недела, декември 22, 2024
домаНасловнаЗаев: Македонија направи напредок, од раб на неуспех кон најголеми аспирации

Заев: Македонија направи напредок, од раб на неуспех кон најголеми аспирации

„Македонија направи голем скок напред само за една година, од работ на неуспех кон нашите најголеми аспирации – ЕУ и НАТО“, истакна премиерот Заев во своето обраќање вчера во Виена, на настан организиран од австрискиот Институт за меѓународни односи, заедно со Европскиот фонд за Балканот и Балканската советодавна група за политика во Европа, на дебатата на тема „Кон заедничка европска иднина на Југоисточна Европа – примерот на Македонија“.

На настанот присуствуваа истакнати претставници на научната и универзитетска јавност, во политиката, претставници на дипломатскиот кор, студенти, и граѓани од Македонија кои учат или живеат во Австрија.

Премиерот Заев, придружуван од владина делегација, од организаторите слушна значајна порака, дека сакаат да ја видат Република Македонија, како дел од Европската унија и порака дека сега е моментот, по позитивните промени во нашата држава, земјава да отпочне преговори со Унијата.

– За мене како премиер, но и мојата земја и граѓаните на Република Македонија, ми претставува голема чест да отвориме дебата од стратешко значење за земјата и регионот, за европската иднина на Југоисточна Европа преку случајот со Македонија.

Претседателот на Владата, Заев, додаде дека „чудата се можни кога цврсто веруваме во вредностите“, а тоа во случајот со Македонија се европските вредности што, како што рече „нè поттикнаа да го изложиме целиот наш политички кредибилитет и да бидеме транспарентни, ова е нашиот пат, ние се отвораме кон целата политичка и општествена јавност и затоа напредуваме“.

– Ние покажавме лидерство во обидот да ги затвориме сите отворени прашања со нашите соседи. Благодарение на истите искрени напори на владите на Бугарија и Грција и зрелоста на земјите од сите земји во Југоисточна Европа, успеавме да испратиме силна порака – дека Западен Балкан или Југоисточна Европа, е Европа. Европа е целосна кога сме заедно и денес ова е јасно за ЕУ, порача премиерот Заев.

Заев изрази благодарност за огромната отворена поддршка од Република Австрија на Република Македонија. Тој се заблагодари и за помошта на нашите пријатели во ЕУ и НАТО и поради тоа што „работата на граѓаните, на Македонија, реформската агенда на Владата – се признаваат и даваат резултати“.

Тој додаде дека „веќе имаме позитивен одговор со поканата на НАТО поддржана од генералниот секретар Столтенберг“ и изрази верба дека „нашата земја ќе се приклучи на семејството на НАТО како партнер и ќе стане 30-та членка на Алијансата“, што исто така ќе испрати позитивен сигнал до останатите земји во регионот.

– Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ и добивањето покана за НАТО ќе даде одлучувачки придонес за успешно спроведување на историскиот договор со Грција. Договорот е историско достигнување, укажа премиерот Заев.

Тој посочи дека договорот со Грција е ратификуван, дека ќе се организира референдум на есен и изрази убедување дека „луѓето ќе ги поддржат вистинските одлуки“.

Заев потсети дека Македонија го потпишаа Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ во 2001 година, доби кандидатски статус во 2005-та година и првата препорака во 2009-та година, кога остана во “чекалната” за подготовка за преговори за пристап.

– Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние сме охрабрени од стратегијата за проширување на ЕУ. Ние ги имплементиравме условите поставени од страна на ЕУ во 2014/2015 година и имаме јасна препорака, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека „над 75 отсто од граѓаните ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ и НАТО, со чиишто членки делиме истите вредности.

Во одговорите на прашањата премиерот Заев рече очекува позитивен референдум, дека Русија и Турција се исто така големи пријатели на Македонија со коишто нашата држава ќе продолжи да ја развива економската соработка, дека во врска со мигрантската криза нашата земја постапуваше и ќе продолжи да постапува во партнерство со ЕУ. Тој додаде и дека Македонија ќе продолжи да ги развива добрите односи со соседите и да ги применува европските вредности.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ