петок, декември 20, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Болката на жената е немерлива, кога мажот ќе донесе друга...

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Болката на жената е немерлива, кога мажот ќе донесе друга жена во истиот дом

Валентина Ѓоргиевска Парго

Жената која доживеала развод во себе понесува една вечна траума, која не може да се искорени, иако понекогаш само малку ублажи и залечи, но до крај не постои шанса. Не постои среќен развод, затоа што секоја жена тргнала со умисла да си креира свој свет, свое катче, кој сега се срушил засекогаш. Доколку пак во бракот со тој човек има деца, во тој случај траумата, по некоја основа, е засекогаш. Згора на тоа, доколку мажот во истата куќа донесе и друга жена, животот е неподнослив.
-Бев дете, кога татко ми донесе и друга жена, во истата двокатна куќа каде живеевме со мајка ми, помалиот брат ми и баба ми. Не можев точно да разберам што се случува и зошто е тоа така, само се сеќавам на ладната атмосфера која завладеа во нашиот дом. Добив и полусестра, која израсна во мои раце, но и ден денес за неа во срцево имам некоја резерва. Не можам да ја почувствувам до крај како родена сестра, има нешто што ме кочи. Најверојатно, потсвесно, болката на мајка ми низ која поминуваше во тој период, а која за мене стана видлива дури сега, откако и јас станав сопруга и мајка, раскажува млада мајка.
Таа се потсетува дека во тој период за мајката срамот од малата средина и потценувањето биле неподносливи, иако се трудела пред децата  се да изгледа нормално.
– Наеднаш куќата се подели на две, се отворија два влеза, имавме ист двор. Не ми беше јасна улогата на другата жена, која имаше обичај да пие по две кафиња дневно во дворот, и татко ми да го поминува попладнето и вечерта со неа. Не ми недостигаше татко, зошто беше постојано тука, ми даваше пари, доволно за дете кое по цел ден расте по улици, но сепак се прашував која е и што бара кај нас оваа од мајка ми помлада жена? А баба ми и натаму живее со нас. Се остана речиси исто, се смена само животот и здравјето на мајка ми. Првиот симптом дека се разболе беше мовта и влакната кои ја обраснаа, немањето сила и енергија, повремените прегледи на доктор, во другото гратче. Мајка ми тогаш добила хормонско пореметување и целосен дисбаланс од немање биолошки потребен маж во кревет и најмногу, од наглиот стрес, кој подоцна и повлече и други болести. А немаше каде да оди, со две деца, со многу мала работничка плата. Се повлече и никаде не се дружеше, од дома до работа и толку. Солза не пушти. Баба ми, мајката на татко ми често плачеше, и само ќе рече-да беше дедо ти жив, немаше ова да е вака, ова е од аздис. Родот ни се запусти…Мислела на татко ми, кој се заљубил во својата колешка, ја развел мајка ми и неа ја оженил многу брзо. Можам да се сетам дека мајка ми имаше муабет со неа, нешто како полуофицијален и кога беше неопходно и потребно, но сепак зборуваше. За нејзината голема болка не кажа ништо пред нас во тоа време. Изгледа многу ја болеше и го потисна најдлабоко тој јад во себе, во староста само еднаш се отвори со неколку реченици, префрлајќи си дека можеби вината била во неа што не била модерна жена со лак на нокти и со штикли, како таа другата, а набрзо тоа самата го демантира со помиреноста- а можеби и така било пишано од бог, маж да немам при маж што имав и друга да ми го има, на две метра од мене. Јас, кога станав тинејџерка почнував да сфаќам што се случи во нашата фамилија и цел живот носам некоја моја неоснована вина во себе за животот на мајка ми. Можеби затоа што ако не немаше нас, децата, ќе си заминеше назад во село кај нејзините, а не да остане да живее со наведната глава, потценета, понижена и од тага разболена.
Дека оваа ситуација е погубна за една жена, независно дали живее во град, мало гратче или село, говори и следниов пример.
-Мојата пријателка се омажи со голема љубов со сопругот, а за време на конфликтот го напуштија својот дом и направија куќа во Скопје. Во бракот добија и две ќерки, и се исполна нивниот сон за убав и среќен живот. Се до моментот кога тој се сплетка со друга жена, ја остави својата, и побара развод, и си ја донесе втората во истата куќа. Тој не сака ни да ја продаде зошто била градена според негова замисла и желба. Не е можно ни мојата пријателка да си замине сега да живее некаде на друго место, а и да им го скрши раатот на ќерките, тие се навикнати да живеат во голема и комотна куќа, а не да ги носи под кирија. Но,таа? Таа овена, се искомплексира, се промени и телесно, исчезна нејзината убавина, насмевка и благ карактер. Мирната жена стана повлечена, но нервозна и напната. Има и проблеми со здравјето. Нејзината психа е обземена со темни размислувања. Расположението и е постојано ниско. Поради неа и нејзината мајка е се попроблематична жена за околината, можеби и со нарушена ментална состојба. Не е лесно, тешко и е, а ние не сме некоја друга култура каде мажот живее со повеќе жени, како во харем. Всушност, тој и не живее со неа, ја отфрли и ја направи несреќна жена.
Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDPТекстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ