сабота, јули 27, 2024
домаТамара Котевска меѓу светските филмаџии кои прават промени

Тамара Котевска меѓу светските филмаџии кои прават промени

Нашата млада режисерка, Тамара Котевска, на 1 септември ќе учествува на панелот „Од подвижни слики до подвижни идеи“ на Венецискиот филмски фестивал, кој се одржува во срцето на градот, на плоштадот „Св. Марко“, во една од најстарите згради The Procuratie Vecchie која со години се реновираше за сега конечно да биде отворена за јавност и да се претвори во посебно место за расправи за човечкиот напредок

Пишува: Сунчица Уневска

Тамара Котевска е прв македонски автор кој ја доби честа рамо до рамо со оскаровци и со најважните светски филмаџии да учествува на панелот на Венецискиот филмски фестивал (30 август до 9 септември), на кој ќе зборува за своето творештво и за филмовите кои умеат да направат социјални промени во општеството, при тоа најавувајќи го својот нов филм на тема бегалци, „Патешествието“, кој е направен во британска продукција и македонска малцинска копродукција, а кој светската премиера ќе ја има во Њујорк, на најстариот и најголем фестивал посветен на документарни филмови во ноември DOC NYC.

Автори што го менуваат начинот на кој го гледаме светот

Имено, македонската режисерка со својот нов филм „Патешествието“ („The Walk“), кој сè уште не е излезен, веќе се вбројува меѓу светските креативци во филмската индустрија и креаторите на промени, чии филмови можат да поттикнат движење и да имаат вистинско влијание. Таа со овој филм посветен на судбините на бегалците, доби ексклузивна покана да биде дел од револуционерниот собир на филмаџии насловен „Светла! Камера! Влијание!“, кој веќе традиционално се одржува во рамките на Венецискиот филмски фестивал.
Станува збор за нејзин прв самостоен долгометражен документарен филм, кој иако не беше готов за да влезе во официјалната програма на годинешната Мостра, сепак, откако пристигна кај селекторите на самиот почеток на август тие сметаа дека не смее да помине незабележано. Така, Тамара Котевска доби вистински преседан, „Патешествието“ да биде најавен на фестивалот, во рамките на овој исклучителен настан на кој ќе бидат ексклузивно претставени силни филмови што се занимаваат со социјална правда и вклученост.
„Од подвижни слики до подвижни идеи и дејствија е истражување и славење на кинематографијата која ја става креативноста во служба на општествените прашања“, вели во својата најава организаторот „The Human Safety Net“. На оваа вечер, каде што ќе се слават филмаџиите што го менуваат начинот на кој го гледаме светот, Тамара Котевска ќе зборува за своето творештво и за својот нов филм, чија претстојна светска премиера ќе се случи на реномираниот фестивал за документарни филмови DOC NYC наесен во Њујорк. Се чини дека филмот „The Walk“ и нашата млада авторка Тамара Котевска, не можеше да добие подобра најава и се разбира почест и потврда како автор, чија моќ на раскажување веќе направила и прави промени.

Бегалец е бегалец, не може да му се мери бекграундот

А токму тоа и беше поводот за поканата. „Светла! Камера! Влијание!“ е настан кој се одржува секоја година и кани тројца автори чии филмови претходната или претстојната година имале или се очекува да имаат најголемо влијание на глобално ниво со потенцијал да прават промена. Тамара ќе зборува за своите дела, но исто така ќе претстави и исечок од својот нов документарец за глобалната сензација, малата Амал (12-метарската кукла, поточно конструкција на дете, бегалче од Сирија, која го обиколила светот подигнувајќи ја свеста за бегалците). Котевска ќе зборува и со Алис Нелсон, претседателка и коосновач на „Vital Voices“, која вели дека во текот на 20 години работа со илјадници жени-авторки од 185 земји, од прва рака се увериле во моќта на раскажувањето која умее да се пробие низ нерешливите проблеми и да нè поврзе сите околу решенијата.
Овој пат зборувајќи за бегалците, за несреќните судбини на т.н. „принудни номади“, или за „патиштата на очајниците“. Темата во филмот на Тамара Котевска е макотрпното патешествие на едно 9-годишно дете бегалче од сириската граница до Манчестер, кое оди по медитеранската рута, преку Грција, Италија, и при тоа како главна тема е потцртано лицемерието на Европа, која од една страна во јавноста се декларира како да е пробегалци, а во позадина е антимуслимански бегалци. Како што вели Котевска, таа е поканета од британската продукција да го режира овој филм и уверена е дека уште поголема важност на проектот му дава тоа што има словенско потекло, што е неутрална на тоа поле. „Сметам дека е исклучително важно да ги скршиме тие предрасуди и да сфатиме за каква човечка трагедија се работи, дека бегалец е бегалец без разлика од каде потекнува и дека не може да му се мери бекграундот“, истакнува таа.

Приказната за Амал направи „експлозија“ на Пикадили

Темата во филмот е искажана на необичен начин, не е тоа класичен документарец на следење на еден лик туку во ситуацијава следиме една кукла-марионета, поточно конструкција од 3 метри, која е раководена од тројца папетери, при што е изградена цела машинерија за да ја движи. Тоа папетерство, како што објаснува Тамара, има најголема популарност во Англија и во Јужна Африка, од каде што и потекнува како такво. А зошто, бидејќи е преземено од африканското поднебје каде што тотеми и кукли биле во суштината на нивниот театар. Впрочем, и двајцава артисти кои ја прават таа кукла, потекнуваат од таму. „Тие се толку добри во тоа што го работат, буквално како што е Стивен Спилберг во филмот, така се тие во папетерството. Во Јужна Африка се многу познати, таму ја имаат и работилницата ‘Хендспринг’, каде што и снимавме“.
А целата приказна започнува во Лондон при масовниот бран на бегалци од Средниот Исток. Тогаш почнуваат да се организираат независни театри кои во камповите прават претстави и кастинзи за да ги извадат талентите што се заглавени таму, но и нивните приказни. Во тој фриленс односно волонтерски театар наоѓаат страшни таленти од кои едното е 9-годишното девојче кое се вика Амал, што значи надеж, која пребегала по медитеранската рута од сириската граница до Манчестер. Тие ја прават таа претстава, за која ќе се заинтересираат многу големи имиња од типот на режисерот Стивен Далдри, Дејвид Лан (еден од најголемите театарски продуценти во Англија), Трејси Стјуарт (продуцентка на Дени Бојл), и ја носат на Пикадили, каде што се случува експлозија.
Поттикнати од сето тоа, продолжува Тамара, решаваат таа претстава да ја изиграат во живо, да го изодат вистинскиот пат на тоа бегалче како патувачки театар. Притоа избираат концептуално тоа да биде кукла, а не вистински човек, од две причини, едната е бидејќи сакаат невидливите беглаци да ги направат видливи, затоа е висока три метри за да предизвика внимание, а втората е затоа што сакаат да пратат порака дека статусот на бегалците е како да се марионети, кои немаат своја волја и затоа не можат да преминуваат граници, дека зависат од други за тоа каде ќе одат и како ќе завршат нивните судбини.

Има пасоши за кукли, но не и за реални луѓе

„За мене беше огромна чест што бев повикана да го режирам документарниот филм за целиот тој патувачки театар. И бидејќи куклата е базирана на вистинско дете бегалче, јас го избрав концептот да го прикажам документарниот филм преку паралелно дејствие каде што детето бегалче всушност не патува, туку е заглавено и сонува за патување. Со други зборови, како тоа дете го манифестира својот сон за бегство преку куклата која може да патува“. Идејата на Тамара е како девојчето се угледува на таа кукла, како посакува да биде како неа, како замислува дека тоа патешествие е прекрасно, меѓутоа се соочува со обратното и гледајќи што и се случува на тој пат, расте преку таа кукла.
Меѓудругото, има една одлична реплика во филмот која на најдобар можен начин го покажува вистинското лице на Западот, кога тие несакајќи го покажуваат целото свое лицемерие. Имено, кога Амал ќе пристигне во Стразбур еден политичар на куклата и дава испринтан пасош и ѝ вели дека ќе бидат многу среќни ако она тој пасош го сподели со другите деца бегалци.
„Значи, ти сега продолжи си по патов и сподели го пасошот, а тоа што не и дава документи да остане никому ништо. Демек тој прави добро дело, притоа откривајќи ја на совршен начин вистинската слика за лицето на Европа. Се разбира, куклата е пресреќна сè до моментот додека не влезе во Париз и додека не ги види вистинските бегалци од крв и месо под мостови, без документи, како дремат и чекаат во сенката на системот. Таа тогаш се прашува, а зошто не им дадат пасоши на сите овие други бегалци, сфаќајќи дека сè е една фарса и театар (дека има само пасоши за кукли, не и за реални луѓе). За мене, нагласува Тамара, тоа е најсилната реплика во филмот“.
Сценариото се градело попатно зависно на што ќе наидат во секоја од земјите, во Грција имало масовни протести против куклата, во Стразбур и даваа пасош, во Париз ги гледаме очајните бегалци сокриени под мостовите, значи во секоја земја тие следат што ќе се случи, но сценариото е изградено така што гласот на девојчето е манифестиран во куклата, како воис овер. „Тоа е градено делумно преку мој авторски инпут, направен врз основа на педесетина интервјуа што јас ги реализирав со тие деца што ги среќававме по патот, по камповите, и преку нивниот поглед на тој пат и идеите за дом, за слобода, за надеж, за живот. Спрема тоа го изградив мајндсетот на таа кукла“.

Сметам дека надежта е многу поважна од критиката

„Шоуто кое започна на Пикадили се случи пред цели десетина години. И токму тоа е она што ме одушевува, што ова е проект кој не престанува, како еден жив организам, кој тргнал од некаде, од едно живо движење, од бран на бегалци и изваден е надвор од Англија, тргнува на пат и сега таа кукла оди по цел свет и станува лицето на бегалците. Веќе беше во Украина, а сега е поканета во Америка, за Мексиканците што пребегуваат, развивајќи се како живо битие. Мислам дека токму така еден проект треба да изгледа. Не треба ти да направиш некаков арт и да го ставиш во фиока, без никаков повод, туку треба да направиш движење од својот арт, што и да е тоа, и тоа да циркулира, да продолжува да биде живо и да се користи и во други конотации“, зборува возбудено младата Тамара, која очигледно е влезена со цело срце во овој проект.
А кога зборува за публиката, за онаа првична публика на која и е наменето тоа, Тамара вели дека со текот на правењето сфатила дека не и е најважна онаа насока да ги едуцира луѓето и да ги соочи со тоа низ што поминуваат бегалците, туку уште поважно и станало, запознавајќи ги бегалците по камповите и гледајќи ги нивните реакции на оваа кукла, да зборува за надежта на тие деца. „Кога ќе видиш дека оваа кукла беше единствената надеж во животот на тие деца затворени таму, сфатив дека овој филм треба да биде направен точно за тие бегалци кои немаат од каде да најдат надеж во својот живот. Затоа е земена призмата на девојчето што е заглавено и се угледува на таа кукла, а второстепена е критиката кон Европа. Сметав дека како автор е уште поважно да му дадеш надеж на некој на кого му е потребно. Кој може да се инспирира од тоа за да го продолжи животот и денот“.
Таа рече дека и ние како нација и како балканско поднебје сме страшно затворени спрема мигрантите. Дека Европа е брутално засегната од оваа тема, дека секојдневно има препукувања, фашистички, антифашистички штрајкови, дека има многу реакции, но не и кај нас, ние сме затворени во балон и се надевам дека како балкански автор ќе ја подигнам свеста во нашево поднебје за тоа што значат бегалци и дека не треба да ги гледаме само како бројка која поминува во нашата земја. Некако сме заспани на таа тема, а во нашата земја најмногу имало бегалци, а има и денеска, но тоа како да е заборавено…“ Би сакала, додава Тамара, да ги сменам дефинициите и параметрите по кои ги судиме тие луѓе.
И уште да кажеме дека позади „Патешествието“ како продуцент стои најголемата филмска компанија за документарци во Англија, Grain Media, која зад себе има неколку оскари и номинации, а стојат и имињата на следниве оскаровци: Orlando von Einsiedel (Virunga, Learning how to skateboard in a war zone if you are a girl), Stephen Daldry (The Hours, The Reader), Tracey Stewerd (Slum-dog millionaire etc). Додека дистрибутер е неверојатниот „Партисипант“, кој ја планира светската дистрибуција на филмот за 2024 година.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ