понеделник, декември 23, 2024
домаНасловнаВладата го усвои Договорот со Грција и го достави до Собранието

Владата го усвои Договорот со Грција и го достави до Собранието

Владата на Република Македонија на денешната, редовна 74 седница, го разгледа и усвои Предлог – законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните, на предлог на Министерството за надворешни работи.

Предлог-законот за ратификација ќе биде доставен до Собранието на Репубика Македонија. Претседателот на Собранието Талат Џафери по добивањето на материјалите во рок од 3 дена треба да ја закаже седницата на која со обично мнозинство, односно мнозинство од присутните пратеници – минимален кворум е 61 пратеник, треба да биде усвоен предлог- законот.

Потоа тој ќе биде испратен до претседателот Иванов кој има рок од 7 дена да го потпише. Иванов во неколку наврати кажа дека нема да го потпише овој закон за ратификација, бидејќи е лош и разорен за земјава. Доколку претседателот го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура каде мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство односно 61 гласа „за“. Договорот потоа повторно се праќа до претседателот кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Договорот ќе стапи во сила што двете страни го прифатат согласно внатрешните процедури. Но, ако која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи. Според Договорот, по ратификацијата, грчките власти ќе го известат претседателот на Европскиот совет дека нема пречки и дека препорачуваат земјата да добие датум за почеток на преговороте и ќе испратат писмо  до генералниот секретар на НАТО дека веќе нема спор и нема пречки за да добиеме покана за членство  во НАТО.Советот на кој се одлучува за датумот за почеток на преговорите со ЕУ  е на 28 и 29 јуни, а НАТО самиот на 12 јули.

Конечната одлука ќе ја донесат македонските граѓани на референдумот кој треба да се случи во септември или октомври.

Со Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратешко партнерство што вчера во Преспа го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, официјално име на државата ќе биде Република Северна Македонија или Северна Македонија (скратено име)со превод на сите јазици за севкупна употреба и ќе се прецизира со амандман во Уставот. Со Договорот се признава – Македонски јазик, дел од група јужнословенски јазици без фуснота – потврден од ООН. За националност е предвидено: Македонска/граѓанин на Република Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia)- во сите патни документи.

Со договорот се предвидува Новото име Република Северна Македонија да почне да се употребува на меѓународен план откако договорот со Република Грција ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји. На внатрешен план новото име на земјата ќе се употребува по отворање на поглавјата за преговори за членство во ЕУ, но не подоцна од пет години од потпишување на договорот. Договорот станува валиден кога ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји. По уставните промени, кои ќе следат по евентуален успешен референдум, договорот се ратификува во парламентот во Грција. При тоа ќе се ратификува и договорот за името, но и протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО. Оттогаш почнува меѓународната употреба на новото име. На 28 јуни годинава, Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија, Кодовите за Македонија остануваат мк и мкд. На 12 јули на самитот на НАТО Македонија треба да добие покана за членство во алијансата како нејзина 30-та членка.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ