недела, декември 22, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖенски приказни: Новогодишната ноќ како траума од психичко насилство!

Женски приказни: Новогодишната ноќ како траума од психичко насилство!

Пишува: Валентина Ѓеоргиевска Парго

Новогодишната ноќ е предодредена за веселба, топлина, мир, хармонија, добар провод и дружба со драги луѓе. Каде и да е, со кого и да е,  секој тежнее таа вечер да ја помине лудо, незаборавно, убаво и спокојно, во рамките на своите можности. Можеби и би било возможно, доколку сето тоа зависи само од нас.За жал многу работи не зависат од нас самите, па често пати најлудата ноќ за некои може да се претвори во трауматична ноќ.

***

Женската самодоверба на една соговорничка е најмногу разнишана токму за новогодишната ноќ. За секоја. Таа во себе носи долга траума, која се влече веќе три децении. Уште полошо, долго не била свесна за тоа.

-За една Нова година, кога јас бев речиси спремна за излегување со друштвото на моето момче, со кого планиравме и брак, доживеав нагло голем и зезаборавен стрес. Се подновив, со нова облека, како што е ред, ја разубавив мојата коса со интересна фризура, дома весело разговарав со моите во предновогодишна атмосфера и некако чекав да дојде 20 часот , да ме земе моето момче и да заминеме на прослава. Таа година воопшто и не бев го прашала каде договори да одиме, тоа веќе беше негова обрска во нашата повеќегодишна врска. Кога се наближа часот, а него го немаше да се јави, јас го побарав во неговиот дом. Се јави тој, и ладен ми рече дека нема да оди никаде за Нова година. И побрза да го прекине нашиот разговор. „Не одам никаде!“ беше неговиот дефинитивен одговор, без објаснување. Половина час потоа повторно му завртев на неговиот телефон да го прашам што го предомислило, а и да го поканам кај мене дома, но се јави неговата мајка, изненадена зошто уште сум на телефон.

-Виктор се спреми и излезе пред половина час, зарем не сте заедно? Го побараа другарите, се договори и излета набрзина низ врата? Каде си ти? Ме праша.

И одговорив дека сум дома, и дека изгледа е на пат накај мене. Претчувството ми велеше дека некаде е заминат, без мене. Со друга. Не ме излажа.

Моите почнаа да прашуваат зошто не сум излезена со Виктор и зошто го променив планот, не знаев што да им одговорам. За да биде уште потрауматично, и за да не можам да се заклучам во соба и да плачам, родителите веќе беа викнале некои пријатели кои мораше да ги дружам цела вечер. Ги стегав солзите во грлото. Се се тресеше во мене. Секој дел од телото. Мислам дека во мене нешто таа ноќ како да експлодира, заедно со огнометот надвор, и оттогаш не сум истата. Можеби некој би рекол, „тоа не е ништо, тоа е само мал и незначаен момент“, но тогаш се скрши нешто во мене. А бев млада, како цвет. Виктор замина таа вечер, со друга девојка. Ги фрли под нозе сите наши години. Оттогаш сум доживеала многу убави Новогодишни дочеци  но во мене нешто се стега и ден денес, и последниве години решив да сум дома. Често, како последица на таа траума преку целата година  сонувам дека е 31 декември и дека се е магично наоколу а јас се подготвувам да одам на прослава со друштво, и одеднаш сите исчезнуваат од сонот, останувам сама, и тешко ми е и чувствувам болка и во сонот. Таа траума е поврзана со неговиот несериозен карактер, кој ми нанесе длабок психички рез, без никаква причина, и без ниакква конкретна наша разделба!

***

За жените кои живеат со порочни мажи, како и секој друг ден во годината, и новата година знае да  стане неизвесна и да им предизвика голем стрес. Средовечната Даница се потсетува дека нејзиниот сопруг, токму една новогодишна ноќ, неколку часа пред прославата ги прокоцкал сите пари и немала да им даде на нејзините деца тинејџери да заминат на дочек со друштво. Солзите и нерасположението ја исполниле таа вечер, и ден денес не може да си прости што нејзината ќерка како повеќе солзи  да пролеала дури и од  парчињата од огнометот на небото. Не само што не отишла на дочек и цела вечер плачела,  девојката во зори завршила на Клиника откако добила алкохолно труење со домашната ракија која ја проголтала во поголема количина и на екс. Потоа семејството доживеало низа непријатни ситуации. За да биде уште полошо, и сопругот се испијанил и почнал да ја тепа, развикувајќи и само колку да се извлече од ситуацијата која ја направил.

-Беше зависник од коцкање, едно време малку понамали со одењето во казино. Тие неколку месеци вети и навистина не стапна ни во казино, ни на томбола а и не конзумираше алкохол. Долго жиеевме под стрес  поради неговиот опак карактер кога ќе изгуби пари и кога ќе се напие. Кога видов дека не излегува како порано да се обложува и да се  коцка, некако се подлажавме дека „волкот го сменал и карактерот а не само влакното“. Од работа доаѓаше дома одмараше и некако ќе легне да одмори, ќе се смири, ќе се успокои. Беше благ и во односот кон мене. Како да беше го смирил нагонот за хазардерство. Но, сето тоа беше само мамка.Тие неколку денови заедно разгледувавме  нов мебел за во собата од нашата ќерка, како подарок за нејзиниот успех на училиште, која по таа ноќ попушти и на училиште. Заштедените пари беа во него, му ја дадов и мојата плата, за да се парите  на купче, и за да следниот ден заедно набавиме се што треба за дома. На 31 декември од работа не се врати, иако тој ден работеше со скратено работно време. Кога се врати, веќе ви раскажав што се случи.

***

-Таа вечер сакав да му се заблагодарам на Мики од сѐ срце за сите прекрасни моменти кои ги поминавме заедно таа убава година, прва наша  година заедничко живеење, во која имавме безброј остварени планови и да се подготвиме за заедничкиот дочек со неговата сестра и сопругот. Бев многу расположена, сметав дека уште поубави моменти ќе следат по Новата година. Мики беше организиран човек кој не оставаше ништо за последен момент. Јас ја подготвив масата, ја декорирав најдобро што знаев и умеев, како млада свршеница. Пред тоа претходеа набавки и подготовки цела седмица. Од него се очекуваше, само да го донесе виното, специјална сорта за кое сите „гласавме“ едногасно, да се најде на нашата трпеза. Таа година моите се преселија во странство, а јас, иако единица ќерка решив да останам со него. Првата наша Новогодишна вечер се случи најмалку посакуваното. Тој наместо во 16 часот се врати кај 18 очигледно бесен, нервозен на нешто сосема друго, и на моето малку прекорувачко прашање-„каде си, зошто доцниш?“, тој се претвори во ѕвер. За само 15 тина секунди мирниот стан стана бојно поле. Ме повлече за коса и почна да ме треска од ѕид во ѕид, да ме клоца и боксува, дека јас не сум таа што треба нему да му каже кога треба да се прибере дома. Почна и со навредувачки зборови и пцовки. Ме исфрли надвор. Ми ја заклучи вратата. Седев под балконот. Ѕвонев неколу пати на домофонот, не отвори. Се вртев натаму, наваму, целата исплашена. По еден час се вратив и погледнав кон станот. Во него веќе светлото беше исклучено, а тој некаде заминат. И ден денес не знам што се случи и зошто така изреагира, знам само дека останав цела вечер да влегувам по влезовите од зградите ко божем барам некого,  и да ги гледам луѓето кои прво заминуваа среќни и полетни, а се враќаа уморни од дочек, а со пукотот од огнометот пукаше и моето срце на парчиња. Бев како од бајката „Девојчето со кибритчињата“. Сама, неправедно отфрлена, скршена, тажна  и очајна. Само неколку часа пред тоа ги броев минутите од радост, а сега на скалите од непознат влез ги броев минутите до разденувањето. Утрото се качив на автобус и заминав во местото од каде дојдов на студии во Скопје. Потоа, животот продолжи…Новата година за мене и ден денес не е радосна вечер, кога сум во прегратка на добриот мој сопруг и децата, има нешто тажно во неа, на што обично најмногу ме потсетува звукот од огнометот на полноќ…

 

Logo_Pro_1(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ