среда, јануари 22, 2025
домаКујнаВО КУМАНОВО: Блесна убавината на македонско етно со талентираните Александра, Петар и...

ВО КУМАНОВО: Блесна убавината на македонско етно со талентираните Александра, Петар и Билјана! 

На 14 октомври 2020 година, во Занаетчискиот дом во Куманово се одржа концерт кој беше оценет како  нешто прекрасно, а публиката  одушевена од настапот на мецосопранот Александра Коцевска,  Петар Колевски на труба и Билјана Петровска на клавир.
-Се започна со една идеја меѓу мене и професорката по соло пеење – мецосопран Александра Коцевска да се преработи, за мене најубавата кратовска народна песна “Месечино царева девојко”, во една класична верзија, и така, на тој начин изворната народна песна да се доближи до една специфична публика која ги милува класичните ноти. Истата песна претходно, во рамките на својата мисија ја “ископавме” од стари кратовски песнопојци, поконкретно, песната ни ја кажа дедо Љубе од село Живалево, кратовско, Цане Петров го направи аранжманот и песната ја донесе Душко Георгиевски, истата е поставена на носач на звук, и за прв пат беше промовирана пред пошироката јавност. На тој аранжман, професорот Игор Трајковски направи аранжман во класична верзија и потоа песната ја испеа  Александра. Сето ова беше многу симпатично, за да после ова продолживме со понатамошните активности, и добропознатата исто така кратовска песна “Моме седи на пенџере,”, ја преработи Сашо Ливрински, и истата се најде на репертоарот на Александра Коцевска и за прв пат во една ваква варијанта беше промовирана на манифестацијата “Вечерен танц на куклите” во село Куклица, кратовско, на локалитетот Камени Кукли, минатата година, вели Драган Јаким, претседател на здружението ” Етно ризница” . Ова беше настан во рамките на фестивалот ,,Денови на Балканска етно ризница ,, во организација на здружението” Етно Ризница” од Куманово, истото она кое го организира “Тумба фест”, а чиј претседател и токму господинот Јаким.
И професор Игор Трајковски ни даде свое видување за овој настан :
-Прекрасно беше чувството да се присуствува, а воедно и да се слушне како македонската народна песна може да зазвучи и на поинаков начин во овој случај во “класичен стил,” а за тоа главен виновник е организаторот ” Етно ризница””од Куманово кој со свои прекрасни идеи покрај тоа што ја чува македонската традиција со вакви преработки на народни македонски песни, уште повеќе ни ја доближува македонската песна, ја модернизира, ја приспособува на денешните услови, а со тоа  ја чува од заборав. Прекрасен концерт реализиран со професионалци кои си ја знаат својата работа, а уште поубаво е да се слушне како една оперска дива од највисок ранг со своја специфична и извонредна оперска изведба ги донесе старите македонски народни песни. Само оној кој не присуствуваше на концертот не ќе го разбере оваа мое видување на овој прекрасен настан.
 Стручниот соработник за музичка дејност при Националната установа Центар за култура Куманово, Александар Митрички, го изјави следново:
-Концертот беше вистинско уживање за сетилото за слух. Врвни и докажани музичари ги репродуцирааа испишаните ноти од композиторот  Ливрински, носејќи ја публиката на едно музичко патување низ плодната ризница на македонската народна песна. Како што и самиот композитор кажува: “голема е одговорноста да направиш преработка на  стара македонска песна, а да не ја загадиш” така и публиката сфаќа дека Ливрински многу умешно и на свој начин веќе препознатлив за него, аранжманите ги напишал чиниш, со “божја рака”. Организаторите го реализираа концертот почитувајќи ги сите протоколи, а верувам со жалење заради ограничениот број на публика. Се надевам концертот ќе се повтори пред многу поголема публика и во некое подобро време, заклучи тој.
За крај, уште еднаш господинот Јаким гордо надополнува :
-Јас како организатор можам само да додадам и да потенцирам дека македонската етно ризница,  онаа фолклорната, е преполна со прекрасни дела кои на овој начин можат да допрат до поширока публика, да се овековечат, и да се сочуваат за наредните генерации.
Валентина Ѓоргиевска Парго
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ