ЗАВРШЕНО СНИМАЊЕТО НА ФИЛМОТ „МАЈКА“ ВО РЕЖИЈА НА ЃОРЃИ ЛАЗОВ

0
26


Снимањето на дебитантскиот краткометражен филмот „Мајка“, во режија на Ѓорѓи Лазов, е успешно завршено. Последната клапа падна вчера во општина Кисела Вода,
завршувајќи го четиридневниот интензивен процес на снимање кој се одвиваше на
неколку локации во Скопје.
„Мајка“ е интимна семејна драма која ја раскажува приказната за комплексниот однос
помеѓу мајка и ќерка. Наративот добива неочекуван пресврт за време на Божиќните
празници, кога мајката објавува оглас во весник барајќи маж со цел повторно да се
омажи. Преку емотивна и комична перспектива, филмот истражува теми како што се
осаменоста, љубовта, почитта и разбирањето во едно семејство.
Во главните улоги се истакнатите актери Наташа Петровиќ и Соња Михајлова, а
актерската екипа дополнително ја збогатуваат Слободанка Чичевска, Ивица
Димитријевиќ, како и дебитантката Јована Синадиноски, која за првпат се појавува на
филмската камера.
Продуцент на филмот е Александар Арсовски, директор на фотографија е Никола
Марковски, додека мајстор на светло е Сашко Стојановски Меанџи. За костимите се
погрижи Жаклина Крстевска, сценограф на филмот е Дејан Ѓошевски а шминката и
фризурата беа во рацете на Стефанија Илиевски, монтажер на филмот ќе биде
Димитар Спирковски, а снимател на звук и микс Горазд Радевски.
„Снимањето на ‘Мајка’ беше неверојатно искуство, благодарение на
посветената екипа и талентираните актери. Иако беше предизвикувачки да се
заврши во краток временски рок, успеавме да ја доловиме емоцијата што ја
посакувавме. Очекувам дека оваа приказна ќе допре до срцата на публиката и
ќе предизвика емоции и размислувања за односите во едно семејство.“- изјави режисерот Ѓорѓи Лазов.
Филмот е реализиран со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република
Северна Македонија, како и со сопствени инвестиции на продуцентот и продукциската
куќа Скорпион Филмс но и партерски фирми пријатели од Р.Хрватска, Волфганг и Доли Мираж продукција..
Филмот „Мајка“ е предвиден за премиера во текот на 2025 година.
Во прилог на ова известување се и фотографии од снимањето, кои ја доловуваат
атмосферата и посветеноста на тимот.

С.Н.