среда, ноември 20, 2024
домаЖивотСоцијална политикаСветски ден против детскиот труд - 12 јуни 2021 година

Светски ден против детскиот труд – 12 јуни 2021 година

Пред повеќе од една деценија, Меѓународната организација на трудот (МОТ) го прогласи 12 јуни за Светски ден против злоупотребата на детскиот труд. Денес сè уште има деца низ целиот свет кои работат нелегално, некои свесно поради сиромаштијата во која западнале додека други поради тоа што нема која да ги заштити, деца кои се измачуваат, манипулираат, уценуваат и тепаат со цел да се искористи нивниот труд и да се остварат нечии лични материјални интереси.

Оваа година, 2021 година е прогласена за меѓународна година за елиминација на трудот на децата. Според МОТ, детскиот труд е намален за 38% во последната деценија, но 152 милиони деца сè уште се принудени да работат. Во своите најекстремни форми, детскиот труд вклучува деца да бидат робови, одделени од нивните семејства, изложени на сериозни опасности и болести или оставени сами да се грижат по улиците често во многу рана возраст. Не постојат готови решенија за надминување на ваквиот вид на злоупотреба на децата, но имаме доволно декларации и резолуциина на кои можеме да се потпреме и повикаме. Конвенцијата за забрана и елиминација на најлошите видови детски труд (Конвенција бр.182) и Препораката за забрана и итна акција за укинување на најлошите облици на детски труд (Препораката бр. 190), донесени се 1999 г. а Македонија ја ратификува во јануари 2002 година. Оваа Конвенција ги обврзува државите на ефикасно елиминирање на најлошите форми на детски труд и во таа насока ја потенцирa особената важност на бесплатното образование.

Најзастапена форма на злоупотреба на детски труд во Македонија е работата на улица. Отсуствува системски одговор од државата за соодветна заштита и поддршка на оваа група деца и нивните семејства. Нема прецизна евиденција за бројот на деца на улица/улични деца, но се проценува дека само во Скопје има околу 300. Најголем дел од децата се Роми. Вообичено се принудени да работат од страна на нивното семејство и се вклучени во питачење, продавање ситни предмети, собирање отпадни суровини и чистење ветробрански стакла на крстосниците. Работата на улица ретко се санкционира. Постојат бројни лични, институционални и системски ризик фактори кои ги доведуваат децата да работат на улица. Пошироката јавност во Македонија не е доволно запознаена со комплексната социјална ситуација на децата и нивните семејства.

Огромното мнозинство на деца кои работат доаѓаат од семејства со приходи далеку под границата на сиромаштија. Сиромаштијата не е само причина за детски труд, туку таа се враќа и станува последица како резултат на неможноста да се пристапи до образование заради работењето и завршува со продолжување на сиромаштијата. Поради сиромаштијата, невработеноста, условите и околината во која живее одредена категорија граѓани во Македонија  сè уште има деца што своето време го поминуваат на улица и на најразлични начини обезбедуваат средства за егзистенција и тоа најчесто со питачење. Најголемиот број деца на улица имаат родители и најчесто се принудени и злоупотребени од родителите за да питаат на улица или да вршат други работи. Родителите на децата на улица несоодветно го вршат родителското право, ги експлотирааат и злоупотребуваат своите деца, а запоставувањето и негрижата за детето преставува сериозна опасност за правилен психофизички развој. Децата се доведуваат  да дојдат во судир со законот или да бидат злоупотребени од други лица. Дополнително, дел од децата на улица не се запишани во матичната евиденција на родени, немаат државјанство или било каква документација, со што им е оневзоможено остварувањето на своите права.

Токму затоа најважните чекори кои се потребни да се преземат се: вклучување во образовниот процес, обезбедување квалитетен наставен кадар и спроведување на законите, едукација во правец на почитување на меѓународните стандарди, борба против сиромаштијата и создавање работни места за возрасните, зголемување на јавната свест за борба против искористувањето на детскиот труд, обезбедување дополнителна настава за деца и млади кои го пропуштиле редовното образование.

Повеќе информации може да најдете во алтернативниот извештај на Меѓаши и тука.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ