среда, јануари 8, 2025
домаВо пресрет на Оскарите: Во кошмарот на непознатото

Во пресрет на Оскарите: Во кошмарот на непознатото

Кон: „Татко“, режија: Флоријан Зелер, сценарио: Зелер и Кристофер Хемптон, улоги: Ентони Хопкинс, Оливија Колман, Руфус Сјуел, Оливија Вилијамс, монтажа: Јоргос Лампринос, фотографија: Бен Смитард, Британија/Франција, 2020 година

Сунчица Уневска

Филмот „Татко“, кој годинава понесе шест номинации за „Оскар“, е тежок, мрачен, вознемирувачки, филм кој останува долго потоа, филм кој е изненадувачки, необичен, полн со пресврти, на моменти и шокантен, тоа е филм кој не можете, а да не го почувствувате некаде длабоко во стомакот, бидејќи својот пекол умее така добро да го донесе до вас. Со други зборови, ова филмско деби на познатиот француски драматург, Флоријан Зелер, е толку супериорно направено, што на прв поглед и не се забележува, сè додека не сфатите дека сте тотално вовлечени во ужасниот свет на деменција, но не како набљудувач, туку како протагонист. Во буквалната смисла на зборот. Што, ќе признаете, не е воопшто лесно да се постигне.

Кога станува збор за номинациите, се чини ова е најчудниот кандидат, затоа што има шест номинации за „Оскар“, исто како што имаат уште пет (од вкупно осум) филмови во годинешната трка за најдобар филм, и иако можеби е и подобар од нив, и иако сите негови шест номинации се заслужени и заслужуваат награди, сепак, „Татко“, не важи за фаворит. Уште поинтересно е тоа што овој филм вкупно понесе повеќе од 150 номинации, а едвај дваесетина награди. Зошто? Од каде таков однос кон еден толку прецизно и филигрански направен филм. Дали заради темата, дали заради пристапот, поради кој многу критичари дури го вбројуваат во хорор, велејќи дека тоа е филм што ги наежил и од кој не можеле никако емотивно да се дистанцираат? Дали токму чувството на нелагодност доведе до дистанца во обратна насока, па некако луѓето сакаат од него што повеќе да се дистанцираат, од она што толку многу и толку неочекувано успева да ги вознемири??

Интересно е дека токму тоа и била целта на Флоријан Зелер. Како што вели, тој не сакал на публиката да и биде комотно, сакал да си поигра со чувството на дезориентација и да ги натера луѓето да го проживеат тоа искуство. Токму со тие зборови, дека ова не е само приказна, за него „Татко“ треба да биде филм на искуство, филм кој едноставно ве тера да бидете дел од него. И навистина, колку што успева да создаде „хаос“ на екранот, на ист начин успева да го вовлече и гледачот во тој хаос, кој исто како и протагонистот, не може да го препознае. Тоа е навистина многу тежок филм, но толку неверојатно животен, толку силен, толку точен, толку болен, со таква атмосфера и развој на настаните кои ве оставаат без здив.

„Татко“ има одлично сценарио, за кое Зелер ќе го ангажира и искусниот оскаровец Кристофер Хемптон („Опасни врски“, „Искупување“, „Тивкиот Американец“), иако всушност станува збор за негова драма, која е многу успешно поставена во француските театри и добитничка на повеќе награди. Но, кога Зелер одлучил оваа драма да ја екранизира, во неговата замисла бил единствено Ентони Хопкинс, поради што и овој филм е направен на англиски јазик. Неговата ќерка ја игра Оливија Колман, која го доби „оскарот“ пред две години за „Фаворитка“, а сега има номинација за споредна улога. И мора да се каже дека совршено му парира на маестралниот Ентони Хопкинс, носејќи ги  емоциите до таква опиплива и неверојатно болна граница, која ве тера да ја почувствувате сета немоќ…

А, Ентони Хопкинс, актерот кој зад себе има толку извонредни ролји, се чини дека е уште подобар, едноставно брилијантен, па дури, како што многумина ќе речат, на своите 83 години можеби ја дава и својата најдобра улога, освојувајќи номинација и станувајќи најстариот актер кој е во трка за оваа награда. Од самиот почеток на филмот Хопкинс е толку сугестивен, на моменти забавен, разигран, ироничен и брутален во своите изјави и однесување, сè додека пополека не го сфатите целиот оној „пекол“ со кој е опкружен. Направен како своевидна камерна драма, со оглед на тоа што речиси целиот филм се одигрува во еден стан, „Татко“ е фасцинантен филм што ве води низ лавиринтот на психата на начин кој не можете ни да го замислите. Гледачот е, всушност, ставен во улогата на Ентони (како што се вика неговиот лик и во филмот) следејќи го сето она што се случува низ неговиот агол.

Токму затоа, и гледачите исто како и таткото кој страда од деменција, но тоа не сака да го прифати, ја чувствуваат истата дезориентираност, истите секојдневни шокови и пресврти не знаејќи во чиј стан се наоѓа, не знаејќи кога се смени самата сцена, кога е ден, а кога ноќ, дали негувателката требаше да дојде или веќе ја избрка. Дали неговата ќерка е мажена или не, дали таа навистина ќе замине во Париз и дали се остварува неговиот најлош кошмар, дека глувците први го напуштаат бродот што тоне.

Често во филмот авторот се користи со преповторување на исти сцени и разговори, покажувајќи го губењето на насоката, непознаниците и несигурноста што од она кое го гледаме, всушност, е вистина. Од каде тие различни ликови, дали се само негова имагинација, или некои други ликови кои не ги препознава. Умее Ентони во својата болка да биде многу навредлив и жесток, и иако неговата ќерка, како и ние, знае дека тоа така мора да биде, сепак, болката и навредата толку совршено се исцртани на нејзиното лице. Тој умее да шокира, но и самиот се наоѓа во таа ситуација, особено кога се бори со својата совест за тоа колкав товар е за неговата ќерка. Во сето тоа придонесува и присуството на нејзиниот маж (Руфус Сјуел), кој има (или така е нагласена) некаква злокобна појава, има во него нешто мрачно, кое исто како и Ентони, не знаете од каде доаѓа, колку во сето она што го проживува има вистина.

Совршена идеја е неговата обземеност со часовникот. Што друго може да даде подобра насока или да ве натера да се организирате, ако не времето. Но, времето во филмот постојано бега, како за него, така и за нас, бега времето, бега просторот, се менува сценографијата, се губат боите, се мешаат светлината и темнината, како фактички, така и во неговото расположение. Едноставно, можете да го почувствувате изненадувањето со кое се соочува секогаш повторно кога не ја препознава својата околина, кога е збунет од луѓето околу него кои велат, „се видовме претходно не се сеќаваш…“ Каква е таа немоќ, каква е таа болка, каков е тој страв и понижување, кои Ентони толку гордо умее да ги донесе додека ја бие внатрешната битка. Успева авторот во сето тоа да внесе и хумор и забава тогаш кога Ентони е палав, тогаш кога се обидува да си игра (што му дава чувство на контрола) пред да пламне не можејќи да го поднесе тој однос како кон дете…

Во една сцена тој вели: „јас сум многу интелигентен, памтам како слон“, судирајќи се веќе во следниот миг со кошмарот од непознатото, со немањето ниту чувство, ниту моќ да препознае каде во тој миг се наоѓа. Истото се случува и со нас. Додека тој сака да ја задржи и таа малку гордост што му останала, и ние се обидуваме да ги препознаеме границите. Тој не може и не сака да го прифати понижувањето што на моменти го чувствува, барајќи го очајно излезот, кој подеднакво и ние сакаме да го најдеме. Некако, се чини, не можете да побегнете од сето тоа што се случува во филмот, тоа е толку животно, толку веродостојно, тоа е нешто кое секому може да му се случи, како на нас, така и на нашите најблиски. Филмот ве води во тој мрачен лавиринт, немоќен свет што нè плаши исто како што го плаши и него, кога на крајот ќе каже дека не знае како да го одмори мозокот, дека не знае како да ги заштити тие голи гранки кои треперат на дождот, дека не знае дали ќе биде подготвен да оди понатаму.

„Татко“ е морничав филм, филм кој влегува под кожата, кој ве тера да се поистоветите, кој ве исправа пред непознатото, кој зборува за границите, границите на човекот, на психата, на емоцијата. Толку болен, толку вистински, толку неподнослив, а сепак, совршено изведен и направен без нималку празни одови, без претерување или срцепарателност. „Татко“ е супериорен филм, во кој безусловно се препознавате, но тоа толку многу плаши, плаши до болка, бидејќи нè соочува со немоќ и страв што не изминува. Можеби, токму затоа оној триумф, што секако би бил заслужен, тешко доаѓа, затоа што сакаме да се оддалечиме, затоа што сакаме што побрзо неминовното да го заборавиме…

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ