За да се возите со скопскиот јавен превоз, односно во автобусите , треба да имате “коњски нерви” и голема среќа, за патувањето од 20-тина па и повеќе минути да ви помине во ред. Оние кои се возат секојдневно може томови книги со доживувања да напишат. Во градските автобуси “авантурите” почнуваат уште (рано) наутро, со првото возење. Ова, особено се однесува на оние постари автобуси каде прво мораш да поминеш кај возачот, а потоа кој како ќе дојде да се наццкаат еден до друг, како риби во конзерва. Уште и кога ќе влезе контрола (која најчесто е под ниво на комуникација) се создава неподнослива ситуација и “бојно поле” во кое секој учествува на свој начин.
Според приликите (познати) во државава, на една страна имаме купување на службен автомобил за приватни цели од 600.000 евра, на друга страна тормозење и јавно бламирање на патници, кои немаат воопшто или немаат доволно, да си платат билет од 35 денари, и тоа е жариште од кое се создава “пожар” од реакции во автобусите.
Откако кај некого ќе се утврди дека нема билет,или не сака да купи, почнува(ла) караница на релација возач- патник, во која најчесто се споменуваат пцовки упатени кон женскиот род. Во случаи кога и двајцата се лесно запалливи , често пати возачот станува, го напушта своето работно место/седиште, и тргнува физички да се пресмета со натрапникот. Тука рипнуваат останатите патници, ги делат, но нервозата се зголемува со коментарите и довикувањата од сите страни.
-Вози мајсторе, доцнам за на работа. Не може вечно да чекаме!, ќе подвикне некој од патниците на што возачот повторно има коментар “и за тоа ли да ти се секирам?”.
Качувањето на контролата (а во последно време сочинета и од крајно непроверени ликови за таа работа) е момент кога треба да се земе и апче за смирување. Почнува урлање, расправии, натегања од типот “ти плаќам, не ти плаќам, кој си ти, кој си ти да ми кажеш, мајка шајка…”.
Контролната екипа, во многу случаи, не внимава дали ќе посвикне над дозволениот кодекс на однесување, дали се однесува несодветно кон постара жена, трудница или ученичка. Многу примери покажале дека честопати станува збор и за необучен кадар, а оние кои се професионалци велат дека тие имаат поддршка од повисоки инстанци во фирмата, и одобрување на насилниот однос и од нивна страна.
За илустрација, неодамна во автобус во Прага влегоа двајца убавци, налик на стујарди, со иста униформа. Откако исконтролираа кој има билет и установија дека има тројца патници без билети, само си запишаа на ливче, евидентираа и си заминаа. Не им побара ни лична карта ниту им префрлија ни збор. Во еворпска земја каде за нецело евро си земаш картичка за врзано патување со автобус, трамвај, метро и се возиш дента колку сакаш. И превоз ти доаѓа на секои 2-5 минути.
За да се задржиме на темата ќе посочам два примери на кои бев сведок пред повеќе од една деценија. Во преполниот автобус во кој не се дишеше, впрочем кај нас автобусите се преполнуваат во недостаток на повеќе автобуси како што има во големите градови на секои 2-5 минути, на станицата кај хотел „Континентал“ се качи постара жена, со куп торби. И седна во близина на возачот. Картичката ја држеше во рака. И , одеднаш контрола. Почна едно мачно испрашување зошто нема билет, зошто не го отчукала и слично.
Жената се обидуваше да им објасни дека е асматичарка и дека прво седнала да подземе воздух, па после ќе ја чукнела картичката во апаратчето. Тие не и поверуваа па почнаа да ја навредуваат дека лаже, дека се „шверцува“ и слично. Тогаш големата маса луѓе почна да им вика на контролорите,а контролорите да им одговараат. Набрзо се поделија и патниците, некои ја бранеа жената, која немаше да им даде лична карта, некои контролорите, кои сакаа да ја симнат и носат со себе. По само две станици возење, кај „Алкалоид“ автобусот беше принуден да застане и караницата во место стоеше можеби некои добри 20 тина минути, кога на крај контролорите се изморија од пресметката и ја пуштија да си оди, веќе расплаканата старица, а автобусот да продолжи да вози.
Многу понеподнослива беше една друга сцена.пред дваесеттина години. Во сивиот и кочан ладен и маглив град, речиси и немаше фрекфенџија на луѓе по улици, таа ноќ. Оние неколкумина кај хотел „Холидеј ин“, го чекаа последниот автобус кај 1 часот по полноќ, кој чинам доцнеше еден век. „Искантан“, стар, со цевка која зад себе оставаше цел облак, некое време ете го, се појави распаднатиот автобус, празна „хармоника“. Еден по еден, се качија премрзнатите патници. Последни беа маж и жена. За да опишеме подобро како изгледаше сето тоа мажот беше сув, ситен, испиен хроничен алкохоличар, а ни жената не отстапуваше многу од тој имиџ и статус, можеби и на бездомници. Тие тргнаа да влегуваат.
Откако ги забележа возачот дека немаат партичка а ни пари да платат, не им дозволи. Најпрво почнаа да го молат со зборови, па на колена, зошт онемало како поинаку да си одат , десеттина километри од тука, но тој не сакаше ни да чуе. Почнаа да се расправаат. Се побучно и побучно. Го изгасна автобусот и тргна да земе некој метален предмет за секој случај, зошто ја разгоруваше атмосферата самиот тој. Во меѓувреме влегоа двајцата пијани патници, со едно шише во рака, а возачот залетан се стрча да ги брка , тегне и фрла, како стари партали. И тие не се даваа. Едно време успеа да ги симне, но уште не го стартуваше ладниот автобус.
Караницата кулминираше со тепачка, на која патниците останаа рамнодушни и воајерски гледаа. Кога некој предложи да плати билет за двајцата, робусниот и телесно набиен возач се закани дека ако не молкне и него ќе го симне. Се тегнеа возачот и двата патници на врата Едно време патникот ги фати цврсто со раце двете метални шипки на влезната врата и ги стегаше со раце и и рече на жената да влегува. Таа се мушна под неговите пазуви, се протна и влезе. Откако тоа го виде возачот, дозбесна. Почна со стапалото да го удира и клоца човекот во гради, безмилосно. Тој го молеше барем да ја земе жената. Жената кога ги виде силните клоци во градите на придружникот, се врати и со пискање застана пред мажот како жив штит. Возачот сега почна со истата тактика, да ја мава и неа. Качен неколку скалила на влезот, а тие се уште однадвор, ја користеше ситуацијата што тие беа доволно пониско и маваше ли маваше со клоци право во нејзините/ нивните гради. Клоца по клоца, успеа.
Ги отфрли и кутна и двајцата на тротоарот. Повредени. Изнервиран и среќен што ја постигна својата цел, во истиот момент ја затвори вратата,го стартуваше автобусот и тргна. Патниците молчеа. Кога една патничка му најави дека ќе го пријави , насилнимот возач само се заврти и грубо ја праша „сакаш и ти да леташ како оние две ѓубриња? “. Патничката побара сведоци за да пријави, сите одмавнуваа со глава. „Каде ќе пријавиш, а и што фајде? Мислиш закон има за вакви насилства, мислиш ќе има ефект пријавувањето?“ ја подучија останатите патници и случајот остана затворен и недостапен за јавност. Се до овој момент…
Валентина Ѓоргиевска Парго
(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)