Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго
Веќе 7-ма година, Битолскиот театар станува Глоуб театар на овој крај на светот на крајот на Јуни.
Битола станува неповторливо искуство за љубителите на театарот и почитувачите на Шекпсировите дела.
Битола Шекспир Фестивалот се издвојува од групата театарски фестивали, не само по тоа што фестивалот очигледно го слави Шекспир, туку и по намерата фокусот на овој фестивал да биде не толку на сценографиите и амбиентите, туку во препуштањето на публиката да ја доживее генијалноста на најзначајниот драмски писател кој го имало човештвото, претставен главно преку актерската вештина низ која патуваат гледачите и секогаш на различен начин да го доживуваат Шекспир.
Во Битола, Шекспир на новото време е јунакот кој го сакаме и тука живее.
Денес во 21 век, неговата универзалност е сеприсутна.
Оттука доаѓањето на актери, трупи и театари во Битола од различни страни на светот претставува значајно место на средби, интеркултурни средби и интернационални современи интерпретации на Шекспировите дела.
Токму такво беше вчерашното свечено отварање на Фестивалот, со гостувањето на Хрватско народно казалиште од Сплит, со Шекспировото “Кротење на фуријата” во режија на Иван Плазбат. Оваа претстава минатата година ја понесе главната награда на Гавела фестивалот.
“Кротењето на фуријата” е едно од најраните шекспирови драми, воедно и една од најконтроверзните, напишана 1590 год.
Две сестри, едната фуриозна-таа е Катерина, другата слаткаста, тоа е Бјанка. И двете изложени на погледите во насилниот машки свет, љубовта околу која се натпреваруваат додворувачите, само е параван за профитирањето на нивниот татко од нивното мажење.
Колку сме подготвени да платиме за слободата? Тоа е прашањето кое ни го поставија Хрватите.
Современата адаптација на овој текст зборува за слободата како за нескротлив предел на дивината, улицата, градот…Тоа е простор на секојдневието во кој Шекспир се појавува само како драг и далечен спомен кој ја засмева публиката, ја прави тажна исто така, отварајќи болни прашања.
Од овој текст, режисерот Плазибат успеа да направи и претстава со политички поенти. Младата екипа на актери која доминира во претставата, очигледно ја таргетира генерацијата на денешните 20-годишници, подмладок распнат помеѓу неоконзервативната обнова и капиталистичката индустрија на раскалашност.
Вчера во Битола, на свеченото отварање, претставата на сплитски ХНК го соџвака, рециклира и на крај ни го плукна Шекспир, претворајќи го неговиот многу минат текст во нешто бескрајно современо.
Текст на новата генерација која има кризи после афтер пировите, која размислува за културата на инфлуенсерите, новите урбани тинејџ амазонки.
Фото: Александар Буневски и Ивона Кочов