. Мисирков“, Демир Хисар, на 7.12.2018г. се одржа свечена седница на Совет на Општина Демир Хисар – церемонијално врачување на едно од највисоките општински јавни признанија, наградата „ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО“ за 2018 година на Славко Крстевски од с. Слепче, Демир Хисар.

Одбележувањето на овој настан се одржа во предвечерието на прославата на еден од најголемите празници на Македонскиот народ, 8. декември, Денот на упокојувањето на Св. Климент Охридски – Чудотворец.

.Свечениот дел официјално го отвори претседателот на Советот на Општина Демир Хисар, Благоја Станојоски, а за номинацијата за доделување на награда „За животно дело“ воведно обраќање и говор имаше Живко Поповски – Цветин, претставник на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“.

.Општинската награда „ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО“ претставува своевиден врв на благодарност и пофалба од страна на општината до сите кои преку својот долгогодишен труд, работа и постигнати резултати успеале да ја промовираат Општина Демир Хисар и да постигнат врвни резултати достојни за почит.

Славко Крстевски, годинашен добитник на наградата „За животно дело“ којшто со својот пример на неуморник, најдобро и најверно докажува дека постојаното создавање е трајна задача за секој поединец и поука за младите генерации дека ниедно време не е лошо и доцна за создавање.

.Претседателот на Советот на Општина Демир Хисар, Благоја Станојоски најпрво го поздрави Славко и сите присутни кадешто и воедно му честиташе за наградата и признанието.

„Денешниов ден и сите вакви свечени и празнични прилики, во сите нас будат чувство на гордост и благодарност, чувство на одговорност и обврска спрема сите граѓани кои го одбрале Демир Хисар за свое место за живеење и кои дале посебен придонес во неговиот развој.

Доделувањето на наградата „ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО“ на нашиот неуморен сограѓанин Славко Крстевски е резултат на несекојдневен и долгогодишен и благороден напор за благосостојбата на општината. Всушност, големото животно искуство и огромниот труд, високи резултати и беспоштеден творечки, трудбенички и интелектуален напор на Славко Крстевски, всушност претставуваат жива слика и оригинален позитивен пример за придонесот што секој од нас го дава и треба да го дава во градењето на иднината на оваа општина. Оттаму и овој поединечен успех на годинашниов лауреат, секој од нас треба да го слави како нов поттик за вложување на индивидуални дарежливи напори за колективен напредок во сите сфери на животот“ – истакна Станојоски.

.За целта на доделувањето на оваа и другите награди предвидени со Одлуката за јавни признанија на Општина Демир Хисар, пред присутните се обрати и даде образложение за Одлуката, Татјана Кочовска, претседател на комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на признанија и награди.

„Славко Крстевски е еден од нашите современици кој во својата 8ма деценија од животот, со несфатлива скромност на обичен човек се носи со бремето на големи благодарности и пофалби за сè што е постигнато во Општина Демир Хисар во периодот кога градот и општината ја доживувале вистинската развојна ренесанса, а чиишто плодови ги уживаме и ден денешен.

Едноставно, малку е една ваква свечена прилика да се нотираат сите негови заслуги кои што, благодарение на иницијативата на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“, поддржувачите на иницијативата на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА и Македонското здружение на медицинските сестри, како и група познати македонски интелектуалци и уметници, коишто според обемот, значењето и вредноста, вредат повеќе од една награда. Што ќе рече, наградите не се добиваат, туку добитниците ги создаваат со своите дела“, рече Татјана Кочовска на своето пригодно обраќање.

.За името на Славко Крстевски и неговиот богат животен пат се врзуваат прегорна работа, особено истакната, нагласена и општествено призната во областа на културата, уметноста, библиотекарството, просветата, публицистиката. За него покрај веќе искажаните, чуени и потврдени епитети и квалификативи, уште ќе се чуе дека е човек со исклучителна документаристичка педантерија, човек со исклучителен Божји дар да памти, но и да оживува настани за коишто досега, освен што некаде и од некого сме чуле, никој не се охрабрил да ги опише и овековечи.

Со најискрени и најсрдечни пожелби, градоначалникот на Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски му честиташе на Славко за добиената награда „ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО“, кој преку своето пригодно обраќање рече дека наградите се значајни за професијата, но и за пошироката јавност, зошто преку нив би требало да се посочи во правците во кои треба да се размислува и да се вложува и дека наградите треба да го имаат и посебниот степен на општествена одговорност.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ