Унгарскиот филм „Тело и душа“ на режисерката Илдико Ениеди го понесе триумфот на годинешниот 67. Берлински филмски фестивал. Тоа беше и најиновативниот, најекспериментален и најтопол филм, но и филм кој донесе новини во филмската форма и нарација. Жирито предводено од Пол Верховен, а во кое членуваа и актерите: Меги Гиленхал, Диего Луна и Џулуја Јенч, се одлучи наградите да им припаднат на филмовите, а не на темите, не на остварувањата во кои доминира актуелниот политички миг. Со самото тоа и Берлинале некако си го потврдува својот поранешен статус на фестивал кој е фокусиран, пред се, на уметничкиот и на независниот филм, на делата кои ја носат смелоста, иновативноста и различноста во филмското раскажување.
Не случајно, во Берлин како втора по важност се смета токму наградата „Алфред Бауер“ која се доделува за иновативност, а која годинава ја доби втората од четирите жени-режисери што беа вклучени во главната програма. Станува збор за наградуваната и една од најособените режисерки, Агњешка Холанд, која оваа година ги изненади сите со својата криминална драма и мистерија насловена „Покот“ или „Трага на животно“. Нејзиното дејствие се случува во едно планинско село полно со ексцентрични и агресивни луѓе, село познато по својата ловечка традиција. И токму тоа и ќе биде појдовната точка за Холанд да проговори за онаа вечна нерамнотежа меѓу слабите и силните, да проговори за нечовечноста, за суровоста, за немањето совест, но и за лицемерието посочувајќи ја тука дури и католичката црква. Филм полн со тензија, но и со неверојатна психолошка матрица.
„Сребрената мечка“ или Големата награда на жирито му припадна на филмот „Фелисити“ на Алан Гомес од Сенегал, кој го донесе новото африканско кино и еден сосем поинаков поглед на Киншаса, но и на луѓето во неа. Фелисити е извонредна пејачка и филмот во многу е посветен на музиката, потпирајќи се тука секако на традицијата на оваа земја токму преку музиката да го изрази сето она што и се случува. Така е и овде, само што новините Гомес исто така ги носи низ музиката и низ својата камера, но и низ тажната и силна животна приказна за мајката и синот.
Наградата за режија, пак, отиде кај големиот фински автор, Аки Каурисмаки, кој со секое свое дело умее да ја освои публиката низ светот. Каурисмаки досега три пати бил на Берлинскиот фестивал, но со „Другата страна на надежта“ успеа да добие една од главните награди, и тоа сосема заслужено. Овој филм на свој начин е продолжение на неговиот „Авр“ од 2011 година, во кој повторно се занимава со бегалците, но и со едни сосем поинакви луѓе од другата страна, кои со својата добрина и пожртвуваност делуваат како утопистички ликови. Откачен и забавен на својот оригинален начин, Каурисмаки по којзнае кој пат ги доби и највисоките оценки на критиката, која пред пет години му ја даде наградата „Фипресци“ за „Авр“ во Кан. Само додека во „Авр“ беглаците беа од Африка, овде неговиот јунак доаѓа од Алепо и за жал, не успева да добие азил во Финска затоа што Министерството проценило дека состојбата во Алепо не е толку страшна… Исклучително.
На филмот од Чиле, „Фантастична жена“, кој го потпишува Себастијан Лелио, чија „Глорија“ пред четири години ја освои наградата за најдобра женска улога, му припадна „Сребрената мечка“ за најдобро сценарио. Овде Лелио уште еднаш се фокусира на женски лик, поточно на транссексуалка која ќе се најде во вителот на омразата откако ќе почине нејзиниот партнер. Наградите за улоги, пак, отидоа повторно кај филмови посветени на љубовта и на семејството, што оваа година доминираше во Берлин. Ким Мин-хе во филмот „На плажа сама навечер“ се обидува да ја потисне љубовта кон нејзиниот љубовник и да се пронајде себеси во природата. Режисерот од Јужна Кореја и е познат на берлинската публика, бидејќи досега два пати беше во главната програма на Берлинале. Додека улогата за најдобра машка улога ја доби Георг Фридрих за филмот „Светли ноќи“, во кој се обидува да се зближи со својот син откако ќе почине неговиот татко. Германскиот режисер Томас Арслан, кој во 1999 во Берлин ја добива наградата на критиката „Фипресци“ за неговиот филм „Дилер“, ја одбира Норвешка за ова интересно патување, чии светли ноќи совршено кореспондираат со состојбата на нашите двајца протагонисти.
Ова Берлинале навистина донесе многу интересни остварувања, и тоа не само во главната програма. Берлинскиот фестивал е познат и по своите гледачи, кои со часови чекаат да купат билети и земаат дури и одмор за време на фестивалот. Годинава беа продадени 300 илјади билети, а карактеристично е дека главната награда во програмата „Панорама“ е токму онаа за која гласа публиката. Филмот за кој веќе пишувавме „Insyriated“ на Филип ван Леу, една драматична и неверојатна сторија за животот на едно семејство во Дамаск кое живее опкружено со урнатини и пукања од сите страни, ја доби оваа награда, за која гласаа 29.000 гледачи. Овој филм ја доби и наградата Label Europa Cinemas.
А кога станува збор за независните награди да кажеме дека „Тело и душа“ доби уште три награди, таа на критиката „Фипресци“, потоа наградата на екуменското жири и наградата на читателите на „Берлинер Моргенпост“. Додека наградата „CICAE Art Cinema Award“ која се доделува за промовирање на арт филмовите му припадна на „Кентаур“ на Актан Арим Кубат од Киргистан, за чија фасцинантна приказна за луѓето и коњите, исто така, веќе пишувавме. Луѓето и животните, природата и луѓето, времето, традицијата, неверојатните места низ светот и, секако, семејството и љубовта, тоа го одбележа годинешниот фестивал кој донесе дури 399 филма.
Сунчица Уневска