четврток, декември 26, 2024
домаНасловнаТуристите масовно откажуваат резервации и бегаат од Хрватска

Туристите масовно откажуваат резервации и бегаат од Хрватска

Откако Австрија воведе строги мерки на границата и ја стави Хрватска на црвената листа, туристите ја напуштаат Хрватска, а Словенците се во приправна состојба, очекувајќи ги истите мерки до крајот на неделава.

Плажата Зрче, центар на забавите на островот Паг е напуштена, бројни резервации во Опатија, Ровињ, Пула, Умаг се откажани, а нови скоро и да нема. Исто така, се очекува што ќе одлучат Германците, а се водат разговори преку дипломатски канали за изнаоѓање решение, за германските туристи да можат да продолжат да доаѓаат на Јадранот, пишува српски „Новости“.

Жестоко е во односите меѓу Хрватска и Австрија, затоа што официјален Загреб е крајно незадоволен од одлуката на владата на Себастијан Курц дека сите Австријци кои доаѓаат од Хрватска мора веднаш да бидат тестирани за корона. Се создаваат големи колони на границата, затоа што тестирањето се прави на лице место, а наводно тестовите што биле направени во Хрватска не се признаваат.

Туристите од Австрија исто така се плашат дека ќе ги загубат своите работни места доколку треба да бидат ставени во карантин и да не доаѓаат на работа, па многумина се откажуваат од продолжување на летниот годишен одмор, за кој однапред платиле. „Скијачката сезона доаѓа, Австријци. Како вие со нас, така можеме и ние со вас “, се пораките кои се слушаат од Хрватска, а очигледно пукна љубовта на политичарите од двете држави, затоа што Хрватите ги обвинуваат Австријците дека не им дозволуваат престој на своите граѓани на Јадранот, со цел да ги остават парите на австриските езера.

Србите не се откажуваат

Бројни туристи од Србија кои го поминуваат летото на Бријуни остануваат, без оглед на паниката што завладеа на Јадранот. Паркингот во Фажана е сè уште полн со регистрации од Србија, а туристите на Титовиот остров воопшто не размислуваат да се вратат во Србија додека им трае летниот одмор.

Вирусот сè уште се шири и на хрватските туристички дестинации, а некои локални епидемиолози тврдат дека податоците се фалсификуваат. Официјално, Националниот штаб за цивилна заштита вели дека бројот на заразените ќе паѓа во наредните денови, но во исто време загребски „Национал“ објавува приказна дека Нина Бадриќ пеела на корона забава и наместо да оди во самоизолација, се сликала со министерот за здравство Вили Берош.

Најмногу заразени има во Далмација, но вирусот се шири и низ Истра, каде што ситуацијата беше најдобра досега. Истра ги постигна најдобрите резултати со исполнетост на капацитети од 70% во однос на минатата година, а сега камповите и хотелите и таму се празнат.

Остануваат само високите цени, но прашање е што ќе се случи во септември, бидејќи на Истра се очекуваше добра пост-сезона. Исто така се испразни и Дубровник, кој летово не беше добро посетен, а туристите бегаат и од островите каде досега немаше корона.

Најавени се построги мерки во Хрватска за септември, веднаш штом ќе заврши сезоната, па се разгледува носењето маски на сите јавни места, како и ограничување на бројот на гости на свадби на 30. Деновиве ќе се донесе одлука дали учениците ќе учат во училиште или ќе учат од дома. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ