Група грчки НВОии покренаа иницијатива премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас да бидат номинирани за Нобеловата награда за мир. Во писмото испратено од Мариа Арванити Сотиропоилу од Грчкото медицинско здружение за заштита на животната средина и против употреба на нуклеарни и биохемиски закани, член на минатогодишниот добитник на Нобеловата награда за мир -Коалицијата ICAN се вели: „Преспанскиот договор беше постигнат по директните разговори меѓу премиерите на двете земји, Алексис Ципрас и Зоран Заев. Двајцата млади политичари без синдроми на студената војна и поддржувачи на обединета Европа, неодамна станаа лидери на нивните земји, Ципрас во 2015 година и Заев во 2017 година. И двајцата инспирирани од современите идеи за меѓународна соработка, поддржувајќи план за заеднички развој на Балканот базиран на современи ставови за развој и безбедност, се спротивставија на екстремната политика на национализам и изолација, кои повторно се развиваат во Европа и во светот, што претставува сериозна закана за меѓународниот мир. Од ова гледиште, сметаме дека Договорот од Преспа е една од ретките големи победи за мир на меѓудржавно ниво во последниве години.“
На крајот од писмото, по образложението за значењето на Договорот од Преспа се заклучува дека Алексис Ципрас и Зоран Заев заслужуваат да бидат номинирани за Нобеловата награда за мир во 2018 година.
Писмото е потпишано и од претседателот на грчката асоцијација на писатели Павлос Натаниел и Панос Тригазис, престедател на организацијата PADOP.
Иницијативата за номинирање на премиерите Заев и Ципрас за Нобелова награда ја подржаа и други меѓународни организации, како и Новинари за човекови права од Македонија.