недела, декември 22, 2024
домаЖивотВо услови на пандемија водата е неопходна за секого!!!

Во услови на пандемија водата е неопходна за секого!!!

“Застанати пред историскиот предизвик за спасување животи во пандемијата на новиот корона вирус, се наоѓаме во меѓу простор во кој времето е клучен фактор во борбата за чиста вода и преживувањето. Важно е да се има предвид дека пристапот до чиста вода, соодветна санитација и хигиена не се прашања за кои треба да разговараме ад хок, туку се суштинска потреба! Оттаму и нашето се поггласно барање пристапот до вода и санитација да бидат дел од Уставот на Република Северна Македонија.  Кога тоа би се случило ублажувањето на климатските промени би биле поефикасни и би се намалил  ризикот од поплави, суши и катастрофални непогоди, па дури и зарази како оваа што сега ни се случува“ – рече Наташа Доковска  Спировска од Новинари за човекови права на виртуелната дебата на тема „Правото на вода и санитација како основно човеково право во време на пандемија”, која беше во организација на НВО Новинари за човекови права како промотор на правичниот пристап до вода и санитација во соработка со проектот Water4changes- поддржан од Global shapers hub Skopje.

Доковска потсети дека две петтини од населението се уште нема пристап до сапун и чиста вода дома, а секоја шеста здравствена установа во светот нема услови за хигиена на рацете. Стотици илјади смртни случаи годишно се препишуваат токму на овој проблем.

„Ние не сме изоставени од овој предизвик. Пред почетокот на кризата во училиштата немаше сапун и хартија за одржување на хигиена, освен доколку родителите самоиницијативно однесеа, во здравствените установи јавните толатеи кои ги имаме многу малку тоа одамна е мислена именка“, вели Доковска Спировска.

Според неа, водоснабдувањето мора да биде доволно и континуирано за лична и домашна употреба што вообичаено вклучува пиење, лична хигиена, перење облека, подготовка на храна. Таа додаде дека мора да постои доволен број санитарни објекти за да се обезбедиме дека сите потреби на секое лице се исполнети.

Доковска Спировска повика да се почитуваат препораките за правичен пристап до вода и санитација, а со самото тоа и водата, санитацијата и хигиената да станат основно човеково право и дел од Уставот.

Според Eвгенија Крстевска од „Global shapers hub Skopje” доколку се пропише правото на вода како основно човеково право во Уставот, најпрво ќе се заштити приоритетната употреба на водата за пиење, како основно човеково право и ќе се утврди статусот на општо добро на правото на вода, односно на приоритетната употреба на водата со тоа што државата активно ќе треба да го заштити тоа право.

– Проблематично е тоа што надлежностите во нашата држава околу остварувањето на правото за вода и санитација ги имаат локалните самоуправи, но не е дадена можност државата да го преземе управувањето со водоснабдителниот систем за остварувањето на овие права тогаш кога општините нема да ги остварат своите обврски и нема да овозможат уживање на ова право, рече Крстевска, додавајќи дека Словенија дозволила секогаш кога општините нема да го остварат правото на вода на своите жители, тогаш државата може активно да се вклучи и да го обезбеди остварувањето на ова право.

Според Крстевска важно е на кој начин ги штитиме изворите за пиење на вода и оти за жал ова не е материја со која може да се пофалиме со тоа што, како што додаде, подземните води на територија на земјава се основен ресурс за водоснабдување, но тие учествуваат со 70 посто во индивидуалното водоснабдување.

Како најголем проблем кај нас го издвои раководењето со водните ресурси.

– Моментално правната регулатива означува високо децентрализиран систем и сите надлежности се поделени на повеќе институции. Не само што треба државата да го пропише правото на вода и санитација како основно човеково право во нашиот Устав, туку треба да го централизира раководењето со водните ресурси затоа што моментално има голем број на надлежни институции кои имаат поделени обврски. Не е јасен односот меѓу самите закони, па оттаму не е јасен ни односот на одговорностите меѓу институциите кои треба да вршат обезбедување, контрола и мониторинг на раководењето со водните ресурси, вели Крстевска.

Во земјава, наведе таа, се прочистуваат само три до четири отсто од вкупното количество отпадни води, што е премалку. Затоа, вели Крстевска, имаме случаи со помор на риби и загадени реки.

Таа посочи дека влијанието на климатските промени, лошото управување со водите и можноста за приватизација на изворите со вода за пиење, фактичкото остварување на правото до пристап на квалитетна вода, лошите санитарни услови на ранливите категории, условите во училиштата за одржување на личната хигиена и условите на работните места како и моменталната состојба на реките и езерата се доволен показател зошто треба да го пропишеме правото на вода како основно човеково право.

Крстевска додаде дека со ратификација на Протоколот за вода и здравје нема да смени многу, меѓутоа е добра правна основа на која што може да се повикаме за имплементација на правото на вода како основно човеково право.

На он лајн дебатата искуството со Германија го сподели Бистра Михаилова од германската органзиација WECF -Women Engage for a Common Future. Михаилова потенцираше дека жената во услови на пандемија е посебно погодена.

„Во Европа, сите ние се прилагодуваме на новите начини на живеење заради ефектите на коронавирусот. Учиме што значи да се биде во само-карантин, работа од дома, деца  дома, да се загуби работа или дури и некој близок. Ситуацијата кај секое лице е различна, но сигурно, вирусот ќе ги открие различните реалности кај жените и мажите. Академиците кои го проучувале ефектот на различни епидемии откриле дека тие имаат длабоки, долготрајни ефекти врз родовата еднаквост. Кога жените имаат помалку моќ на донесување одлуки од мажите, во домаќинства или во владата, тогаш потребите на жените за време на епидемија се со помала веројатност да бидат исполнети“ – потенцира Бистра Михаилова.

А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ