Министерот за здравство Венко Филипче денеска информира дека високата смртност кај пациентите се должи на тоа што пациентите доцна се јавуваат во болница.
„Анализата покажа дека смртноста е висока, особено во првите два-три дена кај најтешките случаи. Кај околу триесет случаи Ковид-19 е утврден постмортем, додека 29 отсто од смртните случаи се меѓу вториот и петтиот ден по приемот во болница, што значи дека биле примени во крајно тешка состојба“, рече Филипче.
Министерот Венко Филипче потенцира дека има место во болниците и дека граѓаните не треба да се плашат дека капацитетите се полни. Тој информира дека во Инфективната клиника од 110 расположиви кревети пополнети се 90, 30 отсто е исполнетоста на болницата во Козле, а Модуларната болница е празна и од утре ќе има 72 слободни кревети. Освен во болниците во Охрид и во Битола каде што има по неколку слободни кревети, полуисполнети се болничките капацитетите во другите градови од државата. Филипче рече дека има доволен број слободни кревети и во „8 Септември“, како и тоа дека се работи на системот на ротација на здравствениот кадар.
А.Н.