недела, декември 22, 2024
домаКујнаЗаврши првата фаза од подготовките на претставата „Буре барут“ во Зеница

Заврши првата фаза од подготовките на претставата „Буре барут“ во Зеница

Во Босанско народно позориште Зеница, БиХ е завршена првата фаза од големиот копродукциски проект „Буре барут“ на Дејан Дуковски помеѓу продуценската куќа „Скопје Филм Студио“, Македонски народен театар и Босанско народно позориште Зеница.

Проектот е резултат на Програмата за културна соработка меѓу Министерството за култура на РМ и Министерството за цивилни работи на Босна и Херцеговина за периодот 2016-2019 година.

„Буре барут“ е најпоставуваниот драмски текст на Дејан Дуковски и е изведуван во Грција, Јапонија, Германија, Хрватска, Данска, Холандија, Шведска и Бугарија. Тoj е и еден од најнаградените македонски драмски текстови по кој е снимен  и истоимениот филм, номиниран за српски кандидат за наградите Оскар од неанглиско говорно подрачје.

Претставата е во режија на Нина Николиќ, која на македонската публика ѝ е позната по претставите „Неверство“, „Секс, лаги и диви гуски“, “„Кој пукаше на 21-ви“ како и една од претставите со најголем број на меѓуародни гостувања во изминатите две години „Разговори во четири очи“.

Драматург на претставата е Драгана Лукан Николоски од Скопје, сценографијата е на Ведран Хрустановиќ од Сараево, а кореографијата е на белгискиот уметник Томас Стјуард. Автор на музиката е Игор Касаповиќ.

Во претставата играат актери од ансамблот на Босанскиот народен театар Зеница: Aдис Механовиќ, Анџела Илиќ, Енес Салковиќ, Мирољуб Мијатовиќ, Мухамед Бахоњиќ, Нусмир Мухаремовиќ, Сабина Куленовиќ, Саша Ханџиќ и Златан Шкољиќ, како и Џенана Џаниќ и Кемал Ризвановиќ, одбрани на одржаната аудиција во Сараево.

Премиерата на претставата е на 27 септември во Босанско народно позориште Зеница, БиХ а набрзо потоа ќе има и македонска премиера во Скопје.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ