Минатото лето прв пат во мојот живот пробав Џамбалаја (Jambalaya). Ова не е толку фасцинантно ако се знае дека само два пати сум јадел турлитава. Турли тавата, да бидам искрен, не ми се допаѓа. Џамбалајата е нешто друго. Тоа сум јас.
Веќе неколку недели одложувам средба на ручек на кој треба да дојдат блиски пријатели. Не дека немам време, напротив. Но инсистираат да им приготвам турли тава. Сам си го барав кога изјавив дека во Македонија има се’ за приготвување на јадење: и зеленчуци и продукти и лете и зиме – во секое време. Тогаш многуминаа од присутните (беше седенка на некоја од посните слави) се самонајавија во скоро време да им приготвам и да го поткрепам кажаното. Лесно ми е денес да имам се’. Замрзнати бамји, замрзната боранија, дури и пиперки замрзнати. А има и свежи низ маркетите наместо на пазар. Сеедно. Месото треба да е јунешко или свинско. Но, најважна е тавата. Глинена и употребена за да може да издржи висока температура повеќе од 2 часа.
Значи, кромидот, морковите, пиперките се сечкаат и се пропржуваат на масло. Се додава и модар патлиџан сечкан на коцки, тиквички, се додава домат, компир и бамјите кои патем речено ги обожувам. По пропржувањето (најдобро е да е во вог тава) смесата се истура во тава. Се додава месото исечкано на парчиња Се пече во рерна до два часа на 180 степени.
Сладокусците велат дека во турли тавата има многу зеленчуци и затоа е хранлива и вкусна. Јас не се сомневам во тоа. Само ме мачи двочасовното печење. Зеленчуците од турлитавата се поздрави ако се приготвени со покуса термичка обработка (да не кажам свежи). Ама соковите што ги пуштаат во тавата ја прават турли тавата кралица на манџите – ем печено ем со лажица.
Поттикнат од потребата да приготвам ручек побргу и поедноставно со помалку продукти и да е повкусен, ја сечкав краставицата за таратор со маслиново масло, лук и павлака, пивнував од узото и се објаснував со соседот од другата тераса. Место: Халкидики. Време: лето. Ми вели дека оризот може да се приготви на многу начини, а јас му велам: „да не си кинез“? – „Не, не од Лујзијана, УСА, знаеш – Њу Орлеанс. Ние правиме Џамболаја.“ Мене името ми асоцираше некако на турли тава. Од пристојност и со недоверба го исслушав соседот. И веднаш потоа се упатив да докупам сланина и свежи колбаси за да ја приготвам џамболајата. Беше превкусна.
На тава се пропржува млад кромид, сланина сечкана на коцки и сечкани свежи колбаси. Се додава ориз и се прелива со пилешка супа (бујон од пиле). Се додаваат останатите колбаси, црвен мелен пипер, еден излупен домат, или доматно пире. Основните зачини се ставаат во процесот на приготвување на јадењето. На крај се добива извонредна манџичка од ориз со колбаси. Мојот комшија од апартманот ми зборуваше и за џамболаја со шкампи. Демек се додавале на крајот десетина минути пред да биде готов оризот. Ама мене нешто не ми се слушаше за шкампите – дали поради англискиот или поради цената кај нас – јас не ги користам.
На здравје.