Виолина изработена од славниот Антонио Страдивари во 1714 година има потенцијал да стане најскапиот музички инструмент некогаш продаден кога ќе излезе на аукција во петок во „Сотби“ во Њујорк, пренесе „Асошиетед прес“.
Аукциската куќа ја проценува вредноста на „Јоаким-Ма Страдивариус“ на 12 до 18 милиони долари. Ако се продаде за нависоката сума од тој опсег, би можело да ги надмине досега највисоко платените 15,9 милиони долари во 2011 година за друг Страдивариус, „Лејди Блант“, изработен во 1721 година и именуван од Гинисовата книга на рекорди како најскапиот инструмент некогаш продаден на аукција.
Мари-Клаудија Хименез, претседател на американски „Сотби“ и шеф на глобалниот бизнис, рече дека Страдивари ја направил виолината за време на неговиот „Златен период“, кој започнал околу 1700 година и бил обележан со подобрување на неговата изработка.
„Значи, ова е врвот на неговата работа“, рече Хименез. „Ова е најдобрата виолина во оваа ера“.
„Сотби“ вели дека виолината е извонредно зачувана, а нејзината историја на сопственост е неверојатна.
Именувана е по двајца негови познати сопственици – виртуозите на виолина Џозеф Јоаким од Унгарија, кој живеел од 1831 до 1907 година, и Си-Хон Ма, кој е роден во Кина во 1926 година, се преселил во САД во 1948 година и починал во 2009 година.
Се верува дека легендарниот композитор Јоханес Брамс бил под влијание на виолината Јоаким-Ма кога го напишал својот „Концерт за виолина во Де-дур“ поради неговиот богат, звучен тон, и дека Јоаким свирел на таа виолина за време на премиерата на концертот во 1879 година, според „Сотби“.
Ма ја купи виолината во 1969 година и неговиот имот ја подари на Конзерваториумот Њу Ингланд во Бостон по неговата смрт. Ма на конзерваториумот магистрираше во 1950 година. Конзерваториумот сега ја става виолината на аукција, а целиот приход оди за студентски стипендии. А.Р.