Врховниот суд на САД донесе одлука во врска со жалбата на сопствениците на TikTok за законот со кој оваа апликација се забранува на територијата на државата. Највисокиот суд во САД даде позитивно мислење за овој закон, со што TikTok се соочува со целосно гасење во Америка.
Оваа одлука претставува значаен чекор кон спроведување на контроверзниот закон, кој предизвика бурни реакции во јавноста и дебати околу прашањата за приватност и слобода на изразување.
Како што предвидуваа американските медиуми, по анализата на коментарите на судиите од Врховниот суд за време на сослушувањето, патот за целосна забрана на апликацијата TikTok во САД сега е отворен.
Од Белата куќа изјавија дека спроведувањето на законот ќе биде задача на Доналд Трамп, кој ја презема претседателската должност во понеделник. Администрацијата на Бајден потврди дека нема да ја спроведе забраната која треба да стапи на сила во недела.
Законот, усвоен во текот на 2024 година, предвидува забрана на TikTok, чиј сопственик е кинеската компанија ByteDance, освен ако не дојде до промена на сопственичката структура. Сега, спроведувањето на законот е во рацете на Трамп, кој неодамна го омекна својот став кон апликацијата. Американските медиуми наведуваат дека TikTok може да биде спасен само преку економски или политички договор.
ByteDance, во обид да ја избегне забраната, веќе започна подготовки за продажба на американските операции на апликацијата.
Како потенцијален нов сопственик беше споменат и Илон Маск, милијардер и близок соработник на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
Оваа ситуација го става TikTok на пресвртна точка, а иднината на апликацијата во САД зависи од тоа дали ќе се постигне договор кој ќе ја заобиколи забраната.
А.Н.