петок, декември 20, 2024
домаНасловнаЖенски приказни: Насилството на естрада!

Женски приказни: Насилството на естрада!

Присутно е. Во „доволни“ количини. Не можеме да кажеме во големи, зошто не сме информирани за се она што им се случува на ѕвездите зад затворени врати, или во нивните домови. Ама зад сцена, по малку и се наѕираат нивните карактери и нивниот стил. И, додека во странските медиуми, главно поради публицитет, ќе прочитате за тепачките и физичките пресметки на ѕвезди од различен калибар, кај нас луѓето од естрада не зборуваат (гласно) за тој дел од својот живот, иако често пати сме слушнале или виделе „случувања и приказни“ со такви содржини.
„Каде има чад, таму има и оган“, велат, а за да се каже нешто такво, мора и нешто да се случило. Некои се на ниво на трачеви, а некои потврдени од самите „учесници во настанот“. Главно се случувало поради прељуба и неверство, или сомневање поради споменатото. И главно се случувале под влијание на алкохол, или други супстанци. Како, и од бес и лутина. Од она што е објавено излегло на насловна страница, две такви афери зедоа поголем замав- Тв водителка и сопругот, и поп пејачка и сопругот, кои по тие афери доживеаја брачни бродоломи, односно разводи. Од јавно познатите физички насилства се споменува и онаа на поранешна фолк двојка, во која сопругот ја напаѓал сопругата на јавни места, каде што настапувале, фолк пејач кој во лутина и чашка алкохол пред сите ја шамарал својата сопруга после фестивал, фолк пејачка која била претепувана од својот поранешен, помлад, невенчан партнер, рок пејач кој дури и во центарот за социјални грижи ја нападнал својата поранешна сопруга, рок пејач кој ја напаѓал својата сопруга итн итн.
Но, што е заедничко на сите овие физички насилства? Самите изведувачи јавно никогаш не ги потврдиле, и дури на извесни новинарски прашања или написи реагирале дека тоа не е точно, и дека „не е баш така како што се кажува“.
-Измислица е, не сум ја тепал својаат сопруга, ќе ви речат, а сопругата ќе потврди дека е така.
Прикривањето на насилство е одлика на домашните естрадни уметници и нивните партнери, затоа што средината е мала и доколку се слушне за таква информација можно е кариерата да му земе надолна линија. На Балканот пак, речиси и да нема седмица во која не излегува по некоја таква сторија. Како да излезе „мода“, за секоја макар и најмала пресметка тие дури и сами се обраќаат во медиуми. За да влезат во центарот на вниманието, макар тој ден. Поентата е да се „улови“ што повеќе публика, која медиумските објави ќе ги шерува на своите фб или твитер профили, а медиумте да му/ или и посветуваат внимание на жртвата, со цел да добијат поголема читаност. Се останува на тоа, ретко сме прочитале завршен извештај, потоа, од полицијата. Ако некогаш популарноста им растеше со хитови, концерти, турнеи, сега веќе тоа е „минато време“ и сега нивната популарност и препознатливост расте со медиумските објави и нивните шерувања, па макар немале ни хит. Ваквите постови, најмногу поминуваат кај публиката, се читаат поради сеир и ретко кој го поставува прашањето „а насилство врз жената?“.
Она што е карактеристично е што кога летнал по некој шамар најчесто се третира како „кој се тепа, тој се сака“, „штом се тепаат, нема да се разделат, силна е нивните врска, пак ќе се смират“, „Алкохолот е виновен за се, не се тие“ и сл. Манифестирањето насилство и измачување, е најчесто појава која ако еднаш се појавила, таа и ќе се повторува. Некогаш со многу силен интензитет. За жал на естрадата на балканот познати се и случаи на деликти од најтежок вид, кои настанале поради љубомора, или пороци. Кога се обработуваат тие стории, од новинарите, ќе прочитаме дека тоа често им се случувало, караници, тепачки, разделувања, смирувања….Од оние текстови кои ги паметиме напати се дури и афирмативни за напаѓачот. Извесна српска пејачка пред неколку години изјави „Му простив на момчето што ме колеше“, за да внатре во самиот текст прочитаме дека всушност ја нападнал и и напрваил „мала посекотина“ со остар предмет и таа тоа им го кажала на полицијците кои га повикала, и сето тоа поминало „глатко“. Ваквите објави се најкарактеристични за жолтиот печат, кој всушност е и најчитан, и во својата порака содржат голема опасност, преку еден лесен хумористичен манир, насилството да се прикажува како смешна , гротескна и секојдневна ситуација, „базира на Љубов?!“.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ