ТРАМП СЕ ВРАЌА НА ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА?!

0
37

Пишува: Наташа Доковска

На само неколку дена пред најнеизвесните избори во Америка, една пријателка Американка, вознемирена од написите за изборите кај нив во европските медиуми, или поконкретно во балканскиве, реле: Ако победи Трамп, светот ќе се преврти наопаку”… Не сакаше да објаснува зошто само додаде дека не верува дека Американците може толку ниско да паднат и пак да го изберат него. Од друга страна еден колега од една турска телевизија, пак, и се спротивстави и кажа дека ако Трамп победи светот ќе може да прогласи примирје во наредните неколку години.

Да ооставиме времето да покаже. Но, сигурно е дека ако се потврди победата на Доналд Трамп за претседател на САД, се отвораат повеќе прашања за глобалната политичка сцена, но и за судбината на Балканот и Северна Македонија во наредниот период. Како што стојат работите, новата американска администрација би можела да донесе нови пристапи во односите со сојузниците и противниците, менувајќи ги приоритетите на начин кој може да има длабоки импликации.

Прво, на глобално ниво, Трамп е познат по својот скептицизам кон меѓународните институции, особено ОН, НАТО и Европската Унија. Во претходниот мандат, тој повеќепати го критикуваше НАТО заради „недоволните вложувања“ на европските земји. Таквиот пристап би можел да создаде простор за зголемено руско влијание во Европа, бидејќи намалената поддршка на САД за НАТО може да го остави континентот помалку заштитен. За време на претходниот мандат престана да поддржува повеќе агенции на ООН,а ги сведе на минимум и подршките за заштита на животната средина. Истовремено, можната промена во односите со Русија и поостриот став кон Кина може да ја зголемат глобалната нестабилност кои ќе водат кон нова трговска војна со значителни последици за економиите во развој.

За Балканот, изборот на Трамп значи дека политиката на САД во регионот би можела да стане поизразено селективна. Имајќи блиски релации со некои балкански лидери, Трамп може да го поддржи влијанието на нелибералните политички структури кои се насочени кон централизација на власта. За некои земји, тоа може да значи засилена поддршка, но за други, игнорирање или помалку заинтересираност за локалните демократски процеси. Иако ваквиот пристап можеби ќе донесе краткорочна стабилност, долгорочно тоа би можело да го загрози напредокот на демократијата во регионот.

За Северна Македонија, промената во Вашингтон може да има двоен ефект. Од една страна, блиските релации на македонската влада со луѓе блиски до Трамп може да значат зајакната политичка поддршка и евентуално економски инвестирања во инфраструктурата и енергетиката. Но, од друга страна, тоа би можело да го забави процесот на европската интеграција, бидејќи поддршката за проширувањето на ЕУ можеби нема да биде приоритет за новата администрација. Покрај тоа, односите со соседна Бугарија и решавањето на спорот кој ја кочи евроинтеграцијата на Македонија можат да станат предмет на условување од американска страна, зависи од тоа дали ќе ги исполнуваат интересите на Вашингтон.

Се чини дека новиот мандат на Трамп може да внесе дополнителна неизвесност во регионот, каде што многу политички процеси сè уште се во фаза на транзиција. За Балканот, а посебно за Северна Македонија, овој период ќе биде од исклучително значење за зачувување на стратегиските односи и внимателно балансирање меѓу различни светски сили.