понеделник, декември 23, 2024
домаНасловнаЖенски приказни: Кога татко ми ја тепаше мајка ми, застанував меѓу нив...

Женски приказни: Кога татко ми ја тепаше мајка ми, застанував меѓу нив за да ја одбранам!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Една од најтешките работи што човек може да ги направи е да ги сподели јавно своите најболни емотивни моменти. Од друга страна пак тоа е толкаво олеснување, што ти се чини како тој тежок животен товар да си го оставил зад себе, во моментот кога јавно ќе ги искажеш. Овој пат станува збор за млада, убава, едуцирана девојка, со големи планови и желби пред себе кои сака да ги оствари со полна брзина, додека зад себе го остава багажот полн со горки искуства, поради семејното насилство.

-Само од себе ми дојде да прозборам, чувствувам потреба да застанам во одбрана на жените кои трпат и молчат. А и нивните деца, и најблиски. Пссст, за тоа не се зборува пред другите. Но, зошто? Сакам да дадам свој прилог го борбата за заштита на жената. Пред да почнам да ви раскажувам за себе, да нагласам дека јас многу си ги сакам мајка ми и татко ми, тука да нема дилема. Моите родители и прекрасниот брат што го имам, ми се светост, со стегнато грло сама го отпочна овој разговор.

Таа се потсетува:

-Накратко, по преживеана траума во борбите во поранешна Југославија, кога се распаѓаше, мојот татко кој бил на одговорна функција, доживеал нешто што му го поматило умот и чувствата. Тој, нагло станал друга личност, тој станал ѕвер кон мајка ми. Јас како малечка не се сеќавам на нивните “драми”, ни моментот кога тој мене и брат ми неразумно не однел неколку дена од домот, со цел да не земе за себе, но доволно се сеќавам кога летаа шамари кон мајка ми, а јас веќе почнав да го осознавам светот. Иако бев малечка, ме болеше тоа што ја тепа и застанував меѓу нив. Тоа им стана секојдневие, жена како жена нешто ќе префрли, и наместо дијалог имате тепање. Еднаш, во последен момент, кога застанав меѓу нив, не сакајќи да ме повреди, замавна со раката, се сврти кон шифоњерот и го удри и искрши со бокс. Глетката беше ужасна, ни раскажува девојката.

-Многу настрада мајка ми поради тој негов карактер и комплекс, но она што зачудува, таа секогаш се му простуваше и го прибираше назад во станот, каде живеат и ден денес, иако веќе две децении се разведени официјално. Јас тоа никогаш не би го сторила. Нема да му простам на партнерот ако крене рака врз мене.

За себе вели дека од многу мала го сфатила овој сериозен проблем, но и самото решение:

-Можеби ќе ви делува чудно, јас од малечка инсистирав мајка ми да го остави татако ми. Децата, обично имаат комплекс ако родителите не се сакаат и се караат, јас од мала го надминав тоа. Доколку се работеше за друг тип на личност, замислете како би го поднела овој момент, кога во петто одделение школска другарка ми влепи шамар и ми рече – “твоите се разведени”, а јас не се грижев поради тоа. Јас посакував да се разведени, колку и да звучи тоа грубо за околината.

Со сета свесност и зрелост девојката има свои идеи во врска со својата посветеност на оваа тема.

-За дете е несфатлива било која причина доколку таткото ја тепа мајката. А и неоправдлива е. Тешко е да гледаш како некој ти ја напаѓа и тепа родената мајка, особено ако тоа е родениот татко. Тоа боли. Но, кога нема начин да се среди нивниот брак подобро е да се остават и да се проговоти за тоа. Насилатвото не смее да се крие и прикрива. Доколку во иднина работам јавна професија подготвена сум јавно да учествувам во кампањи и акции на оваа тема. Впрочем, и самите гледаме, светските ѕвезди кога ќе станат мега популарни и богати, ќе го откријат својот проблем, не заради слава и пари, туку заради пораката која мора да ја испратат и пренесат, на база на своето горко животно искуство.

Текстот е дел од проектот „Не молчи, пријави насилство“ на Новинари за човекови права и WWDP

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ