четврток, декември 19, 2024
домаНасловнаText.mk патува: Загреб, град на чистота, зеленило и на стари господа!

Text.mk патува: Загреб, град на чистота, зеленило и на стари господа!

Не е далеку, и речиси нема Македонец кој не отпатувал до Загреб, каде некогаш се одеше на екскурзија (низ Југославија), а денес се патува службено, за работа, во посета на роднини и пријатели, а неретко и за туристички цели.
Автобусот Скопје- Загреб ве носи директно до градот (100 евра е повратен билет со Хисар турс), авионот пак, со речиси двојно поскап билет, до големиот и убав нов аеродром „Фрањо Туџман“, изграден од Француска компанија годиниве, од каде за нецели 5 евра ве зема автобус (на секој половина час) и ве носи до главната автобуска станица.
Штом сте на автобуската, сега е веќе лесно, за околу едно евро (но платежна валута се хрватски куни) земате некоја од линиите на трамвајот, ги има на секои 3-4 минути, и во удобниот и никогаш пренатрупан трамвај се упатувате кон центарот. Таму сте за пет-шест мунути, и навистина многу пријатно, особено овие топли пролетни априлско/ мајски денови.
Зборното место е Плоштадот “Бан Јелачиќ” , централниот плоштад во градот Загреб, Хрватска, именуван по банот Јосип Јелачиќ. Се наоѓа под старите градски јадра, Градец и Каптол (двете некогаш главни населби на Загреб) и веднаш до пазарот Тој е центар на пешачката зона во Загреб.
Амбиентот наоколу е мешавина од некогашните барокни згради и комунистичките капитални објекти, на кои нема веќе да видите ниедна од старите реклами, сите се тргнати. Единствено, градоначалникот ја оставил рекламата на Плива, препознатливиот бренд, а стои и натписот на НАМА, Народен магацин.
Кога барате интернет податоци за градот Загреб, овој Плошад е и првиот податок што ќе го добиете, кој е еден вид центар, каде се спојуваат загрепчани, а и туристите задолжително поминуваат од тука. Тоа е како срцето на градот.
Градот изобилува со културни институции, а моментно загрепчани се горди на голема збирка артефакти донесени од музејот Ермитаж од Санкт Петербург, Русија. Оваа изложба е неодамна отворена со колекција артефакти, насловена како “Катерина Велика – царица од сите Руси”, и ќе биде отворена во галеријата “Кловичеви двори” до 29-ти јули. Содржи повеќе од илјада предмети од владеењето на Катерина Велика (1762-1796), од кои некои се прикажуваат и по прв пат воопшто.
Концертна сала „Ватрослав Лисински“ е малку подалеку од центарот, тоа е голема концертна сала, насловена по истоимениот хрватски композитор со германско- еврејско потекло од 19 век. Зградата има голема сала со 1841 седишта и мала сала со 305 седишта, а големото лоби се издвојува како изложбен простор. Тимот на архитекти предводен од Маријан Хаберл ја почнале изградбата во 1961 година, но поплавите и финансиските тешкотии го продолжија датумот на отворањето, на 29 декември 1973 година. 10 милиони посетители поминале во првите триесет години од работењето, а во 2007 година беа реализирани вкупно 450 различни настани, со над 760.000 посетители. Тука се одржа убавата Евровизија во 1990 година, по нејзиното прво големо реновирање во 1989 година. Во 1992 година, покривот од бакарот на салата беше целосно заменет, а се реновираше и во 1999 и 2009 година.
Фабриките, сите се сместени во самиот град, но на одлична дистанца и не пренатрупани. Се чини малку нелогично, но најпознатата „Краш“ била сместена во самиот центар на градот, и од навор нема ни да познаете дека е фабрика, делува како деловен центар. Сега Краш е изграден на Исток , во близина на стадионот Максимир.
Госпоѓа Реза Суговиќ, поранешна економистка во „Краш“, ни раскажа дека работниците таму навистина биле среќни. Имале плата која се движела како денешни 1.000 евра, повишувања, регреси, К-15, еден топол оброк дневно, годишен одмор во некое од нивните убави одморалишта на Јадран, а често и организирано ги носеле на претстави, концерти и културно-уметнички манифестацииво градот.
Додека оваа Загрепчанка со носталгија се присетува на тие убави смирени времиња, има хрвати кои прво што ќе ви кажат е војната, и нивните натчовечки напори со кои го спасиле градот, и државата. Не беше тоа така далеку, нецели две децении не делат од таа четиригодишна војна, по распаѓањето на Југославија.
-Пред војната Србите доминираа во Хрватска, ни рече една постара госпоѓа. Во Сисак рафинерија имаше дури 62 директори, сите Срби. Сега е ситуацијата сменета. Хрватите го имаат главниот збор секаде, го покачи тонот таа.
Анимозитетот кон Србите и ден денес е голем, како и на вистинските загрепчани кон селаните и провинцијалците кои дошле тука да живеат. Со таа разлика што вториве, се држат настрана од нив, но не ги навредуваат и коментираат. Ги прифаќаат, ама од далеку. Но, нивното однесување секогаш се двоело и лесно ќе ги препознаете, тие се пристојни и културни луѓе. Господа од памтивек.
Загреб или Аграм како што го нарекувале Австријците има своја урбана средина која настојува да се зачува што е за секоја пофалба (говор им е фин кајкавски дијалект) но книжевно штокавски хрватски јазик и официјален, и тоа латиница. Градот плени со своите знаци и градби, кои го одбележуваат на секој план, најмногу со чистотата, тивкиот амбиент, и големите паркови кои ги има во центарот, раззеленети, расветани, и чистата средина, кои ви овозможуваат да се изнадишете чист водух и на раат да си го испите своето кафе, во некое од локалните местенца. Загреб има статус на метропола, многу е чист каде и да се оди. Има многу туристи од Исток, Јапонци, Кинези и сл. Ако било кого замолиш да ти објасни и покаже правец или установа, сите се на услуга.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ