петок, декември 20, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖенски приказни: Потценувањето, како категорија со трајни последици!

Женски приказни: Потценувањето, како категорија со трајни последици!

Пишува:Валентина Ѓоргиевска Парго

How can u respect a women that don’t respect herself?
(Како можам да ги почитувам жените кои не се почитуваат себеси?) Ова прашање веднаш на новогодишните празници на својот фејсбук профил го поставил извесен Американец Брајан П.

Верувам дека ова прашање се наметнува и кај секого од нас, кога ќе наиде на таква личност, без разлика личноста каков општествен статус поседува, образование, финансиска положба.

Едно од оние анегдоти кои се прераскажуваат веќе две децении е случајот со едно ТВ лице, кое на работно место како да се правела дека не ја забележувала својата мајка, која била хигиеничарка или  кафе-куварка таму. Тој нејзин однос, и ден денес се апострофира во одредени моменти, иако во меѓувреме истата таа водела разработен семеен бизнис а и мрднала подалеку од тој низок сталеж во кој, според стереотиите, спаѓа  и работното место, што укажува на  „неедуцирана, личност од пониските слоеви“.

Следен конкретен пример на кој ќе се осврнам е пофалбата од еден родител за својата ќерка; „нема зима веќе за неа, роди девојче од европски познат и богат човек!“, коментар кој се однесува на моментот дека сега веќе нејзиниот паричник ќе биде полн – со алиментацијата што ќе ја зема. Ко божем тоа е најважно! Без да се внимава дали на тој начин е потценета женската страна.

Третиот вистинит случај на кој се осврнувам во овој текст е сознанието за разведен богат татко кој при средбата со своите деца, при богатото парично наградувања, им го кажува својот агол на гледање за нивниот брачен крах и ја обвинува мајката. А, потоа тие и се обраќат со погрдни зборови, без да ја сослушаат и нејзината страна од „приказната“. Постои и случај во кој родителот не им дозволува на своите деца да ја посетуваат мајка си, со која е разведен, само поради нејзината хомосексуална определба, што пак создава разочараност кај неа.

Овие, навидум банални случаи, целосно ја откриваат матрицата на размислување на голем дел од луѓето во околината, а ја ставаат жената во една навистина подредена состојба. Таа, може, треба и мора да биде ценета само ако има добра работа, добра плата, а за нејзиниот карактер не станува збор.Не ретко се обезвреднува жената со зборови дека ако била паметна повече ќе постигнела за себе, за своето семејство, со своето образование.

Од друга страна, и самите сме сведоци дека многу пати кога ќе сакате да честитате брак на некои младенци, прва информација која ќе ја слушнете од нејзините блиски, уште пред да го споменат и името на младоженецот, ќе се пофалат – „нашата ќерка се омажи во богато семејство, свекорот е судија, свекрвата докторка, зетот има своја фирма, магистратура, има „мерцедес“, има свој стан“, без да сфатат дека со тоа автоматски си ја потценуваат својата ќерка, како помалку вредна, помалку образована и понеситуирана.

Ваквата појава е мошне омаловажувачка за жената. На ниво на најниско потценување. Зарем жената треба да биде ценета само ако е млада убава, обарзована и со добра работа и добра плата?

Се случува и доколку ве запознаваат со одредена жена да ви кажат- „таа е сега продавачка, ама порано работеше службеничка, колку беше модерна, имаше свој автомобил“, ко божем ако работела како службеничка и имала свој автомобил била повеќе битна и вредна отколку сега.

За да се уважи жената, не треба да се гледа нејзиниот социјален и материјален, како и едукативен статус. Треба да се гледа нејзиниот карактер, нејзиниот  придонес во семејството, и секако и во општеството. Секоја професија е важна, секоја. Доколку се работи чесно.

Да ја натераш жената да се чувствува понизно и пониско, тоа и создава една, за јавноста, невидлива внатрешна болка во неа. Тоа често пати ја тера да ги впрегне сите свои сили и со натчовечки напори да се бори за на своите деца да им обозможи подобра егзистенција, подобра облека, подобри патувања, и подобра едуцираност од нејзината,  што од друга страна има последици по однос на нејзиното здравје.

Често се случува ако мајката е работничка, децата да не сака да ја претстават пред своето друштво. Исто и доколку е од село. Или доколку има „селски манири“.

Има и деца кои се срамат од своите мајки, доколку тие се однесуваат недолично, преку несоодветно однесување и облекување – доколку покажуваат повеќе отколку што доликува на годините. Ставаат фотографии на фејсбук по долна облека, костими за капење, мини здолништа, жешки куси панталони. А веќе влегле во некоја средна возраст, но се однесува како тинејџерка. Потценувањата сега одат во таа насока што повторно жената е мета со своето провокативно однесување. Во тој случај се случува децата да се револтирани и да ја нарекуваат со погрдни имиња својата мајка. Да се срамат од неа. Се разбира дека ова е чуствителна тема, на која и самата жена треба да изнајде мерка како се однесува во јавноста, дотолку повеќе ако одамна надминала некоја младешка возраст.

Потценувањето и обезвреднувањето е рамно на навредувања, а навредувањето е еден од вид на психичко малтретирање.  Со култивиран однос, треба да се прекине да се размислува со потценувачки однос кон жената. И пред се, како во воведниот дел од текстот, жената треба сама да се почитува, и да е почитувана од најблиските, за да може и другите околу неа да ја почитуваат.
Logo_Pro_1(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ