петок, декември 20, 2024
домаЖивотСоцијална политикаЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Се плашам во ходник да го сретнам сопругот  да не...

ЖЕНСКИ ПРИКАЗНИ: Се плашам во ходник да го сретнам сопругот  да не ме силува

Скопјанката Марија М. долго време нема мирен сон и спокојство. Насилството кое го трпи од својот венчан сопруг стана нејзино секојдневие и кошмар. И  не само физичкото насилство, сексуалното е она што уште повеќе ја убива нејзината психа.

Во бракот со Миле, со кого е повеќе од две децении, не цветале рози но работите горе- долу биле под контрола. Неговиот насилен карактер доаѓал до израз најмногу во кафана, каде физички се пресметувал со соговорниците кога алкохолот ќе ја преминел критичната точка, за што и неколку пати одлежувал куси затворски казни. Со неа знаел да биде груб, да ја изневерува и тоа да мора да биде прифатено како нешто сосема нормално, се до пред некоја година кога насилникот ја променал тактиката. Жртвата овој пак е повторно неговата сопруга, сега веќе во една поинаква варијанта- од неа се бара да биде негов сексуален објект секогаш и секаде кога тој ќе посака, а кога ќе одбие, следува физички напад и силување.

-Миле беше мојата тинејџерска љубов. Кус период пред него имав една лабава врска, а штом го запознав од прва сфатив дека е човекот на мојот живот. Се заљубив. Беше многу убав и не можев да се разделам од него, а неговата потреба да доминира како маж, ме освојуваше, со сеќавања ја почнува својата исповед Марија.

Првите години од бракот, и преселбата од град во едно од околните скопски села, заедно со неговите родители, им донеле некоја привидна хармонија. Се родиле двете деца, таа била задолжена за грижа за нив, додека тој  печалел, работејќи главно физичка работа. Тука биле и свекорот и свекрвата за да ги поддржат финансиски и материјално, така што нејзиниот брак изгледал надежен и успешен. Се спасила од сиромаштијата во која живеела со разведената мајка и полубратот.

Повремените испади на Миле, кои за неа станале очигледни  уште во првите години на бракот, биле премолчувани од нејзина страна, додека ја одигрувала улогата на заљубена сопруга и совесна мајка и снаа. Како што изминувале годините, децата растеле, а сопругот малку по малку покажувал поголеми склоност кон насилството. Оправдувањето на свекорот и свекрвата, кои припаѓаат на понеобразованиот слој на граѓани, секогаш било дека- „тој е мажот во куќата, па и да се опие и да удри некој пат, тоа е сосема нормално“.

-И мене ми изгледаше нормално сопругот понекогаш да дојде пијан и да ме удри и без причина, уште повеќе што потоа сето тоа завршуваше со водење љубов и сметав дека сум сакана и посакувана од него. Дека тоа е сепак прашање на заљубеност и страсти. Ги навикнав тие сцени и ситуации, беа подносливи до некој степен.

Последниве десеттина години прво останал без работа, подработајќи овде- онде, се покривале со пензиите од родителите, а потоа нашол добра работа во добра фирма.  Паралелно и Марија се вработила како хигеничарка во една фирма, и во моментот кога изгледало дека финансиски стапнува на постабилно тло, Миле повторно за брзо останува без работа. Почнал да заглавува во кафана почесто, почнале се почести несогласувања. Одвреме навреме сексуално ја злоставувал додека спиела.

-Последниве години силувањата станаа моја реалност. Ме силува дома, не ме ни прашува дали сум во состојба во овие, за жена критични години , дали може да сум секогаш расположена за сексуални активности. Често пати за момент што не не начекаат и  децата, кои се веќе тинејџери. Не можам ни во тоалет да влезам, веднаш по мене. Штом ме начека во ходник, одма ме влече за рака и морам да имам секс со него. Не гледа на кое место и дали има ризик да бидеме видени. Сексуален напад врз мене се случи и за време на домашната слава, кога ме одведе во бањата, додека гостите седеа на маса и разговараа. Тоа не е ни секс, ни водење љубов, изживување е. Напати не ми се живее, ја објаснува својата мака Марија.

Се обидела да разговара со свекрвата, не наишла на разбирање.

-Нејзиниот договор е дека јас сум жена и ако мажот не ми е задоволен, ќе оди по други жени, ќе се пијанчи.  Јас сум онаа виновната. Неколку пати ја молев да разговара со него, таа упорно ме одбива. Сопругот е безмилосен- едно утро, само што отидов на работа во фирмата, некој се довлечка по мене. Кога го видов се стресов.  Ме силуваше во тоалетот. Ме стегаше за врат. Не можев ни да писнам. На само неколку минути пред да дојде првиот вработен и да не начека во таква дивјачка ситуација, раскажува.

Марија е избезумена. Со децата не се чувствува доволно слободна за да позборува за овој проблем, а знае дека тие и не може да и го решат. Не знае каде да се обрати. Ако го напушти нејзината плата од околу 12.000 денари  не дозволува да си плаќа кирија, сметки и храна, а и кој гарантира дека тој нема да затропа во доцните часови и да ја малтретира. Главниот притисок да остане во бракот-пекол доаѓа и од страна на нејзината мајка, која не и ја укажува својата поддршка. Наводно ја сфаќала, од една страна, а од друга страна ја прашал- каде ќе одиш со деца за мажење, за женење? Мисли малку и на децата, не само на себе. Срам е во народот да се расчуе каков ти е бракот. Си збеснала.

Марија се исповеда по пријателки и вели дека прашање на време е кога овој проблем ќе прерасне во нешто „поконкретно“, во остуство на многу фактори и институции кои со трајно решение ја  заштитуваат жената од семејното насилство. Само стравува да не еден ден, во моменти на слабост,  и таа крена рака врз сопругот, или врз себе, не дај Боже, зошто жена без заштита и сигурна иднина, е непредвидлива што се може да стори во својот очај.

Валентина Ѓоргиевска Парго


(Текстот е изработен во рамки на проектот на WWDP, „Не молчи, запри го насилството врз жените“)

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ