Веќе се препознатливи и сигурно сте ги сретнале на нашите ТВ станици и на фејсбук. Просто се неодоливи.
Во времето кога неограничено и слободно се движевме по градските улици, тетовската чаршија и старите тетовски сокаци, неретко тие беа чиниш бесконечно голема сцена за тетовското женско трио – “Шербет”.
Станува збор за, пред се, три добри другарки, Теодора Ветероска (студент на Факултетот за музички уметности), Ана Марија Блажеска (студент на Институтот за Психологија), Марија Костоска (биохемичар), кои се долгогодишни членови во градскиот женски младински хор “Менада” од Тетово каде ја имале шансата да се запознаат, да го усовршат и да се пронајдат во повеќегласното пеење.
Но, да одиме по ред, да Ви ги шрњтсвиме. Приказната за “Шербет” започнува во Ноември, 2016 година.
-Тетово е бучен и динамичен град, но во недела се чини дека и градот одмора. Така, враќајќи се од настап со хорот, девојките одлучуваат да испеат македонска евергрин песна одејќи по тетовските тивки улици. Видеозаписот од пеењето доживува ширка прифатеност и позитивна критика на социјалните медиуми кои во тоа време баш и немаа видено нешто слично, особено македонско. Оваа реакција девојките одлучуваат да ја искористат како шанса за формирање на пеачко трио кое убавините, особено оние заборавените, на Тетово (и пошироко) ќе ги спои со македонските традиционални и евергрин композиции, снимајќи видеозаписи додека пеат по улиците и сокаците.
За многу краток период триото постигнува голема популарност и од формирањето па се до денес има објавено повеќе од 30 видеа на необработени изведби во живо на македонски изворни или модерни песни во секое од кои е ставен акцент на одредено обележје на градот/републиката.
Ваквите необични изведби го привлекоа вниманието на локалните, националните и интернационалните медиуми по што Шербет се појавуваат на ТВ КИСС, ТВ Ултра, ТВ21, ТВ Сител,ТВ Телма, ТВ АЛФА, МТВ, Урбан ФМ, Ал Џезеира, Дневен весник Вест и многу други.
Веќе во првата година од своето постоење триото активно се вклучува во културниот живот на Тетово и околината. Во март 2017 година, како признание за својот придонес во издигнувањето на културата на град Тетово, триото Шербет ја добива наградата “3ти Март” од општината на градот Тетово.
Некои од настаните на кои до сега триото има земено учество се: изработка на документарен филм за култниот тетовски бенд Легенда, “Нашите 25 години” – КУД Бранко Хаџи Иљоски Чајка, “Денови на Иљо” – КУД Иљо Антески Смок, Детски фестивал “Јаболчиња”, “Денови на жената”, “Скопски летен ритам”, “Крушево Будно”, “Априлијада 2018” – Скопје , “Не сакам рози – сакам рамноправност”, “Прв до врв”, “Избор за најдобри спортисти на ФФМ” – 2018, “Нула насилство”, “True sound of Kamenica”, Средба на Национален младински совет, “Куманиум”, “75 години слободно Тетово”, “Куманизам=Хуманизам”, “Денови на Кирил Пејчиновиќ”, “Ден на гравот”, “10 дена Крушевска Република”, “Тетовски мултимедијални вечери”, “Fete de la musique”, “5та македонистичка вечер”, Свечена академија по повод ослободувањето на Крива Паланка, “Vitrual Concerts”-Instite for Leadership and Public Policy, Монографија – “Серенада – музичка метафора”.
Како и промоциите на неколку книги на Јован Дамјановски, Славица Дабевска Кировска, Зоран Јовановски при Друштвото на писатели на Македонија, изложбите на уметниците Павле Кузманоски и Зоран Бошковски и бројни хуманитарни настани и акции.
Во 2018 година триото “Шербет” го сними првиот студиски албум “Спомен” во кој беа опфатени 9 современи преработки на тетовски староградски песни некои од кои не биле преработени повеќе од 30 години. Промоцијата се одржа во Центарот за Култура “Иљо Антески Смок” во Тетово, пред публика од повеќе од 600 посетители и опфати соработки со неколку локални, млади артисти, а како специјални гости учествуваше познатата група “Серенада”.
Во ноември, 2019 година, триото го одржа својот втор самостоен концерт на македонски, балкански и светски евергрин композиции насловен “Љубовта не излегува од мода” на кој изведуваа композиции на македонски, српски, хрватски, турски, албански, ромски, шпански, англиски јазик, проткајувајќи ја низ истите идејата за единство, соживот и толеранција. Како специјален гостин на концертот им учествуваше Тимко Чичаковски.
Во Август, 2020 година, како дел од Фестивалот “Меридианс”, триото Шербет одржа самостоен, акустичен концерт на тетовски староградски песни.
Пандемијата несомнено влијаеше негативно на музичката сцена во целост, па така, плановите за 2021 година мораа да бидат ставени на почек. Во секој случај, во прв план во иднина е снимањето на втор албум и, со надеж, нови настапи.
Во меѓувреме уживајте во овие “шербетни” изведби на “Јутјуб” и “фејсбук” профилите на групата. В.Ѓ.