недела, декември 22, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Да можам јазиците би им ги пресекла!

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Да можам јазиците би им ги пресекла!

Сузан беше убавицата во генерацијата. И пошироко. Многу повеќе отколку само во генерацијата. Кога пркна како мома, кога матурираше и веќе луѓето целосно ја забележаа, стана симбол на женска убавина. Особено, и како водечки лик во малцинската заедница на која припаѓаше. Во мало гратче, пак, се се забележува. За секого. Сега веќе акцентот беше ставен на неа. Каков фустан носи таа убавица, а веднаш потоа нејзините обожавателки шиеја ист или сличен, каков колан, какви сандалки, обетки, белегзија…

А и не беше баш лесно да ја следиш во нејзиното модно однесување-беше од богато семејство на занаетчии, имаше богати роднини во Истанбул и во Шведска каде често престојуваше за време на распустите, и нејзиниот ормар буквално се превртуваше од преполнетост. Посебно пленуваше нејзината колекција на разновидни шноли, со кои ја украсуваше долгата бујна коса. Впрочем, во косата како да лежеше сета нејзина убавина, односно, како косата да ја дополнуваше нејзината беспрекорна женственост, високото и крупно тело, бујните гради, тркалезното бело лице, косите очи, и бемката која и беше „нацртана“ над малото и како со паричка нацртано усте, постојано насмевнато.

-Сакам да бидам убава како тебе или барем половина од тоа – ќе извикаше некое девојче кога ќе ја видеше, а таа љубезно ќе се насмевнеше, љубезноста ѝ беше одлика, и ќе возвратеше „Многу си убава. И повеќе од мене!“

Истото тоа ѝ го велеа и колешките во поштата, во која се вработи веднаш по матурирањето.

– Ех на таа убавина којзнае колку богат маж ќе земеш, и сигурно нема да е оттука. Тука толку богат нема како за тебе – ѝ велеа колешките со восхит, по малку со завидување, а најмногу поради нивните малограѓански сфаќања дека колку е поубава жената, толку побогат маж треба да земе, а со тоа ќе е и посреќна.

Таа им одговараше: „Најважно е да е добар и да имаме љубов“, на што тие негодуваа и повторно ја повторуваа нивната „желба“ за неа. Имаа навика неколку пати годишно да ја посетуваат дома и да им ги покажува новите алишта и обувки што си ги купила. Понекогаш и новите „парчиња“ за во нејзиниот чеиз. Се очекуваше нејзината богата мажачка. Знаеше и да им подари нешто, ако на некоја колешка нешто посебно ѝ се допаднеше од подновената гардероба. И сите тие постојано се врткаа околу неа, како да сакаа да ги видат луѓето заедно, со тоа добиваа и на важност, но и уживаа да одговараат на прашањата на мажите: „Те видов преѓеска на пазар со Сузан, каде одевте така фино прегрнати под рака?“

Нејзината доминантност како жена беше она што ги влечеше сите, но доминантност предизвикана од убавината, никако од нејзиниот карактер. Тој беше мек во секоја ситуација. Претпоставката пак дека ќе се омажи за необично богат, ги тераше жените да бидат што подобри со неа,  утре-задутре да бидат поканети на богата свадба, за која долго ќе се зборува.

-Не е овој за тебе, за тебе треба ем најубавиот, ем најбогатиот. Ти си кралица на убавината – ќе ја посоветуваа колешките, секогаш кога ќе забележеа некој кандидат да се вртка околу неа.

-Е многу сте ми слаткоречиви и грижливи за мене – возвраќаше насмеаната Сузан.

Беше тоа време кога се уште се мажеа на некој начин со стројници, или барем со препорака. Годините минуваа, а Сузан веќе по малку неволно, се одлучи да се сврши со едно момче што ѝ го најдоа роднините. Набрзо разменија невестински дарови и прстени, се закажа свадба. Избраникот беше скромно момче, од средна класа, службеник во катастар. Имаше 27, две години повеќе од неа. На почетокот на летото замина кај тетка ѝ во Истанбул, за да купи работи потребни за мажење, но кога се врати го повика свршеникот и му рече: „Јас размислив убаво. Ние не треба да склучиме брак. Те сакам, но само како пријател. За живот треба голема љубов. Тоа кај мене не се пробуди. А и ти може ме сакаш само затоа што сум убава, а тоа не е она вистинското…“

Со солзи во очите свршеникот ја прегрна и ѝ посака се најубаво.

-Златото што ми го дари, да ти го вратам!

– Не треба, задржи го – ѝ рече.

Одлуката на Сузан како бомба одека во семејството, а и во градот. Веднаш почнаа и приказните „Ете, нашла некој во Истанбул. Затоа и често одеше таму! …Убава е, ама расипана. ..Ја осеќав јас неа. Се само на мажи мисли. Затоа и толку се дотерува… Не го остави таа, тој ја остави, сигурно ја начека со друг. Сигурно! …“ Приказните од ден на ден се прошируваа, а несудената свекрва ѝ го побара златото назад. И го доби. Животот на Сузан се смени целосно. Стана предмет на озборување во малото гратче, жешка тема која никако да згасне.

-Џабе е убава. Кој ќе ја земе сега, свршена, оставена? Некој вдовец, сигурно. Некој стар, никаков. Сама си е виновна. Ете, свршеникот нецел месец по раскинувањето си најде друга и си се ожени. А неа што ѝ останува? В река да скокне – ѝ се ситеа довчерашните пријателки.

Кога Сузан конечно се вљуби во забар од соседниот град, од друга етничка припадност, и зад себе го остави минатото и озборувањата, тие не ја оставија неа. Озборувањата како сврдел ја пробушија нивната врска – секакви, неосновани и провинцијалски муабети, доаѓаа до неговите уши, па на крај и тој не остана имун и ја напушти.

-Што ќе ти е таква жена? Те Истанбул, те Шведска, те напудрена, те нашминкана, се тоа го прави за мажи. Убавината ќе помине, расипана жена дома ќе ти остане. Џабе ти и диплома и титула. Забар со распуштеница оставана, не оди!

Кога ја раскина свршувачката, и покрај озборувањата Сузан одеше со гордо крената глава. Знаеше дека е права и дека љубовта е она што ја води. Разделбата со забарот ја столчи. Не остана ништо од неа. Нејзината убавина како да се стопи за недела-две. Очите свенаа.

-Што ли сум згрешила и кому за вака да бидам казнета од зли јазици? Кому сум зло и пакост сторила? Никому… – си мислеше во себе и веќе по некој месец одлучи да се мажи за првиот што ќе ја побара.

Почна да излегува на средби со нејзините додворувачи, но по само една или две средби сфаќаше дека не може тоа да го стори. Дури тогаш градот зовре. Секоја вечер на неа се покажуваше со прст „Ене ја, пак со друг излегла!“ Кога ѝ стана јасно дека е жртва на малограѓански озборувања, Сузан одлучи да ја напушти работата која многу ја сакаше, и да замине во Истанбул кај тетка ѝ. Семејството не ја ни испрати на станица, заради срамот што им го нанесе. Ја испрати една од колешките, на која депримираната Сузан ѝ рече: „Остани ми со добро. Јас одам во непознато, станувам трагач по возбуди, заради злите јазици. Да можам ќе им ги исечам со ножици, никому повеќе да не наштетат. Големо зло ми фрлија на срцево чесно и чисто….“

Поминаа години Сузан се вљуби и се омажи. Како што ѝ предвидуваа во разни прилики. Зеде богат, постар маж, вдовец од Торонто, кој многу ја сакаше и уживаа во хармоничен брак.

-Мои деца не родив, доцна е, но туѓи со мерак гледам и едно знам, дека никогаш нема да им напакостам ниту ќе дозволам некој да ми ги озборува. Со ножици јазиците ќе им ги сечам на поганите луѓе – често велеше кога се потсетуваше на нејзините животни бури и поминати премрежја.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ