петок, ноември 15, 2024
домаКујнаУраганот „Флоренс“ и се заканува на Америка, евакуација на милион луѓе

Ураганот „Флоренс“ и се заканува на Америка, евакуација на милион луѓе

Ураганот „Флоренс“ продолжува да се засилува, и по обем и сила додека се приближува на источниот брег на САД, а според најавата на Националниот центар за урагани, бурата во текот на денот ќе се приближи до јачина од категорија пет.

Бурите од петта категорија имаат потенцијал да предизвикаат катастрофални последици, наведува АП. Националниот центар за урагани предупреди дека „постои високо ниво на уверување дека “Флоренс“ ќе биде голем и исклучително опасен ураган“.

Во меѓувреме, претседателот на САД, Доналд Трамп одобри прогласување вонредна состојба во Северна Каролина. Претходно, гувернерот на Северна Каролина Рој Купер рече дека „окото на ураганот“ ќе премине на територијата на таа држава и побара од жителите да се подготват за високи бранови, силни ветрови и поплави.

Службите за вонредни состојби во Северна Каролина ја разгледуваат можноста да препорачаат евакуација на населението кое живее во подрачја на неколку реки што се излеваа во текот на претходните бури. Гувернерите на Јужна Каролина и Вирџинија, исто така, наредија задолжителна евакуација поради ураганот „Флоренс“.

Гувернерот на  Јужна Каролина Хенри Мекмастер нареди почеток на евакуацијата денеска на пладне по локално време. Одлуката се однесува на сите осум области по должината на брегот на Атлантикот, вклучувајќи го и најголемиот град на оваа држава, Чарлстон. Мекмастер процени дека околу еден милион луѓе ќе ги напуштат своите домови.

Гувернерот на Вирџинија Ралф Нортам нареди почеток на евакуацијата во 8:00 часот, за делови на таа американска држава што се во ниските крајбрежни области, каде што живеат 245.000 жители. Тој ги повика жителите да се подготват за ураганот кој ќе го зафати целото подрачје на Вирџинија. Максималната брзина на ветерот сеуште не слабее и изнесува 220 километри на час.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ