вторник, декември 24, 2024
дома„Заедно“ со оркестарот на Македонската филхармонија

„Заедно“ со оркестарот на Македонската филхармонија

Овој четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Заедно“ на кој ќе бидат изведени Концертот за виолина, виолончело и пијано во Це-дур, оп.56 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастична симфонија“, оп. 14 од Хектор Берлиоз. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, а како солисти ќе настапат виолинистката Софи Хајнхрих (Австрија), пијанистката Марија Вршкова (Македонија) и виолончелистката Михе Рио (Кореа).
Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро, којшто е чест диригент со Филхармонија на РСМ, а пред една година беше и почесен гостин диригент со нашиот оркестар. Овој етаблиран холандски/јужноафрикански диригент се стекна со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам.Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен беше на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здоби со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостиндиригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холандија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико.

Од својата четиригодишна возраст, откако почнала да изучува виолина, германската виолинистка Софи Хајнрих е постојано на сцената како солист. Значајни педагози во нејзината кариера се проф. Антје Вајтхас, како и проф. Томас Брандис, кај кого ги завршила постдипломските студии на Универзитетот за музика во Либек и каде што била негов асистент. Дополнителна инспирација за неа биле и имиња како Гидон Кремер, Мидори, Рајнхард Гебел, Изабел ван Кеулен, квартетот „Артемис“… Добитничка е нанагради на повеќе меѓународни натпревари. Во 2008 година, на пример, ја освоила музичката награда „Possehl“ на Ханзиниот град Либек, додека во 2009 го привлекла вниманието како најдобра Германка меѓу последните шест виолинисти во полуфиналето на натпреварот АРД во салата „Херкулес“, во Минхен. Исто така, добитничка е и на важни стипендии, а била и член на Здружението „Live Music Now“ на Јехуди Мењухин.

Македонската пијанистка Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, со највисоката оценка на ниво на универзитет „cum lauda“, во класата на проф.Тодор Светиев,кај когоги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието се закитила со повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзина најзначајна меѓународна награда е Третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколкупати била единствен претставник од Македонија во Светскиот младински оркестар, каде соработувала со врвни диригенти и солисти. Вршкова негува посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги бравурозно најновите пијанистички техники. Реализирала преку 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела, не само од македонски туку и од странски автори.

Критиката е постојано на страната на корејската виолончелистка Михе Рио, оценувајќи ги нејзините изведби како врвни. Се издвојува нејзиниот настап со „вечната кралица“ меѓу сите пијанисти Марта Аргериќ во „Тонхале“, во Цирих, и со виртуозот на виолина Шломо Минц во „Лист“, во Будимпешта. Првиот час по виолончело, Михе Рио го имала на шестгодишна возраст, кога почнала и да победува на сите државни натпревари, поттикнувајќи ја нејзината амбиција да студира во странство за да ги развие своите музички способности во најдоброто музичко училиште. Се запишала во „Џулијард“ на шеснаесет години, а студиите ги завршила на Универзитетот во Мичиген. Таа е една од најбараните виолончелистки, настапува со бројни оркестри, како што се Симфонискиот оркестар Берлин, Симфонискиот оркестар Нирнберг, Симфонискиот оркестар на Радио Прага, Израелската симфонија, Филхармонијата на Хонгконг, на Малта, на Сеул, Корејскиот симфониски оркестар и други оркестри во Азија…, свирејќи во некои од најпознатите концертни сали како „Музиквереин“, „Верди“, „Херкулес“, „Карнеги Хол“, Берлинската филхармонија… Во 2013 година, Михе го издаде својот албум за „Дојчеграмофон“, со Концертите за виолончело на Сен-Санс и Елгар. Учествува и на значајни меѓународни натпревари како член на жири. Во моментов живее во Виена и активно изведува преку 30 концерти годишно како концертна виолончелистка, што ѝ ја донесе и титулата уметнички директор на ИМК (Асоцијацијата за интернационална музика и културна промоција).

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ