За време на протестот во петокот навечер во Белград, повредени се 14 полицајци и 19 демонстранти, а уапсени се 71 демонстрант, меѓу кои и граѓани на Црна Гора, Босна и Херцеговина, Велика Британија и Тунис, изјави во саботата директорот на српската полиција Владимир Ребиќ.
– Влегоа во Србија, која им обезбеди гостопримство, но тие дојдоа да ја уништат и да ја нападнат полицијата – рече Ребиќ и најави дека ќе се води судска постапка против оние уапсени во наредните денови.
Директорот на полицијата изјави дека десетици полицајци се повредени во текот на четирите вечери на протестот и оти 130 од нив морале да побараат лекарска помош.
Тој рече дека во тек се оперативни активности, видео надзор и протести за да се идентификуваат напаѓачите на новинари, фоторепортери и сниматели, меѓу кои најмалку тројца беа сериозно повредени во нападите на демонстрантите и полицијата, и покрај тоа што се идентификувани со прес-картички.
Службата за итни случаи згрижила19 повредени, од кои осум се испратени во Воената медицинска академија, а 11 во Центарот за итни случаи. Се претпоставува дека неколку десетици се полесно повредени, но не им била потребна лекарска помош, пренесува Хина.
Протестите во петокот вечерта, четврти по ред, започнаа мирно, а немирите започнаа околу 21 часот со обид на стотици агресивни демонстранти да влезат во зградата на српскиот парламент, по што полицијата интервенираше.
Следеше кратко затишје, а потоа продолжија нападите врз полицијата, а со засилување и ангажирање на жандармеријата и полициските возила „хамер“ растерувањето на демонстрантите траеше до после полноќ. Српскиот претседател Александар Вучиќ се обрати во петокот вечерта од Париз, коментирајќи ги протестите во Белград и неколку други српски градови, велејќи дека насилниците нема да победат и дека повеќето од нив ќе бидат уапсени.
Вушиќ рече дека граѓаните не треба да се грижат за протестите, потенцирајќи дека Србија ќе покаже дека е демократска држава, апелирајќи да не се оди на протестите заради коронавирусот. А.Н.