WhatsApp ја прекина поддршката за старите Android телефони

0
10

Meta објави дека ја прекине поддршката за WhatsApp на постарите Android паметни телефони. Конкретно, уредите што користат Android KitKat (4.4) или постари верзии на оперативниот систем веќе нема да можат да ја користат оваа популарна апликација за пораки, пренесуваат агенциите.

Иако Meta не наведе целосно јасна причина за оваа промена, најверојатно станува збор за хардверски ограничувања на постарите уреди. Android KitKat беше издаден во 2013 година, што значи дека уредите што сè уште работат на овој систем имаат значително постар хардвер во споредба со поновите модели.

Meta посочи дека старите телефони немаат доволно хардверски капацитет за поддршка на новите функции што WhatsApp континуирано ги воведува. Како што апликацијата додава напредни AI-функционалности, потребен е помоќен хардвер за непречено корисничко искуство.

Некои од популарните модели што повеќе нема да ја поддржуваат платформата WhatsApp се Samsung Galaxy S3, Samsung Galaxy Note 2, Samsung Galaxy S4 Mini, Motorola Moto G (прва генерација), Motorola Razr HD, Moto E (2014 година). Оваа промена ќе влијае и на модели од HTC, LG и Sony.

Сепак, ова не е првпат Meta да најави прекин на поддршката за постари телефони. Пред неколку месеци, компанијата објави дека ќе престане да ги поддржува iPhone уредите со iOS постар од верзијата 15.1.

Оваа одлука најмногу ќе ги погоди корисниците во земјите во развој, каде што старите уреди сè уште се во широка употреба. Корисниците кои користат погодени уреди ќе мораат да преминат на понов модел ако сакаат да продолжат да го користат WhatsApp.

Ф.С.