недела, ноември 24, 2024
домаЖивотБучавата е опасна како и загадувањето на воздухот: влијае на слухот, спиењето,...

Бучавата е опасна како и загадувањето на воздухот: влијае на слухот, спиењето, психолошките проблеми …

Еден од пет Европејци е изложен на загадување од бучава, проблем што може да се влоши во наредните години, како резултат на зголемен сообраќај и урбанизација, објави Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Во изјавата на Агенцијата се вели дека околу 113 милиони луѓе се изложени на  бучава во Европа на долг рок.  Забрзаната стапка на градски раст значи дека сè поголем број луѓе се изложени на високи нивоа на бучава, и покрај напорите тоа да се регулира, се вели во извештајот на ЕЕА под наслов „Бучавата во животната средина во Европа 2020“.

Европското население изложено на високо ниво на бучава генерално не се менуваше помеѓу 2012 и 2017 година, што значи дека Европа веројатно нема да планира да го намали новото на бучавата во 2020 година до нивото препорачано од Светската здравствена организација (СЗО).

Сообраќајот се наведува како главен извор на бучавата во европските градови, а скоро 70 милиони Европејци се изложени на нивоата на бучава во износ поголем од 55 децибели секој ден како резултат на сообраќајот.

Светската здравствена организација за квалитетен ноќен сон препорачува постојаниот шум да не надминува 30 децибели, а индивидуалната бучава од 45 децибели.

Други извори на бучавата се железнички, воздушни, индустриски и рекреативни активности. Бучавата во железничкиот сообраќај зафаќа околу 22 милиони луѓе, додека околу четири милиони се изложени на високи нивоа на бучава на авионите, се вели во соопштението на агенцијата со седиште во Копенхаген.

Многу жители кои живеат во урбаните области, исто така, се изложени на бучава во текот на ноќта, а здравјето на околу 20 милиони е негативно погодено од сообраќајниот шум.

Изложеноста на бучава е поврзана со голем број здравствени проблеми, вклучувајќи го кардиоваскуларниот систем, па дури и ризикот од предвремена или ненадејна смрт.

Долгорочната изложеност на бучава во Европа предизвикува околу 12,000 предвремени смртни случаи секоја година, предупредува агенцијата, додавајќи дека годишната цена на бучавата во Европа се проценува на околу 52 милијарди американски долари.

Не треба да се занемаруваат проблеми со слухот, како тинитус, проблеми со менталното здравје и стресот, кои влијаат врз дел од градското население.

Другите проблеми вклучуваат нарушувања на спиењето, кои влијаат на повеќе од шест милиони луѓе. Во извештајот се наведува дека децата кои се изложени на високо ниво на бучава на долг рок имаат помала способност за читање во училиште.

Меѓу мерките што се препорачуваат за намалување на бучавата во градовите е замената на поплочените постари улици со асфалт, генерално подобро управување со сообраќајот и намалување на ограничувањата на брзината до 30 километри на час. Населението се охрабрува да избере да вози велосипед, да шета или, ако е можно, да користи електрични возила.

Исто така, треба да се запомни дека бучавата негативно влијае на квалитетот на животот на животните. Некои од нив успеваат да се прилагодат на животот во градот, но зголемената бучава може да ги присили некои да ги напуштат вообичаените области за размножување и хранење.

Н.Д.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ