СЗО повторно бара од Кина да ги сподели податоците за почетокот на Ковид-19

0
2

Пет години по почетокот на пандемијата на Ковид-19, Светската здравствена организација (СЗО) повторно ја повика Кина да ги сподели податоците за да се разбере како започнала. “Ние продолжуваме да ја повикуваме Кина да ги сподели податоците и да обезбеди пристап за да можеме да го разбереме потеклото на Ковид-19. Ова е морален и научен императив”, изјави СЗО во соопштението објавено во вторникот, на годишнината од првите извештаи за појавата на вирусот во кинескиот град Вухан.

“Без транспарентност, споделување и соработка меѓу земјите, светот не може адекватно да ги спречи и да се подготви за евентуални идни епидемии и пандемији.”

Ковид-19 уби милиони луѓе низ светот, ја наруши економијата и го парализира здравствениот систем.

Потекло на вирусот

Првите случаи беа откриени во Вухан, но постојат спорови дали вирусот бил испуштен од лабораторија или луѓето го добиле од заразено диво животно кое било продавано на локален пазар.

СЗО потсети на тоа како на 31 декември 2019 година нејзината канцеларија во Кина ја доби првата медиумска изјава од здравствените власти на Вухан за случаи на “вирусна пневмонија”.

“Како што ја одбележуваме оваа важна пресвртница, да одвоиме момент да ги почитуваме животите кои беа променети и загубени, да им оддадеме признание на оние кои страдаа од Ковид-19 и Лонг Ковид, да изразиме благодарност до здравствените работници кои жртвуваа толку многу за да се грижат за нас и да се обврземе да учиме од Ковид-19 за да изградиме по здраво утре”, изјави организацијата.

Подготвени за следната пандемија

На почетокот на овој месец, генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, рече дека светот се соочува со прашањето дали е подобро подготвен за следната пандемија отколку што беше за Ковид-19.

“Одговорот е и да, и не”, им рече тој на новинарите.

Светот “се уште ќе се соочува со некои од истите слабости и ранливости” како и пред пет години, но исто така “научи многу од болните лекции… и направи значајни чекори за да ги зајакне своите одбрани против идни епидемии и пандемии.”

Членките на СЗО, вкупно 194 земји, имаат рок до мај 2025 година да го завршат глобалниот договор за превенција на пандемијата, подготвеност и одговор, кој е на маса уште од декември 2021 година.

Постои широк консензус околу тоа што треба да вклучува договорот, но има и некои точки на кои се уште се застанати, особено на прашањето за обврската брзо да се споделуваат новопојавени патогени.

С.Н.