сабота, јули 27, 2024
домаКујнаСветски ден на театарот - 5 светски уметници со пораки, македонската ја...

Светски ден на театарот – 5 светски уметници со пораки, македонската ја упати актерот Коцев

Оваа година е јубилејна година за меѓународната мрежа на ИТИ УНЕСКО, мрежата слави седумдесет години од своето постоење и делување (1948-2018).  По тој повод, како јубилејна година, регионалните центри на ИТИ (Европскиот центар/Совет на ИТИ, Африканскиот центар/Совет на ИТИ, Азискиот центар/Совет на ИТИ, Американскиот центар/Совет на ИТИ, Арапскиот центар на ИТИ) организираа повелби за пет заслужни театарски уметници од светот.

Оваа година своите искуствени и емотивни видувања за светот и театарот ги споделија – Сабина Берман од Мексико (Писател, драмски автор, новинар), Сајмон МекБарни од Велика Британија (театарски и филмски режисер), Маја Збиб од Либан (Театарска режисерка, изведувач, писателка, коосновач на Театарската Куќа „Зукак“ ), Рам Гопал Баџаџ од Индија (Театарски режисер, театарски и филмски актер, академик, поранешен директор на Националната драмска школа, Делхи) и Вере Вере Лајкинг од Африка (Мултидисциплинарен уметник).

Преводите на македонски јазик ги изработија – Сашо Огненовски (актер, режисер, писател), Драгана Евтимова (писател, преведувач), Кристина Пешева Диновска (музичар, преведувач) и Иванка Апостолова Баскар (професор, организатор, преведувач).

Автор на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот, 27 март 2018, е актерот Сашко Коцев од Македонскиот народен театар:

„Во услови на исклучително загадена духовна средина кога тривијалноста на примитивен начин агресивно се промовира како културна вредност и кога преку разни риалити шоуа и технички помагала бесмисленото ѕиркање во туѓите уште побесмислени животи стана секојдневие, неопходно е како никогаш досега да си поставиме прашања.

Но дали е доволен нашиот досегашен театарски пристап во однос на девијациите во реалноста? Кои се театарските средства за борба против општествено-политичките баналности кои навидум изгледаат бенигно, а во суштина метастизараат во зло што ја уништува нашата култура? Што во суштина модерниот театар треба да третира? Што сѐ треба да се исправи? Отуѓеноста? Бесчувствителноста? Полуписменоста? Политичката состојба? Па да, можеби токму сега, таа го има најсилното влијание, па затоа политиката може да биде театар со своите бројни заткулисни игри. Но театарот не смее да се претвори во политика. Нашата игра е отворена.

Колкава е моќта на театарот, каде треба да цели и кој е неговиот краен домет? Како што се тврди дека патриотизмот е последното прибежиште на ништожниците, тогаш одговорно тврдам дека хиперболизирањето на значењето на театарот, односно неговото непотребно мистифицирање или патетизирање е последното прибежиште на неталентираните. Токму затоа сметам дека е нужно потребна негова демистификација.
Светскиот ден на театарот е одличен повод токму ние, театарските дејци, да ги симнеме маските ставени на нашите лица и да проговориме за вистината. Да се навратиме, да се потсетиме или да ги освестиме базичните мотиви кои нѐ натерале да се бавиме со оваа професија.

Да го замениме стремежот кон конформизам и благосостојба, кои во принцип значат креативна смрт за уметникот, со несебична борба за промена од моменталниот културен стриптиз во создавање здрава културна матрица.
Но ако преку театарот, критикувајќи го опкружувањето, создаваме паралелен свет кој е поубав и похуман и воедно ни служи како средство за сопствена психоанализа и истовремено за себеисцелување, тогаш е крајно себично ние како дејци да заборавиме што е театарска критика. Освен новинарски осврт, веќе подолго време кај нас нема вистинска, писмена, вешта и искрена театарска критика, критика без никаква позадина.

И така, еве сме и вечерва да уживаме во нашето богатство, а тоа е, повторно да бидеме некој друг. А вие, драга публико, повторно да ѕиркате во нечии туѓи животи. Со тоа што овде е оправдано, овде ѕиркањето во туѓите животи има некаква смисла.
Има претстави што траат по 5 часа, но има и пострашно, оние што траат 1, но нам ни се чини дека траат цела вечност. Затоа да го избришеме времето денеска. Да заборавиме на него, нека мракот пред претставата биде подолг и потоа силно нека блесне првиот рефлектор кој ја осветлува нашата сигурност и жар во репликите. Како што вели мојот професор: – Играј! Играааај ! Само играј!“
Драга публико и драги колеги, уживајте во играта. Честит 27 март, Светскиот ден на театарот.
Сашко Коцев – актер“

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ