сабота, ноември 16, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖенски приказни: “Ех, мајко моја, да знаеш само колку многу трпам!“

Женски приказни: “Ех, мајко моја, да знаеш само колку многу трпам!“

Валентина Ѓоргиевска Парго

„Се смета ли за семејно насилство кога некој ќе ти го истури врелото кафе на тебе?
Да те навредува и малтретира бидејки тој се вратил пијан и му било лошо од алкохолот?
Или да ја префрли трпезариската маса заедно со ручекот кој со часови си го подготвувала за твоето семејство? Да те навредува и омаловажува константно да те прекорува зошто не си како останатите жени кои ги познавал, туку различна и своеглава?“, ова гласно се прашува една модерна и вредна жена, уметница, под псевдоним „Капка Роса“, која проговори за своите непријатни брачни доживувања кои се дел од насилството врз жените, а се случуваат во многу бракови, за кои се молчи или се табу тема.

****

… Кога и да прашав некоја постара жена ќе ми речеа ..„Па како сакаш да биде во бракот?, Не е се мед и млеко“. Дури еднаш и кажав на мајка ми, со солзи во очите ќе ми рече; „молчи и трај!“, ама зошто не ми беше јасно. Ќе ја наведнеше главата и ќе рече „сама си го одбра патот, сега мора да ги трпиш последиците, ти си женско и ќе молчиш, што ќе ти рече мажот, тоа ќе правиш“.
…Си помислив: “ех  Мајко моја, да знаеш само колку многу трпам“.
Еден ден,петок по традиција се готви грав, така и јас ставив да се вари, а во меѓувреме, низ куќа средував,чистев, децата ги нахранив, ги избањав преоблеков, и ги оставив да си играат во дрвениот простор. Слушнав тешки чекори се приближуваат кон врата, знаев дека е пијан слушајќи го тешкиот одд. Само што влезе, се уверив дека навистина е пијан, по ноќните смени знаеше да се врати дури после пладне следниот ден. Веднаш побара да јаде и седна покрај трпезариската маса. Му го поставив ручекот и го гледа дека е посен грав, почна да вика, ми нареди да седнам покрај него. Додека тој се обидуваше да јаде, јас морав да седам до него и да молчам. За моја несреќа во гравот се најде некое зрнце јако, недоварено, а останатите зрна се распаднале од долгото готвење. И тогаш почна да вика , како јас сум била виновна, ме нарекуваше недомаќинка, нареди да ги одберам јаките зрна. Се обидов но залудно беше очигледно е дека сака кавга и ми рече: „Tргни ги оти ќе ти го акнам тенџерето од глава“.Искрено, се исплашив, и само од страв станав од столот и се укочив незнаејќи што повеќе да правам.
Ме погледна и во ист миг почна да фрла со приборот по мене.Чинии, чаши летаа на сите страни и на крај ја исфрли и масата. Децата плачеа, тој се дереше, а јас во солзи треперев. Со страв отидов децата да ги смирам и однесам во другата соба, велеќи им дека се е во ред и дека тато го боли главата, затоа така направи, и дека се ќе се среди.

Ги однесов во собата и им пуштив музика за да не слушаат што се случува во дневната. Се вратив назад, го гледам легнал на троседот, со запалена цигара во уста задремал. Полека, тивко зедов да чистам, плашеќи се да не го пробудам…Средив колку можев, флеки од храна на сите страни, искршени чинии,стакло. Отидов кај децата и си легнав покрај нив, тие ми беа извор на енергија и желба за подобро утре.

По неколку часовно дремење на тросед, стана во уште полоша состојба, жалејќи се од мачнини и болки во глава и желудникот. Посака кафе, му направив. Носеќи го кон малата маса во дневната тој ми го оттурна со раката со изговор дека не сака, му се лоши. Во тој момент филџанот со кафе се најде на под оставаќи траги од врелото кафе на мојата рака, и при тоа ми рече дека сум несмасна и не внимавам, иако тоа не беше моја вина. За се и секогаш мене ми префрлаше, за да се чувствувам очајно.

****

Ќе издвојам и друг пример кај што со години наназад ми беше говорено дека бракот е компромис, а јас бев таа што секогаш се адаптирав со неговите барања, потреби.Бев  принудена да се збогувам со мојот чеиз/мираз, односно златото, за да му ги отплатам неговите натрупани долгови. Не бев свесна дека долгите ноќи излезен од домот тој не печалел за семејството туку заглавувал со пријатели и познаници по кафеани и клубови. Еден ден си дојде дома нервозен и лут и почна да претура по моите работи, барајќи пари, а при тоа наиде на моето злато што си го донесов како мираз, покрај се друго што моите родители со мака ми го спечалиле и од срце дариле. Тој ми го зема со изговор дека морал да плати некој наводно наш заеднички долг во банка. Кога се врати во доцните часови пијан и несвесен, го прашав каде се парите од златото и тој со насмевка на лице ми рече -отидоа онаму кај што поминувал најмногу време, во клубовите и кафеаните онаму каде што должел. И ова било компромис, заеднички влог во иднината на семејството.

****

Имаше денови кога во неговите очи ке го пронјадев човекот за кого се омажив, и ми беше доволно да бидам среќна, одсекогаш скромна и небарајќи многу од животот.
Но среќата многу кратко траеше.
Една вечер доцна си дојде пијан како и вообичаено, се соблече и легна до менe. Имав женски циклус, па си легнав порано. Се соблече и легна до мене, почна да ме трга, зборуваше неразбирливо, се разбудив, пуштив светло, очите му беа црвени. Беше могу груб, насилен, го одбивав бидеќи не се чувствував добро. Ме фати за врат и ме примора на секс. Откако си се задоволи тој си се сврти и заспа. Јас останав да лежам во крвавата постела,од страв не се ни поместив иако чувствував голема болка на вратот. Секогаш се обвинував себе си, мислејќи дека грешам, без искуство.
Следниот ден се однесуваше како ништо не се случило, дури ме праша како сум ја добила модрицата на вратот. Само го прашав:„ зарем не се сеќаваш?“
Му кажав се до детаљ но тој со негирање ме обвини дека тоа се измислици.
Но нели женско како женско морам да премолчам и да не му прекорувам на сопругот?

****

Мене ме воспитуваа дека зборот на мажот мора да се почитува и неговиот збор е последен. Дека грешката е до мене, а не до него и ќе мора да се адаптирам според неговите потреби,дека треба да молчам,а не да го искажувам своето мислење. Генерации наназад се воспитувале женските да бидат покорни на зборот и делото на мажот, можеби баш поради тоа им се дала преголема моќ на машкиот род. Злоупотребувајќи ја својата улога станал угнетувач на женското его!

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ