недела, ноември 17, 2024
домаЖивотСоцијална политикаТАМАРА ТОДЕВСКА, ЗА ФИЛОЗОФИЈАТА И ПЕСНАТА „PROUD“: Жената треба самата да реши...

ТАМАРА ТОДЕВСКА, ЗА ФИЛОЗОФИЈАТА И ПЕСНАТА „PROUD“: Жената треба самата да реши што сака да биде во својот живот!

Валентина Ѓоргиевска Парго

На Евровизија 2019, во мај, ќе ја испеете песната Proud/„Горда“, која има силен и сугестивен текст. Зборува за основните совети кои мајка и ги дава на својата ќерка, да биде горда и со исправена глава без оглед на се што ќе и следува во животот. Кој беше вашиот мотив токму со вакви стихови да и се обратите на европската публика?

-Ви благодарам за прекрасните зборови. Песната ме отсликува мене таква каква што сум сега, во овој момент, поискусна, позрела но и посамоуверена жена што знае што сака и не се плаши да го каже тоа. Мотивот за песната доаѓа од мојот живот, од сите мои искуства како пејачка но и како жена на овие простори. Песната е посветена на мојата ќерка, но ова е и песна за сите што силно веруваат во своите соништа и не се откажуваат од нив, но најмногу за сите што го живеат животот според свои правила.

Кој го создаде текстот, дали е по ваша идеја или авторот само ја отсликала вашата слика низ призмата на тоа што таа во моментов Ве гледа?

-Авторите на текстот се Коста Петров и неговата сопруга Сања. Со Коста се знаеме веќе неколку години и навистина одлично ме познава, а фактот што Коста и Сања исто така имаат ќерка многу помогна во тоа текстот да биде таков каков што е – директен, со многу емоции но и силна порака да стоиш исправена и да се гордееш со самата себе без оглед на се што ти се случува во животот.

Зборовите се моќни, како мајка на две деца, сметате дека девојчето треба повеќе да се советува , во простори каде што се уште владеат предрасуди дека животот на жената е изложен на многу повеќе проблеми и обврски отколку на мажот?

-Како родител се трудам да им дадам позитивни примери на моите деца и да ги научам да веруваат во себе, без разлика што другите им велат. Ги учам да се гордеат со себе и со луѓето во нивното опкружување, да кажуваат браво, да се радуваат на туѓиот успех но и секојдневно да работат на себе и на своите соништа. Сакам да знаат дека во животот единствено ние самите си ги поставуваме лимитите и дека апсолутно се е можно ако доволно веруваш во тоа и се разбира, ако макотрпно работиш на тоа.

Од ваш агол, можна или неможна е една жена да се справи лесно со предизвиците на секојдневието, кај нас?

-Жената може да биде се што таа сака да биде. Не постојат лимити!

Вашата ќерка Хана ја гледаме во спотот, а, избрани се неколку познати женски ликови, различни профили, за учество во евровизискиот спот, манекенка, активистка, писателка, спортистка… Која е целта, што е пораката што треба да се испрати преку нивното појавување во видео спотот?

-Целта е едноставна – живеј го животот според сопствени правила и биди горда на самата себе. Секоја жена во спотот има сопствена, уникатна приказна и навистина ми беше огромна чест што сите ја прифатија мојата покана да бидат дел од спотот. Би сакала да можев да ги вклучам во спотот сите жени на кои им се восхитувам, но за жал песната трае само три минути.

Феминизам- сте приврзаничка, или повеќе сте за традиционалната улога на жената во општеството?

-Јас верувам во една работа – жената треба самата да реши што сака да биде во својот живот и тоа е апсолутно, само нејзино право! Никој друг не треба да одлучува за неа.

Позната сте како пејачка, но засега не и како активистка. Дали песната отвора ново поглавје во вашиот сценски концепт, или е само „случајно создадена таква песна“? Или поинаку прашано, дали ова е вашиот влог во еден активизам, изведено на свој начин, за активизмот кој кај нас станува се поприсутен и повидлив, во однос на правата на жената?

-Ништо во нашите животи не е случајно. Песната ме отсликува мене, во овој момент од мојот живот. Ова сум јас. Ранлива, емотивна, моќна, мајка, пејачка, но најважно од се, горда на себе и на луѓето околу мене. Верувам дека сите ние ја имаме моќта да придонесеме кон позитивна промена во нашето општество и токму и тоа е целта на оваа песна – без разлика на тоа што ти се случува во животот, да се исправиш гордо и да си кажеш – јас ова го можам и јас се гордеам со себе.

Односот „Мајка- Ќерка“ велат е најемотивниот и исконски најсилниот однос. Колку жената се променува емотивно, кога добива наследничка?

-Сите што добро ме познаваат, многу добро знаат колку раѓањето на моите деца ме променија мене како личност. Гледајќи ја Хана се гледам самата себе. Помислувам на сите работи што ми се случиле мене и чувствувам одговорност да ги споделам научените лекции со неа. Но најмногу од се, чувствувам должност да ја поддржам во тоа што таа сака да биде. Изборот секогаш ќе биде нејзин, а јас секогаш ќе бидам покрај неа да и кажам колку многу се гордеам со неа.

Токму Вашите изјави дека песната ја пеете за својата ќерка, различно беа протолкувани во јавноста. Има некој совет плус, надвор од текстот на „Proud”, кој го чувате специјално за својата ќерка Хана?

-Песната ја посветувам на мојата ќерка, но ќе ја пеам за нашата земја. Имам одличен тим покрај мене и сигурна сум дека ќе се гордеете со тоа што го подготвуваме за 16 мај.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDPТекстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ