Неодамна, во пресрет на изборите на нов претседател на Здружението на новинари, предмет на пишување на одредени македонски медиуми беше фб статус на млада новинарка, која тврдеше дека еден од кандидатите, поранешен нејзин уредник, своевремено ја отпуштил без образложение, и наводно незаконски. А, дополнителен драматичен момент беше и нејзиното дообјаснување дека тоа се случило за време на нејзина бременост.
Оваа информација, објавена на ден пред самиот избор ги разбранува духовите, и го направи самиот настан на изборот скандалозен и недоличен, иако на крај во мошне тесна победа со дузина гласови повеќе, поебди посочениот уредник- отпуштувач.
И додека, потоа, новинарите спореа околу (наводни) технички пропусти на гласањето, во сенка падна исповедта на испуштената новинарка. Одекна како бомба нејзината јавна исповед, а се заборави веднаш по изјавата на уредникот, проследена со доза на иронија, кој рече ;„ Од каде да знам дека била бремена“.
Ова би било можеби и хумористично, доколку се случило само тогаш. Но, за жал ваква безобзирност е матрица на однесување на многу уредници, и ако прашате голем број на новинарки ќе ви раскажат слична приказна.
За жал, и женската солидарност и логистика во случајов, беше застаната на „нулта точка“.
****
Во изминативе период на Фб осамнаа разни статуси на новинари – една новинарка на пример се пожали дека одговорните на најбогатата приватна телевизија, ги држела во подрум кога доаѓала инспекција, само за да не им дадат решение за работа, а притоа им исплаќале минимални хонорари, за професија која е напорна и носи голем ризик.
-Работев во еден државен весник, кој откако пропадна, од државата го откупи една „извикана“ маркетинг агенција. На почеток ни раскажуваа приказни дека тоа ќе биде најмоќниот весник, со нивна поддршка, а потоа донесоа дури и четири попови да ја осветувале редакцијата и, така, со попски магии, да сме ја победеле конкуренцијата. Потоа сопственикот на агенцијата (кој веќе не е меѓу живите), дојде еден ден и рече- кој сака да го купи весникот за еден долар, јас крахирав!
Тоа не беше точно, но некои игри беа во прашање. Веднаш потоа , истиот тој, вината ја префрли на нас, вработените, ние не сме работеле доволно, а можам да речам 24/7 бевме посветени на работата. Само затоа што го прашав „дали можеби причината не е нашето неработење,, бидејќи ние работиме и прекувремено“, следниот ден директорот што го имаше назначено на весникот, не прочита на листа на отпуштени, мене и неколкумина кои најмногу работевеме. За да садизмот биде уште поголем кога излегов на улица да си одам дома, го видов него со некои негови пријатели, на кои, смеејќи се громогласно, како човек со нарушено ментално здравје, им читаше кого се отпуштил. Никој од новинарскиот еснаф не реагираше, останав на улица, без никакв примања, што го наруши моето кревко женско здравје!
Истиот тој директор, за кого се раскажуваат анегдоти дека со часови седел во својот автомобил пред домовите ан функционери, за да ги начека и моли да го назначат за директор, во својата канцеларија ја примил мојата отпушена колешка, охриѓанка, и и рекол:
-Ве отпуштивме вас од провинција, на нас скопјаните, не ни требаат провинцијалки!
Колешката потоа оствари самата кариера, директорот се уште е директор на друга приватна компанија, за жал, поставен на „нездрава основа“, раскажува новианрка.
***
Најморбиден случај на кршење на женските права беше можеби тоа што огромните висококатници во кои беа сместени телевизијата, а и весниците, нема просторија за починка на хигиеничарките, па така, тие беа принудени да јадат, пијат кафе, се преслекуваат во тоалетите. Звучи грозно и морбидно, но тоа е факт .
На истото се пожали и врваботена во трафика за продажба на билети на ЈСП, во која поминува по 8 часа, а нема каде да оди за физиолошка потреба.
Прекршување на работните правила воедно и женските права, се вршат на разни начини, и навистина има жени кои мошне страдаат на работно место за мали пари, во производствени фабрики, во текстилни фабрики, во продавници, каде има и мобинг. Не можев да поверувам кога ја слушнав „приказната“ за млада жена која кога се развела и останала самохрана мајка, од немајкаде се вработила во фабрика и сметала дека мора да им биде љубовница на двајцата браќа – сопственици, и тоа, во ситуација кога страдала и од одредени интимни женски инфекции и болести.
Оттука некој ќе рече дека ова со новинарките и не е некаков страшен пример, такви примери има безброј. Но, замислете, како може новинарка која ни самата нема услови, нема добра плата, нема решение, и се и „виси на конец“, да се стави во одбрана на нечии туѓи женски права и да пишува за работничка во фабрика, со која е на исто ниво во однос на заштитата?
Медиумите се креатори на општиот амбиент во една држава и насоки за тоа во кој правец треба општеството да се движи, и како да очекуваме дека истите тие ќе застанат во заштита на човековите права, кога и самите ги прекршуваат, и правата и законот?
Во случајов, со претседателот на ЗНМ, постапката доста кажува. Обврска е да се подобруваат условите и меѓучовечките односи во медиумите, тоа е неопходно, односно веќе ургентно. Згора на тоа, не смеа и понатаму да владее мислење дека големите медиуми се „дувла“ на конфликт на интереси, дувла на љубовници, сопружници, непотизам на релации сопруг-сопруга, татко – ќерка, снаа- зет, ниеден круг на непотизам. Сликата од медиумите е слика за општеството. Првиот човек на новинарите е слика, односно би требало да е, слика за лидер, а без човекови права би бил само фигура која ќе чека да му поминат тие четири години во канцелариите на ЗНМ.
Без разлика што информацијата за избрканата новинарка (уште една во низата) стигна во јавност со задоцнување, и неважно дали тоа го направила во момент на одмазда, можеби стигна точно на време, како момент кој треба да го сврти „прекинувачот„, па оттука, после ова, од првиот човек на новинарите и екипата, се очекува да ги развијат човечките права во позитивна насока, за да потоа тие се рефлектираат во целиот систем. Без тоа, ништо!