Украинскиот детски филм „Бобот“ во режија на Макс Ксјонда, ќе биде последниот наслов од програмата „Џифони филмски денови“, што ќе заврши в сабота (11 јуни) во 10 часот во Кинотеката. По филмот ќе следува дискусија.

Влад многу сака да им раскажува фантастични приказни на своите другари во летниот камп, иако и самиот е по малку плашливо дете. 12-годишниот сонувач случајно се наоѓа во конфликт помеѓу две вонземски сили. Заедно со електрична трансформер кутија Бобот, храбра девојка и ексцентричен научник тој мора да го спаси светот од глобална катастрофа. Бобот го има решението за спас на светот. Додека ги раскажува приказните за храброста, Влад ќе открие дека да се надмине стравот е прилично голем предизвик.

Филмот има освоено неколку награди, меѓу кои и за специјални визуелни ефекти.

По дискусијата на филмот, во 12.30 часот ќе започне „Филмска работилница“ со режисерката Марија Џиџева, за сите оние што сакаат да снимаат филмови и видеа.

„Џифони филмски денови“ привлекува големо внимание кај учениците што ја сакаат филмската уметност. После секоја проекција, следува дебата во која активно се учествува. Деновите се отворени за ученици од основно образование, а по проекцијата на филмот ќе следува дискусија.

Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“.