четврток, мај 30, 2024
домаКолумни НовоЖална наша Македонијо!

Жална наша Македонијо!

Деновиве многу прав се крена околу Прогласот за заштита на достоинството на македонските писатели (издаден и потпишан поради новата програма за проекти од национален интерес на Министерството за култура), а особено околу коментарите кој го потпишал, дали се работело само за парите, и дека не било важно дали меѓу нив имало луѓе кои кокетираат со двете страни, туку важно било да се проговори против девалвацијата на критериумите во третманот на литературата. Во принцип да, треба да е така, но коментарите воопшто не се случајни, особено ако се знае дека меѓу потписниците се и оние кои учествуваат во девалвирањето на критериумите со своето полтронство и со својот личен интерес. Не би можела да го поддржам Прогласот, иако навистина треба да се бориме против девалвацијата на критериумите во сите области, кога меѓу оние кои го изразуваат својот бунт и несогласување така вешто и манипулативно, како и во се друго, се вклучуваат и имиња кои работат за оваа власт и кои исто така носат одлуки и одобруваат проекти во други институции.

Се додека не се препознава тоа лицемерие, се додека луѓето молчат пред оние кои така „мудро“ со години го градат својот имиџ, а всушност се однесуваат сосем поинаку, се додека не застанеме и в очи не им речеме на нашите колеги дека нивното однесување е срамно и не и носи ништо добро на оваа држава, односно дека токму поради нивното однесување и на многу други и дојдовме до ова дереџе, се дотогаш џабе ни се овие прогласи кои, најчесто, не случајно завршуваат само декларативно. Многу е важно да имаме храброст и достоинство за кое говориме, да им речеме и да се спротивставиме на оние кои тоа го поддржуваат само заради имиџ, да им покажеме и на нив и на сите други што е достоинство и дека нема да го толерираме газењето по она за кое се залагаме. Инаку, се ќе остане на проглас и нема да направиме ни чекор понатаму.

Сето тоа случајно или не, но одлично се совпадна токму со емисијата на ТВ Нова по истиот повод, а насловена „Кој и зошто – како културата ги делеше парите?“, каде што беше присутна и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. Некои од присутните кои со години го градат и негуваат својот имиџ, немаа ни малку срам да зборуваат се спротивно на она што претходно го зборувале, а во интерес на своите сегашни позиции и крајно сервилен однос кон власта и нејзините институции. И не може утре и они да бидат дел од некаква нова „шарена револуција“ велејќи дека се борат против девалвацијата, која сами исто така ја создавале. Тогаш таа, како и прогласот, не би ја имала вистинската вредност. Но, ако некој се уште верува во нивната „објективност“, некои други, сепак, немаат кратко паметење.

Токму дотичната уметничка и режисерка пред повеќе години беше многу незадоволна, па и лута поради тоа што државата не и одобри средства нејзиниот експериментален филм „Судијата“, кој ја имаше својата премиера во Венеција, да биде префрлен на 35мм лента и да може да се прикажува в кино. Во многу наврати и во многу текстови и ја дававме поддршката и апелиравме дека овој филм, кој отиде на бројни фестивали, треба да биде поддржан. И верував и го сфатив како став нејзиното тогашно „помирување“ со фактот дека филмот нема да се прикажува во македонските киносали бидејќи не беше префрлен на филмска лента.

„Ако на државата не и е гајле, тогаш ни мене не ми е гајле што македонската публика нема да го види овој филм.“ Тоа беа нејзините зборови. Тоа беше сосем оправдан револт. За сега кога работите се поинакви, истата ликовна уметничка и режисерка да излезе и без срам да зборува дека отсекогаш била независен уметник и не смета дека државата има должност кон неа или дека не очекувала ништо од државата (ако и даде добро, ако не ќе се снајде на друг начин), иако така случајно добила се (и вработување и статус самостоен уметник)… Но, Министерството толку несебично ја поддржало на Венециското биенале, а оваа година сите квалитетни проекти во поглед на ликовната уметност добиле поддршка. Срамно!!!

Режисерот, пак, кој секогаш за себе зборуваше дека бил против естаблишментот и против владеачката струја без никаков срам во емисијата потенцираше и тоа не знам колку пати, колку важна институција е Филмскиот фонд. Не ми се верува. Кога ќе излезат интелигентни луѓе одлични во својата работа и кога на овој начин ќе се девалвираат самите себе се прашувате дали вие треба да се срамите… Така и се чувствував додека ја гледав оваа емисија, во која гостите си го одработуваа тоа што си го добиле, иако во најголемиот дел од емисијата беа статисти, додека министерката зборуваше како во новата програма за проекти од национален интерес нема воопшто политика (исто како што нема ни на ТВ Нова, нели?).

Многу добро паметиме кога на прес-конференција за филмот „Панкот не е мртов“ режисерот заедно со целата екипа зборуваше колку малку средства државата му дала, но дека ќе го направат филмот за инает. Дека тој имал пауза од 17 години токму затоа што никогаш не бил конформист итн, итн. За потоа, по успехот во Карлови Вари „мудриот“ поранешен директор на Филмскиот фонд, Дарко Башевски, да му се залепи и да почне да дава и нуди се што може. Тоа беше една од тактиките на Башевски, со оглед на тоа што нема поим кој е добар режисер или добар филм, па тоа го надокнадуваше така што ќе им се залепи на успешните и ќе покаже дека е успешен, нели? И режисерот си прифати се што си доби, веќе неколку години е и во Советот на Фондот каде што сега он одлучува за проекти, се разбира, со амин на оваа власт и со голема благодарност и залагање во емисијата тоа и го правеше, го фалеше Филмскиот фонд.

Замислете каква совршена институција е тоа, во која имате Совет каде што филмските работници и оние кои работат на филмските фестивали сами си одлучуваат, меѓудругото, и за своите проекти. Како нема да сакаат да продолжи. Па, не постои друга земја никаде во свет во која никој не се осврнува на класичен судир на интереси. Напротив, тоа е нешто за што првично се води сметка. Но, не и кај нас, додека се добри, додека одработуваат се е во ред. За жал, тоа кај нас никој ниту го гледа, ниту го коментира, сите гледаат како да се додворат на членовите на советот или на Управниот одбор за нивните проекти да добијат пари. Но, сега режисерот е од другата страна и сега песната е поинаква, особено кога од немање средства да се сними филм сега може комотно да си снима цели два месеца, па и повеќе.

Всушност, би рекла сосем спротивно, Филмскиот фонд или Агенцијата за филм е толку лошо поставена институција, во која имате Управен одбор (со тројца членови од кабинетот, правници и економисти кои немаат ф од филм) и имате Совет во кој неколку години се истите луѓе (без оглед на судирот на интереси). Но, што всушност значи тоа? Факт е (и тоа од светската пракса) дека веќе самата таква поставеност дава големи можности за манипулативност и коруптивност, како и можност истата група луѓе која е блиска до нив да си добива поддршка постојано за своите проекти. Во секоја нормална земја кога во некоја институција е сконцентрирана толкава финансиска моќ се води сметка комисиите кои одлучуваат да се крајно објективни, постојано да се менуваат нивните членови и никој да не ги знае, а не па да си ги оценуваат сами и своите проекти. И кој е резултатот. Од 145 филма и потрошени 15 милиони евра во последниве осум години што излезе надвор и колку се подобри македонската кинематографија? Но, затоа режисерот вели дека е многу важно да продолжи со работа оваа институција…

Па, кога еден крајно неспособен човек како Башевски ќе остане толку долго на чело на една вака моќна институција и ќе се опкружи со луѓе кои го работат тоа што треба, кога истиот тој човек кој направи многу штети, проневери и кога после целиот напор да биде сменет од таа функција, сега е советник во Агенцијата за филм и во неа се уште се работи по неговите „извонредни“ рецепти. Што сакате повеќе? Жална наша Македонијо!!!

Сунчица Уневска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ