среда, декември 4, 2024
домаЗА КОГО РАБОТИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ?

ЗА КОГО РАБОТИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ?

До кое ниво ќе се спушта филмскиот фонд? Има ли крај? Кавги, обвинувања, обиди да се прикрие очигледното ја доведоа Агенцијата до самото дно. Срамно!

Пишува: Сунчица Уневска

„Иако Агенцијата за филм на Република Северна Македонија е прозвана од ‘Транспаренси интернешенел’, базирајќи се врз неколку медиуми кои водат негативна кампања, дека финансирала повеќе од 30 филмски проекти спротивно на Законот за филмска дејност…, би сакале јавноста да биде точно информирана дека ваквото тврдење не само што е целосно невистинито, туку е објавено и спротивно на закон“, се вели во најновото соопштение за јавност испратено до медиумите од страна на Агенцијата за филм . И некој мисли дека тоа е доволно точно, без дополнителни образложенија…

„’Транспаренси интернешенел’ нема право по закон да постапува по некаков „допрен глас“, притоа изнесувајќи во јавноста непотврдени и непроверени тврдења, без да ја контактира Агенцијата за филм и г-дин Горјан Тозија, како вд директор, и да се става во улога на орган на прогон. Но, затоа надлежните органи би требало да проверат дали ‘Транспаренси интернешенел’ криејќи се позади наводната грижа за општо добро, во суштина ги протежира и штити интересите на определени поединци кои имаат и тоа каков интерес да му се наштети на г-дин Горјан Тозија и на дел од филмските работници?????“

Неверојатно е со која леснотија Агенцијата за филм ги испраќа овие соопштенија и со која леснотија ги сфаќа (особено своите празни објаснувања), па дури и тврди дека зад нив стојат вакви или онакви заговори кои сакаат да ѝ наштетат на Агенцијата и на директорот Горјан Тозија. Така беше и претходно кога Антикорупциската комисија рече дека ќе започне постапка за работењето на Агенцијата за филм поточно за мартовското ургентно исплаќање на средства за 27 филмски проекти во висина од, според Агенцијата, 35 милиони денари (над 560.000 евра). И тогаш со невидена леснотија Горјан Тозија појаснуваше дека СИТЕ тие филмови се завршени со снимање и останува мал дел околу монтажата (внимавајте, зборуваме за 27 проекти), поради што немало потреба од банкарска гаранција (која, меѓудругото, е предвидена со закон).

Верување на жими мајка поради хуманост

Или уште подобра изјава на Тозија, бидејќи тој сето ова дополнително го објаснува со „виша сила“ (исто предвидена многу точно во законот), би била онаа дадена за МОФ: „Доколку дојде до ‘виша сила’ не треба банкарски гаранции, подоцна ќе се најдат ((((( Не требаат такви некои документчиња малечки со кои административно се оптоварува еден филм.“ За потоа да додаде дека поради тоа што се потписници на Конвенцијата за европска кинематографија морале да ги усогласат работите (да, мораат, ама за што зборуваме овде). „Многу природно ми беше, луѓето што ги завршиле филмовите, потпишаа изјава дека по завршување на коронакризата ќе ги исполнат сите обврски. Се потпишаа изјави, притоа парите беа дадени, не за продуцентите, туку за слободните филмски работници, кои се најзагрозени. Тоа е многу ХУМАНО!!!???“

Да не ви се верува што читате. Да можеше да се цени според изјавите, не ви требаат други аргументи!!!!! Нормално се шегувам, но тоа се толку неписмени, бесмислени и небулозни изјави, што кажуваат доволно сами за себе (иако тие соопштенија продолжуваат со таков интензитет, што едноставно не можете да стигнете да ги коментирате). Освен тоа, беше објаснета и „вишата сила“ која директорот Тозија без никаков проблем си ја толкува како што нему му одговара, а беше објавена и листата на поддржани филмови од Агенцијата, како и од датабазата „Отворени финансии“ на Министерството за финансии, каде што се гледа дека не се работи за завршени проекти, туку има проекти кои не се ни почнати и се работи за филмови во периодот од 2014 до 2019 година, итн.

ДФРМ отфрла написи и обвиненија???

Па сепак, и после сите овие изјави, циркузот продолжува. Веднаш потоа се јави Друштвото на филмски работници и без око да им трепне застанаа во поддршка на Горјан Тозија. А зошто би му требало поддршка од друштвото против постапките на Антикорупциска комисија и „Транспаренси интернешенел“? Едноставно, сами ве тераат да мислите дека тука нешто не штима. И тие како и Агенцијата праќаат уште понебулозно соопштение, во кое замислете они донеле заклучок дека со индигнација се отфрлаат и осудуваат неодамнешните написи во одредени медиуми, како и обвиненијата на поединци во врска со споменатите интервентни мерки за помош на филмските работници. Тоа било атак на домашната кинематографија, цел за остварување лични интереси, враќање кон времињата на едноумие, кога на поединци им се префрлале екстремно високи хонорари…

Какви изјави! Нормално се прашувате зошто ДФРМ мисли дека треба да го брани Тозија, од кого го брани и колку како здружение има право на такви „заклучоци за отфрлање и осудување на написи и обвиненија“, освен се разбира, ако не зборуваме за прикривање токму на веќе цитираните причини, едноумие, лични интереси, заштита на своите привилегии и дека, како што велат „не е дозволиво македонската филмска фела да биде заложник на таквите интереси, со кои (навистина, веќе долго време, со исклучок на последните две години) назадува националната кинематографија“. Одличен опис на она што многу долго се случува во Агенцијата за филм.

Навистина, зачудува леснотијата со која се пишуваат овие небулози и уверувањето дека тоа може да им помине. Точно дека медиумите подолго време не се тоа што беа, но не значи дека сме заборавиле да размислуваме, а уште помалку дека не е очигледно тоа што се случува, без никаков срам. За кого, всушност, работи Агенцијата за филм? Тоа е клучното прашање.

Агенцијата за филм заложник на ДФРМ

Не ни е целта овде да зборуваме за бројки и да се убедуваме за толкувањето на законот, и за едното и за другите си има институции кои ќе го направат тоа така како што треба. Што ни е целта? Целта ни е, навистина, да се прашаме, зошто постои Агенцијата за филм и зошто бесрамно мисли дека може и понатаму да ги поддржува истите луѓе од ДФРМ, кои апсолутно не се претставници на сите филмски работници во земјава, напротив. До кога Агенцијата ќе си дозволува да ги лаже во очи сите, дека е хумана и дека се грижи за „филмските работници на кои единствени приходи им се тие од работата на филмски проекти“. Како не им е срам и на Агенцијата за филм и на ДФРМ, и покрај сите наброени очигледни факти, и понатаму без никаква основа, само со флоскули и лажни фрази, да си ги бранат своите интереси и да нудат ветер и магла, наспроти сите податоци кои веќе излегоа во јавноста.

Веќе долго време Агенцијата за филм работи само за одредени групи и баш како да е заложник на ДФРМ, како што тие напишаа во нивното соопштение. Бидејќи, сè што се дава и одобрува се прави во спрега меѓу нив. Така е и со Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, на кој ДФРМ се претставуваат како основачи и организатори, читај единствени сопственици, иако не се, но тие што треба, за жал, тоа не им го оспоруваат, а она што е најинтересно, тоа го прават со парите на државата, односно на Агенцијата за филм. Потоа, заедно со ДФРМ ја смислија манифестацијата „Златна рамка“, навидум грижа за транспарентноста и прикажување на новата продукција, но која, онаа која е поддржана од Агенцијата за филм (а од која огромен број филмски работници е исклучен) и, се разбира, награди за истите тие филмски автори, а за сето тоа плаќа Агенцијата за филм. Освен тоа, тука е прирачник за филмски термини, тука се некакви брошури за филмски работници итн, итн. И за сето тоа се даваат пари за истото здружение, истите луѓе, истите групи… До кога?

Колку релевантни филмски здруженија постојат?

Кога се бара поддршка од Агенцијата за филм, директорот вели дека Агенцијата постои, пред сè за поддршка на продукција на филмови. Замислете, за продукција. Дали филмот се состои само од продукција. Во Министерството за култура повеќе не постои оддел за филм, бидејќи сè премина во Агенцијата за филм, што значи дека тоа е институција која треба да се грижи за развојот на филмот во Македонија, во кој спаѓа, продукција, дистрибуција, киноприкажување, фестивали, едукација, развој на проекти, тренинзи итн. Агенцијата за филм мисли дека треба да го поддржува само ДФРМ иако во него членовите сочинуваат веројатно една третина од филмските работници во Македонија, а можеби и помалку.

Како што веќе реагираше филмскиот продуцент и поранешен директор на фестивалот „Браќа Манаки“, Димитар Николов, во Македонија има уште најмалку четири релевантни филмски здруженија (со над 200 филмски професионалци), чии членови не добиваат поддршка од Агенцијата за филм, откако на нејзино чело е Горјан Тозија. Самиот тој и луѓето околу него мислат дека можат да оценуваат кој може, а кој не може да биде продуцент или режисер или не знам што, без оглед на што работеле до сега или што постигнале.

Ханис Багашов одбиен дека немал диплома

Еве еден пример, кој мислам дека е врв на сè. Агенцијата за филм ја промовираше платформата „Less is More“ („Помалку е повеќе“) наменета за поддршка на млади филмски автори. И иако Агенцијата е партнер на оваа платформа, младиот доста успешен режисер Ханис Багашов сам се пријави на конкурсот на „Less is More“ за најдобро сценарио. Во Берлин, на нивниот состанок, меѓу 460 проекти Багашов влезе со својот проект „Аиша“ меѓу 16 најдобри филмски сценарија и ја доби поддршката за развој, што требаше да се одржи во три европски града. Кога Багашов се обрати во Агенцијата за поддршка, беше одбиен со образложение дека НЕМАЛ ДИПЛОМА, НЕМАЛ ЗАВРШЕНО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ???

Такво нешто едноставно е недозволиво. Прво, за кого постои таа Агенција за филм, а второ замислете европска многу релевантна комисија, каде што се трудеа да влезат како партнери, ги одбира проектите според квалитет, но нашите големи стручњаци имаат изговор за да можат и понатаму да продолжат со својата невидена злоупотреба на средствата. Инаку, само да ги потсетиме дека плејада култни автори, кои ги направиле најголемите филмски дела, никогаш не завршиле факултет. Да не зборуваме и за другите области на уметноста. А и кои се они тоа да го оценуваат???

Цело време и Агенцијата и ДФРМ, бидејќи секаде истото го изјавуваат, се фалат со успесите од последните три години. Како што знаат сите филм не се прави преку ноќ, а Агенцијата за филм со оваа постава ја имаше среќата да пожнее многу резултати чии проекти започнаа далеку пред тие да ја преземат палката. Впрочем, тоа го знаат филмаџиите, но за жал, сите зависат од тие пари, бидејќи во Агенцијата за филм, за жал, е сконцентрирано сè. А што прави Агенцијата за филм? Освен тезгите за себе и за членовите на ДФРМ, ништо повеќе, и со тоа бесрамно се фали!!!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ